Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди до Основнот јавно обвинителство Велес поднесе кривични пријави против И.А.(47), С.А.(51), С.М.(51), З.Т.(39), Т.А.(40) и Б.Ѓ.(45), сите полицајци при ПС за БПС Велес, а поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело -“злоупотреба на службената положба и овластувања“.
Пријавените во периодот од април 2008 до јули 2009 година, злоупотребувајќи ја службената положба и овластувања, постапувале спротивно на одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Истите делото го сториле со неизвршување на своите работни обврски односно со непреземање на службени дејствија што биле должни да ги преземат, поради што во вкупно 108 случаи на случени сообраќајни незгоди постапиле спротивно на чл.224 и 226 од ЗБСП согласно кој биле должни да извршат увид на лице место, а за констатираните прекршоци против прекршителите да поднесат соодветни поднесоци(прекршочна или кривична пријава). Со тоа пријавените И.А. во 37 случаи, С.А. во 28 сличаи, С.М. во 26 случаи, З.Т. во 15 случаи и Т.А. и Б.Ѓ. во по еден случај, им овозможиле на учесниците во сообраќајните незгоди за сторените дела ( прекршочни или кривични дела) да не бидат санкционирани.
Инаку неодамна, како што веќе информиравме, СВКПС поднесе кривична пријава за истото кривично дело и против уште тројца полицајци при ПС за БПС Велес, коишто на идентичен начин ја злоупотребиле службената положба и овластувања |