
Врз основа на Годишната програма за работа на ден 17.06.2010 година во организација на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во Центарот за обука во МВР се одржа работилница на тема: „Заштита на човековите права при примена на полициските овластувања“ на која присуствуваа припадници на Единицата за специјални задачи, Единицата за брзо распоредување и Посебната мобилна единица на полиција за борба против криминалот – Алфи.
На работилницата активно учество зема Трифун Танушевски заменик Народен правобранител кој што во своето излагање говореше на тема: „Улогата на надворешниот контролен механизам во заштита на човековите права при примена на полициските овластувања“.
Извршниот директор на Невладината организација „Коалиција сите за правично судење“ – Аница Томшиќ Стојковска во своето обраќање пред присутните говореше на тема: „Невладиниот сектор во заштита на корпусот човекови слободи и права“.
Во понатамошниот тек раководителот на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди д-р Анета Станчевска и претставници на Секторот во своето излагање пред присутните говореа за човековите слободи и права и пречекорување на полициските овластувања и на слушателите им презентираа примери од секојдневното работење на Секторот во кои полициските службеници при превземање на службените мерки најчесто ги повредуваат човековите права.
Во наредниот период Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди ќе постапува по Планот за превземање на превентивни активности заради заштита на Корпусот човекови слободи и права во полициската постапка и ќе спроведе кратки презентации во Единиците со припадниците на ЕСЗ, ЕБР и ПМЕБПК – Алфи |