Навигација

12.07.2010 Интервју на м-р Гордана Јанкулоска за Журнал
Јанкулоска: Има само една вистина за собранискиот инцидент



Вистини не може да има многу. Може да има само една, а се останато да бидат лаги и манипулации. Уште вечерта за време на инцидентот чувме дека „неидентификувано лице било пропуштено во Собранието и нападнало дел од пратеничката група на СДСМ“. Сето тоа ќе беше успешно сценарио и режија на некои сили кои знаат да функционираат само на овој начин, доколку не заборавеа дека вандалскиот напад над полицискиот службеник е снимен. После тоа веќе бевме сведоци на поинаква приказна

Журнал: Министерството за внатрешни работи, активно и постојано, работи на сузбивање на криминалот во Македонија. Предадовте и список со имиња на криминалци на министерот за внатрешни работи на Косово, а соработувате и со министерства и институции од други држави. Но, реалноста покажува сосема друга слика? Дали станува збор за несоодветен третман на криминалот како појава, немање капацитет во МВР да се бори против оваа појава или „октоподско“ ширење на криминалните активности во регионот?
 
- Кога се говори за „слика“ или нејзина перцепција се говори за индивидуално чувство кое може, но и не мора да биде базирано врз податоци и факти. А пред фактите и боговите молчат. Што е уште позначајно, криминалот е преширок поим и доколку сакате некаква анализа, неопходно е да се тргне од специфичните области.

Имено, доколку почнеме од најсериозниот вид кривични дела кои влијаат на перцепцијата на личната безбедност на граѓаните, односно убиствата, тогаш бројките велат дека во 2003-та година е регистриран неславен рекорд од 75 пријавени убиства. Слична тенденција продолжува и во наредните три години кога следствено имаме, 56, 53 и 51 убиство.

Свесна сум за апетитите на опозицијата да поентира дури и по цена на поигрување со чувствата за сигурност на граѓаните и со креирање паника со прогласување „црни недели“, но фактичката состојба вели дека во 2007 се случиле 42 убиства, а лани и преклани по 36 или за две години помалку од убиствата во 2003 година. Со речникот на СДСМ, тоа би требало да значи дека оваа гарнитура успеала двојно да ја подобри безбедноста во однос на 2003 година.

Доколку говориме за организиран или економски криминал, би морала да се согласам дека има огромно зголемување. Факт е дека до смената на власта во 2006 или воопшто не се водеше или се водеше фиктивна борба со организираниот криминал. За жал, цената ја плаќавме сите. Замижувањето и амнестирањето на криминалот резултираше со бројни критики од сите релевантни меѓународни институции, а „Транспаренси интернешнл“ не рангираше на мизерното 105-то место. Токму зголемувањето на откривачката функција и нултата толеранција придонесоа Македонија да се искачи за 35 места и да започне да добива позитивни извештаи. Точно е дека се соочивме со „Пепел“, „Метастаза“ и голем број други случаи, но тоа што сега беа откриени не значи дека не биле правени во минатото.
 
Журнал: Неоддамна се случи инцидент во Собранието на Република Македонија. Јавноста слушна многу вистини и многу информации. Која, според МВР, е официјалната верзија на настанот?
 
- Вистини не може да има многу. Може да има само една, а се останато да бидат лаги и манипулации. Уште вечерта за време на инцидентот чувме дека „неидентификувано лице било пропуштено во Собранието и нападнало дел од пратеничката група на СДСМ“. Сето тоа ќе беше успешно сценарио и режија на некои сили кои знаат да функционираат само на овој начин, доколку не заборавеа дека вандалскиот напад над полицискиот службеник е снимен. После тоа веќе бевме сведоци на поинаква приказна. Нападот, туркањето, влечењето, навредите, заканите и попречувањето во службената должност се туркаат на страна. Намерно се релативизираат, а гледаме обиди да се најде какво било оправдување за насилството кое фрла дамка не само на сите пратеници и на законодавниот дом, туку хулиганското однесување на неколкумина го урива угледот на Р. Македонија.

Сликата кажува повеќе од 1000 зборови, а не само граѓаните на Република Македонија, туку и целата меѓународна јавност можеше да ја види вистината. На снимките точно се гледа кој напаѓа и влече, а кој е професионален и одмерен. Кој турка и навредува, а кој се обидува да го смири насилството. Од сликите се гледа кој си постапува по службените овластувања, а кој го злоупотребува имунитетот и попречува и малтретира.

Очекувам и со дискисујата по интерпелацијат,а конечно јавноста да знае дали законите важат за сите други граѓани, освен за некои пратеници кои можат да се однесуваат насилно, да напаѓаат, да се закануваат и да навредуваат без за тоа да сносат никаква одговорност. Очекувам дека по завршувањето и гласањето за интерпелацијата, целата дискусија ќе влијае на враќање на разумот. Верувам дека ќе проработи совеста и дека поединците кои го предизвикаа инцидентот ќе ја преземат одговорноста и ќе го увидат срамот кој и го нанесоа на демократијата во Република Македонија.
 
Журнал: Актуелни се и протестите на синдикалците од УНИТ. Ве обвинија дека намерно не пуштате полиција на нивните протести и дека го злоупотребувате Законот за јавни собири. За што, всушност, станува збор?
 
- Доколку се обидеме сериозно да ги третираме настапите на лидерите на стечајните работници од приватните фирми ќе забележиме два апсурди. Првиот апсурд се политичките настапи, политичката поддршка и истата реторика на Црвенковски кој знаеме како влијаеше на нивните животи. Од таму веројатно произлегува и вториот апсурд кога наместо на принципиелни ставови, стануваме сведоци на класични политички прозивки.

Како поинаку да ги толкувате обвинувањата дека намерно не сме пуштале полиција, кога после секој обид полициските службеници да ја контактираат лидерката за да се информираат кога, каде и во колкав број ќе се протестира, таа заедно со своите партнери од митингот на СДСМ излегува и ја манипулира јавноста дека и бил вршен притисок.

МВР постапувало и постапува согласно законите. Сме ангажирале и ќе ангажираме полицајци согласно нашите можности и бројот на лица што протестираат. Друг е проблемот што инструкциите кон лидерката не се во насока дека основната цел е да биде пренесена пораката, туку да се предизвика револт кај што е можно поголем дел граѓани. Се сомневам дека таа, без соодветен налог, би се согласила да престане со блокирање на целиот град дури и кога Вие како медиуми би и ветиле дека ќе го пренесувате секое нејзино соопштение. Сето тоа говори и за инструкциите и за крајните намери, кои тешко може да се квалификуваат поинаку, освен како политички.
 
Журнал: Очекувате ли негативни тенденции по јавниот ред и мир поради недобивањето датум за преговори со Европската Унија и вознемирување на „етничките нетрпеливости“. Како МВР ќе одговори доколку дојде до несакана ескалација на проблеми од ваков тип?
 
- Не ја гледам директната поврзаност помеѓу меѓуетничката доверба и преговорите за влез во Европската Унија. Соживотот на овие простори постоел од секогаш. Не може некој да ме убеди дека Македонците и Албанците не живееле заедно во Тетово, Гостивар или Скопје и пред формирањето на Евроската Унија. ЕУ аспирациите се дополнителен заеднички мотив кој што не поврзува.

Членството во ЕУ е приоритет и на Македонците и на Албанците. Чесниот Македонец и чесниот Албанец се почитуваат меѓусебе. Тие заеднички ги бараат решенијата и излезот од пречките. Факт е дека не се сите чесни и дека може да се јават одредени структури кои би се обеделе да ги изманипулираат граѓаните, но МВР во континуитет ја следи безбедносната состојба и засега нема никакви посериозни индиции за каква било поголема опасност.

Изминативе неколку години оваа Влада покажа дека нема територија на која не би важеле законите, ниту има поединци кои би биле амнестирани за криминалот.
 
Журнал: Неодамна, внатрешната контрола во МВР покажа дека некои полицајци спијат на работното место, ја злоупотребуват службената положба, неовластено го користат оружјето, на работа доаѓаат во алкохолозирана состојба. Голем ли е бројот на ваквите припадници во министерството и како работите на нивно сузбивање?
 
- За да ја стекнете довербата на граѓаните и за да може неселективно да се борите против криминалот, најпрвин мора да го исчистите сопствениот двор. Факт е дека кога дојдов на оваа функција имаше катастрофални извештаи и во сите разговори со претставниците на меѓународната заедница ми беше посочувано на значењето на внатрешната контрола и неопходноста од враќањето на угледот на униформата. Факт е дека двојно и тројно ги зголемивме постапките против вработените во министерството и дека се санкционира и најмал прекршок.

Само лани, Секторот за внатрешна контрола по сопствена иницијатива, по претставки од граѓани, Народниот правобранител или други НВО-а, спроведе истрага во 1355 случаи, а кривично беа гонети 139 полициски службеници. Пред Комисијата за отказ биле покренати 432 постапки од кои 108 финиширале со откажување на договорот за ваботување. Се разбира, ова не може да се толкува како показател за идеалното функционирање на полицијата во минатото.

Напротив, повеќе говори за решителноста при воведувањето дисциплина. Во поткрепа на овие тврдења доволно е да се прочита последниот извештај на Европската комисија каде за прв пат гледаме позитивна критика. Имено, се посочува дека цивилните власти ја задржале ефективната контрола над безбедносните сили, дека внатрешната контрола ја зголемила независноста и го зголемила капацитетот за водење истраги кои биле реализирани согласно меѓународните стандарди, а се потенцира дека се почитувани одредбите за приведување и задржување. Токму со ваквата контрола верувам дека конечно ќе успееме да создадеме полиција која ќе биде вистински сервоис на граѓаните.
 
Журнал: Полицијата пронајде огромен арсенал оружје во некои делови на Република Македонија. Вие велите дека ја контролирате целата територија, иако еден угледен англиски медиум објави информација дека е прогласена „Република Танушевци“ каде полицијата нема пристап. Која е вистината и станува ли збор само за медиумско заплашување на граѓаните и одвлекување на вниманието од реалните проблеми?
 
- Кога само ќе се сетам на некои од насловите во дел од медиумите по големите акции во Бродец, Блаце и Радуша, не можам да не се запрашам дали стануваше збор за изолирани изблици на предвидувања или организирано наметнување на тези заради нечии интереси.

Доколку и се работи за организирано креирање психоза се прашувам кому му беше потребна и дали не треба да постојат скрупули при борбата за власт, дури и кога е во прашање безбедноста на државата. Сигурно ги паметите насловите во некои медиуми каде 2001 се поистоветуваше со 2010, за потоа Бранко Црвенковски „мудро“ да заклучи, како и тогаш, ВМРО одрекувало каква било опасност.

Поминаа неколку месеци, но од предвидувањата на „визионерот” вообичаено останаа само празни зборови. За среќа остана и впечатокот дека истите оние за кои Арачиново, Кондово, Слупчане беа забранета територија, не можат да се привикнат и се плашат од новата реалност дека доколку има волја, постои и начин како да се спроведува правото на целата територија. Преку акциите „Планинска бура“, „Гнездо“ во Блаце и пресретнување на транспортот на оружје во Радуша, полицијата покажа дека сега има и капацитет и знаење и волја за да се справи со каква било закана по безбедноста на Република Македонија.
 
Журнал: Ќе има ли подетална истрага што навистина се случи во Радуша  каде што загинаа четири лица?
 
- Истрагата беше спроведена согласно важечките закони од надлежен Јавен Обвинител и Истражен судија. Јас лично имам целосна доверба во македонските органи на прогонот и не гледам некаков нов доказ од кој би произлегла потреба за ново отворање на истрагата. Како што беше информирана јавноста, постапувајќи по претходни информации за нелегален транспорт на оружје МВР постави заседа на патот Рашче – Радуша.

Наместо да ја послушаат полициската наредба, лицата кои се превезуваа во товарното возило отворија оган кон полициските службеници кои возвратија. При идентификацијата на напаѓачите беше утврдено дека се работи за лица кои се бараа со меѓународни потерници за убиства, злосторства против човештвото, напади на службени лица и ред други тешки кривични дела.

Беше пронајден цел арсенал на оружје, а натамошното постапување по случајот резултираше со откривање на дополнителни залихи нелегално оружје и јатаци на криминалната група.
 
Журнал: Македонија е територија низ која минуваат многу шверцерски канали на опојни дроги и на трговија со луѓе. Каква стартегија има МВР во однос на спречување на нелегалните активности и кој е процентот на успешност во сузбивањето на овие активности, како и на новите форми на електронско перење пари, крадење идентитет и слично?
 
- Тешко е да се говори за процент на успешност, бидејќи објективно при ваквиот тип криминал не може да знаете егзактно колку дрога била успешно прокриумчарена. Сепак, извештаите на сите релевантни меѓународни фактори кои ја следат оваа проблематика констатираат огромен напредок во решителноста и подготвеноста на МВР да се справи со нелегалната трговија со наркотици и останатите видови на организиран, прекуграничен криминал. Како никогаш досега, македонската полиција учествуваше во разбивање на бројни меѓународни канали за криумчарење наркотици. Со ова се профилираше во доверлив и релевантен партнер не само во регионот, туку и пошироко.

Само во операцијата „Босфор“, која ја реализираме заедно со турската служба, во седум одвоени акции беа запленети околу 350 килограми хероин вреден над 13 милиони евра на западноевропските наркопазари. Сигурна сум дека ќе остане запаметена и досега рекордната заплена на половина тон кокаин, кој ни помалку, ни повеќе чинеше околу 100-тина милиони евра. Не само граѓаните, туку и меѓународната експертска јавност веќе ја забележа разликата меѓу сегашните реализации и поранешните мистериозни исчезнувања на дрога од сефовите на полицијата. Токму во тоа е и натамошната стратегија. Продолжување на крајно професионалната и бескомпромисната борба со криминалот.
 
Журнал: Се уште се јавуваат редици пред шалтерите за пасоши и други лични документи. Очигледно, системот има одредени слабости кои ги иритраат граѓаните, во смисла на закажување термин за вадење документи или долга процедура и времетраење за нивно земање и слични проблеми?
 
- Факт е дека граѓаните, особено по најавата за добивањето на визната либерализација и по приближувањето на крајниот рок за замена на старите со нови лични карти, се соочија со метежи и со пребукираност на термините во кои може да аплицираат за личните документи.
Доколку сериозно го анализираме проблемот може да утврдиме две причини.

Првата е енормното зголемување на интересот на граѓаните, додека втората е проценката на претходната гарнитура која се покажа како катастрофална. Со оглед дека не можевме многу да влијаеме врз првата причина, веднаш започнавме да работиме на надминување на тоа што зависи од нас. Пристапот беше сеопфатен и беа преземени бројни чекори како законски, така и персонално, кадровски, просторно и технички. Беше предложено и усвоено пролонгирање на законскиот рок за замена на личните карти, отворивме нови простории во поранешно Беко и опремивме уште еден кат во зградата на МТВ каде го одвоивме издавањето од аплицирањето.

Бројот на базни станици низ Македонија го зголемивме од 45 на преку 110, а заради елиминирање на ургенциите воведовме и електронско закажување, односно бесплатен повикувачки центар. Во Скопје воведовме и видеоекрани на кои граѓаните точно се информираат кога и каде треба да се упатат. Откако лоциравме слабост и во капацитетите на Центарот за персонализација, уште во декември се договоривме со партнерите од Германија за набавка на нова машина, така што сега кога веќе ја ставивме во функција, го зголемивме двојно и капацитетот за производство, односно наместо 5.000, центарот може дневно да персонализира до 10.000 документи.

Со оглед на летните одмори, значи зголемениот број барања и од друга страна намалениот персонал, овие два месеци очекувам да го задржиме темпото на работа, а веќе од крајот на август да почнеме да размислуваме за поместување на веќе закажаните термини.
 
Журнал: Пред извесно време проструи информација дека Сашо Михајлков, директорот на ДБК ќе ја преземе вашата министерска фотелја, а Вие да ја земете функцијата Министер за правда на местото на Михајло Маневски. Ова е во доменот на шпекулациите или..?
 
- Дали е во доменот на шпекулациите или не, веројатно треба да ги прашате оние кои ја „проструиле“ оваа информација. Собранието на РМ ми ја даде довербата да ја извршувам функцијата министер за внатрешни работи и се додека сум на оваа функција, мој приоритет е тоа да го правам професионално и посветено во служба на граѓаните.  / Журнал МК /

Назад 

Креиран од lsrazvoj на 13.07.2010
   
Моментално посетители: 1
Вкупно посетители: 5218670