Како дел од надлежностите и работните обврски на Единицата за борба против компјутерски криминал при Одделот за Оранизиран криминал во МВР, се водењето на истраги и за дела од областа на „Интернет измамите“. Единицата за борба против компјутерски криминал веќе има неколку предмети за измами преку интернет во кои како жртви се појавуваат македонски државјани. Со оглед на спецификата и начинот на кој се вршат овие интернет измами и се поголемото социјално користење на интернетот и интернет комуникација, во Р Македонија очекувано е овој вид криминал да се зголемува во иднина.
Што преставува Интернет измамата?
Како и во светот така и кај нас овие измами се застапени во повеќе форми и со различна содржина. Најпознати и најзастапени Интернет измами се „Нигериски измами„ кои се појавуваат во форма на:
- Исплата на парични средства по основа на тестамент;
- Измамнички (лажни) договори за продажба на стоки и услуги (скапа и модерна техничка опрема како компјутери, телефони, музичка опрема, автомобили или друг вид на превозни средства);
- Продажба и инвестирање во недвижен имот;
- Исплата на инвестициски фондови;
- Владини и невладини агенции за стипендирање на образование
- Набавка на сурова нафта по многу ниски пазарни цени;
- Високи провизии за помош при трансфер на парични сметки
- Наградни игри преку e-mail, sms (во кои не е учествувано);
- Заработка преку конверзација на валути и други.
Именувани се по секцијата 4-1-9 од кривичниот закон на Нигерија која се однесува на кривично дело измама (организирана измама). Нигериските измами се комбинација од класична измама и присвојување на парични средства со помош на добро организирани шеми, варијанти со првични аванси, преддоговори, договори, исплата на такси и даноци по основ на добивка, наследство, лотарија, инвестициски фондови и слично.
Историјата на овие измами се далечните 90-ти години од минатиот век, кога многубројни бизнис групации и поединци се измамени и оштетени со милионски суми. Во минатото овие писма-измами се испраќани преку пошта, телефон и факс а додека сега истите ја користат глобалната интернет мрежа. Со помош на електронската пошта (e-mail), овие писма се достапни до секој корисник во интернет мрежата, голем број на пораки се испраќаат секој ден. Начините со кои овие измамници доаѓаат до e-mail адреси се најразлични, почнувајќи од phishing на електронската пошта (кражба на e-mail адреси и лозинки за пристап), користење на посебни видови софтверски програми за скенирање и прибирање на податоци за e-mail адреси па се до поедноставни и лесно достапни извори како што се трговски списанија, весници, телефонски именици, жолти книги, комерцијални библиотеки и други извори каде што можат да се најдат важечки e-mail адреси.
Шемата на овие измами во основа се заснова на добро смислена, подготвена и убедлива содржина на писмото-измама, во која се споменуваат лица и материјални добивки (приходи, наследства, парични фондови, лотарија и слично) од земји како што се Нигерија, Того, Алжир, Малезија и други. Измамите најчесто се вршат од жители на африкански земји, но исто така овие измами потекнуваат и од поголемите европски градови кои се карактеризираат со голема афро популација, особено во Лондон и Амстердам. Причините за стотици милиони долари годишни загуби и драматичното зголемување (експанзијата) на овој вид криминал во последниве години се многу брзата и лесна заработка која ја остваруваат граѓаните на некои економски слаби држави од една страна и евидентната алчност и наивност на жртвите од друга страна.
Најраспространети и најуспешни “Нигериски измами“ се оние каде се нуди трансфер на одредени парични фондови и средства по основа на тестамент или лотарија. Содржината на писмото се состои од кратка историја на испраќачот, поединец или компанија кои најчесто потекнуваат од земјите на африканскиот континент. Обично тоа се бивши носители на високи функции од минат диктаторски режим, наследници на кралски фамилии кои се во азил во трета земја, членови на фамилии кои имаат бизнис за ископување на дијаманти, корумпирани високи владини претставници, челници на национални банки, односно тоа се бранши каде се вртат милионски суми. Целта им е потенцијалната жртва да се увери дека е дел од профитабилен аранжман и да почне да верува во потенцијалниот успех на договорот. Самата организација на измамничката шемата е на многу високо ниво. Таа вклучува постоечки и автентични телефонски броеви, факсови и адреси, интернет портали на фирми и институции, лица и нивни лични документи, а не ретко се случува да се дадат и дирекни врски со амбасади, банки, министерства и нивни акредитатирани претставници. Откако ќе се воспостави првичниот контакт со жртвата, следуваат пораки во кои се испраќаат фалсификувани официјални документи на фирми, владини и невладини агенции, институции, сертификати за трансфер на пари или стока, фактури, меморандуми за соработка, банкарски гаранции и сметки. Истите содржат добро изработени печати, пломби, логоа, амблеми или холограми, кои се карактеристични за овој вид на документација. По убедувањето на жртвата дека се работи за реална ситуација, следуваат барања за исплата на парични средства за подмирување на измислени форми на даноци и такси, трошоци за трансфер, добивање на лажни сертификати од Агенции за борба против перење на пари, антитероризам и слично. Висината на овие такси најчесто се не превисоки суми кои се доста примамливи и самата жртвата може лесно да ги обезбеди. После првиот успех, измамниците не престануваат со нови и нови барања по истата основа, кое во одредени случаеви резултира со неповратно губење на илјадници долари и евра.
Исто така во Р. Македонија е идентификувана појава на писмата-измами во кои се нудат извесни фондови чии парични средства се наменети за инвестирање во бизнис проекти или добивање на стипендии за образование и наука.
Дека овие криминални групи се многу добро организирани и дејствуваат исклучително професионално, говори фактот дека во поново време на македонските сајтови за електронски огласи од страна на Министерството за внатрешни работи на Р Македонија регистрирано е организирано постирање на огласи со лажна содржина во кои најчесто се нуди продажба на нова и модерна техничка стока (најнови модели на телефонски апарати, компјутери и нивни компоненти, високо квалитетна аудио и видео опрема итн.). Документирани се и случаеви на огласување и продажба на половни автомобили од странство кои се нудат по пониски и нереални цени. Истите огласи најчесто се пишувани на англиски јазик или на македонски јазик со бројни правописни грешки и за контакт се оставени e-mail адреси или во ретки случаеви странски телефонски броеви, а исплатата на паричните средствата секогаш се бара да биде направена преку Western Union.
Како новина во овој вид на измами е појавата на кражба на e-mail адреси и лозинки за пристап (phishing). Кражбата на податоци најчесто се врши на тој начин што корисникот добива порака со барање повторно да се внесат e-mail адресата и лозинката за пристап поради обнова на својот „account„. Податоци кои ќе бидат украдени на овој начин потоа се користат од страна на измамниците за испраќање на писмо до секоја e-mail адреса која се наоѓа во контакт листата со содржина која најчесто е напишана на англиски јазик и информира дека на вистинскиот корисник при неговиот престој во некоја странска држава му се случуваат низа на непријатности и итно му се потребни финансиски средства кои наводно се потребни за да може да се подмират трошоците за престој и за авионски билет за враќање дома. За да измамата биде поубедлива, доколку се побара измамниците даваат телефонски број на кој може да се добијат подетални и потврдни информации за непријатната ситуација.
Карактеристично за овој вид на криминал е тоа што во 90% од случаевите, измамниците бараат паричните средства кои им ги испраќаат да бидат трансферирани исклучиво по услугите за брз трансвер на пари како што се Money Gram, Western Union и други. Исто така друга карактеристика на овие измами е тоа што секогаш во писмата постои итност и измамниците бараат да се постапите неодложно со уплатата на паричните средства.
Некои од жртвите поради големите материјални загуби, патувале се до земјите од каде биле извршени овие измами, обидувајќи се да стапат во контакт со тамошните власти, надевајќи се сами да си ги повратат изгубените пари. Ваквите обиди секогаш завршувале безуспех поради фактот што сите податоци и лица користени во измамата се невистинити.
Имајќи ги во предвид карактеристиките на овие измами и инволвираноста на повеќе лица, e-mail адреси и телефонски броеви (кои најчесто се невистинити) од различни држави, ваквите случаеви се комплексни за истражување и успешно утврдување на идентитетот на измамниците.
Најефикасен начин за справување со овој вид на измами е информирањето за постоење на овие измами и превентивно делување.
Имено на писмата со сомнителна содржина за нереални понуди со брз и голем профит од непознати лица, фирми или организации, најдобро е да не се одговара и истите да бидат отстранети. Ваквите писма секојдневно се испраќаат и препраќаат до голем број корисници на интернет. Правењето на проверки за автентичноста и оргиналноста на внесените информации за постоењето на некоја фирма, организација или лице, за добиените навидум “официјални“ форми, апликации и документи со кои се потврдува веродостојноста на понудата или договорот, најчесто може да доведе до заблуда и сигурност дека сето тоа е реалност, бидејќи измамничките шеми се многу добро осмислени, планирани и организирани. |