Единица за борба против корупција при ООК до ОЈО Струга поднесе пријава против В.П.(42), Референт за катастарски работи во Агенцијата за катастар на недвижности – Одделение Струга, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ.
Тој е осомничен дека делото го сторил на тој начин што во катастарските евиденции не запишал Заложно право - хипотека во корист на Г.Ќ. од Струга во текот на 2007 год., туку многу подоцна дури на 02.06.2010 год, откако веќе настанале промени на сопственоста на недвижниот имот - предмет на заложното право, со што на сегашниот сопственик на недвижниот имот, Н.Ж. му нанел штета односно му го ограничил правото на слободно располагање со недвижноста која ја купил како совесен купувач и за која знаел дека не е оптоварена со никакви права во корист на трети лица.
Имено, во 2004 год М.Ј. и Г.Ќ., двајцата од Струга, склучиле Договор за заем во износ од 100.000 евра, каде како заемопримач е М.Ј., а заемодавач Г.Ќ. Со цел да се „обезбеди“ позајмицата, во 2006 год. кај Нотар сочинуваат Нотарски акт-Договор за залог, со кој била воспоставена хипотека врз недвижниот имот-деловен простор на: ул. „Маршал Тито“ во површина од 61м2 и на ул. „Партизанска“ во површина од 87м2, двата сопственост на „Леон и Митко“ ДООЕЛ (каде сопственик и управител е М.Ј.) и на недвижниот имот на ул. „Едвард Кардељ“ во површина од 313м2, сопственост на М.Ј. Во Катастарот во Струга во катстарската евиденција била запишана хипотека од втор ред над споменатиот недвижен имот, од причина што претходно М.Ј. врз истиот имот, воспоставил хипотека од прв ред во корист на УНИ Банка, за обезбедување на рамковен кредит во износ од 400.000евра.
Во април 2007 год. Г.Ќ. до Катастарот во Струга доставил нотарски заверено барање за бришење на претходно воспоставената хипотека (во 2006 год.) врз недвижниот имот на М.Ј., поради регулирани должничко доверителски односи, по што катастарот во Струга извршил бришење на воспоставената хипотека од втор ред. По ова М.Ј. склучил нов договор за кредит со УНИ банка (анекс на претходниот) за зголемување на износот на Рамковниот кредит за уште 50.000 евра, заради што била воспоставена хипотека врз истиот недвижен имот, во корист на банката која од страна на Катастарот била евидентирана.
Двајцата (во јули 2007 година), по основ на истиот договор за заем од 2004 год, сочиниле нов Нотарски акт-Договор за залог, со кој повторно ја обезбедиле позајмицата од 100.000 евра со воспоставување на хипотека врз претходно споменатиот недвижен имот, сопственост на М.Ј. и на неговата фирма „Леон и Митко“ ДООЕЛ Струга, кој Нотарски акт за заснивање на залог, веднаш бил доставен до Катастарот во Струга со цел да се евидентира хипотеката во катастарската евиденција.
Пријавениот, кој бил задолжен за евидентирање на хипотеки во катастарот во Струга, наместо Нотарскиот акт-Договорот за залог да го внесе веднаш во евиденција, тој подолг временски период го чувал „во фиока“ и дури по една година, односно на 06.06.2008 год. го адактирал предметот, како да е спроведен во катастарската евиденција (под список на промени бр.31/07), иако истиот не бил спроведен.
Бидејќи М.Ј. го вратил кредитот земен од УНИ банка, воспоставената хипотека во корист на банката на 31.07.2008 била избришана од катастарската евиденција, а на 18.07.2008 год „Алфа банка“ Скопје и фирмата „ЛМ Супер“ Дооел Струга, сопственост на Р.Ј.(син на М.Ј.) склучуваат договор за кредит и Нотарски акт за засновање на заложно право – хипотека врз предметниот недвижен имот соственост на фирмата „Леон и Митко“ и М.Ј. и истиот бил заведен во катастарската евиденција, како хипотека од прв ред.
По ова на 26.09.2008 деловниот простор во површина од 87м2 на ул „Партизанска“ во Струга, М.Ј., односно неговата фирма „Леон и Митко“ ДООЕЛ, го продава на фирмата „ЛМ Супер“, сопственост на Р.Ј., по што оваа промената на сопственоста на деловниот простор била евидентирана во Катастарот во Струга. Во ноември 2009год. фирмата „ЛМ Супер“ го продава деловниот простор во површина од 87м2 на ул „Партизанска“ во Струга на Н.Ж. за што склучен е договор за копопродажба, согласно кој Н.Ж. требало да му исплати на продавачот „ЛМ Супер“ износ од 59.000евра, а истиот да го подмири долгот кон Алфа банка, со што би се создале услови да се избрише заснованата хипотека во корист на Алфа банка, а потоа да се пристапи кон солемизирање на купопродажниот договор кое што е направено декември 2009 год.
За таа цел Алфа банка до Катастарот во Струга доставила изјава за бришење на хипотеката воспоставена над деловниот простор на ул.„Партизанска“ во површина од 87м2 и истото било спроведено во катастарот и како сопственик е запишано лицето Н.Ж., за што од страна на Катастарот во Струга по барање на Н.Ж. на 19.05.2010 е издаден имотен лист на негово име и на истиот нема прибележено никаков товар.
Кога Г.Ќ. дознал дека предметниот деловен простор е отуѓен на трето лице се обратил до катстарот со барање да биде известен дали заложното право, воспоставената хипотека (над гореопишаниот недвижен имот на М.Ј. заради обезбедување на позајмицата од 100.000 евра) е евидентирана во катастарот, пријавениот само усно го известил дека направил пропуст, односно дека не ја евидентирал споменатата хипотека.
По ова, од страна на Г.Ќ. известена е Агенцијата за катастар на недвижности во Скопје, која по извршена контрола на (21.06.2010 год) констатирала дека во катастарската евиденција, била заведена хипотека над: имотот-деловен простор во површина од 87 м2 на ул „Партизанска“ сопственост на лицето Н.Ж., деловен простор на ул „Маршал Тито“ сопственост на ДПТ „Мис Глобус“ ДОО Скопје (овој деловен простор М.Ј. во меѓувреме го продал на ДПТ „Мис Глобус“) како и на семејната куќа на ул. „Едвард Кардељ“ Струга сопственост на синовите на М.Ј., што укажува дека осомничениот ја завел хипотека над наведениот недвижен имот откако Г.Ќ. побарал да биде известен за воспоставената хипотека за обезбедување на позајмица од 100.000 евра на М.Ј.
|