Извадок од дневните настани 10.01.2018

На 09.01.2018 година во 16,50 часот од охридската болница „Св.Еразмо“ во СВР-Охрид било пријавено дека кај нив бил донесен Ј.М. (38) од с.Лешани- Охрид, со прострелна рана во пределот на надлактицата од левата рака. Од страна на полициски службеници бил извршен разговор со Ј.М., кој што кажал дека околу 16,30 часот додека се движел пеш со негов роднина од с.Лешани кон место викано „Гркополе“ бил погоден од заталкан куршум. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 09.01.2018 година З.В. (54) од Скопје пријавил дека во периодот од 12.00 часот на 05.01,2018 до 07.00 часот на 09.01.2018 година, од ул. „Мито Хаџивасилев Јасмин“ непознат сторител го одзел неговото патничко возило „Опел вектра“ со скопски регистарски ознаки. Сторителот ја отворил вратата, влегол внатре и го стартувал возилото со оригинален клуч, кој стоел на бравата и заминал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и возилото и расчистување на настанот.

На 08.01.2018 година во близина на с.Лака, пронајдено е патничко возило „BMW X5“ со скопски регистарски ознаки, инаку сопственост на Б.Б. од  с.Мршевци. кое на 08.01.2018 година околу 17.45 часот беше пријавено за одземено пред продавница на ул. „Ѓорче Петров“.  Возилото е предадено на сопственикот.
На 09.01.2018 година лицето Ш.С. (82) од Скопје пријавил дека на 04.01.2018 година околу 15.30 часот на бул. „АВНОЈ“ бил нападнат од куче скитник, кое го каснало во пределот на десната нога.
Во врска со настанот објавен во билтен од 07.11.2017, за пронајдено човечко  тело во канализациска шахта на локацијата “Сончев град“, село Сопиште, скопско, по завршените истражни и обдукциски активности констатирано е дека се работи за лицето З.П. (58) од Скопје, кој што претходно е пријавен за исчезнат. Според завршените наоди, констатирано е дека на телото немало никакви знаци на насилство.
Во текот на вчерашниот ден (09.01.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно седум сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, четири сообраќајни незгоди со телесни повреди и две со материјална штета. Во сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди и осум лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 26 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, две лица управувале моторно возило под дејство на алкохол, а 14 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Поради техничка неисправност од сообраќајот исклучени се 11 возила. Во текот на изминатиот ден издадени се осум мандатни платни налози, додека 79 возила се подигнати со "пајак". Исто така, четири возачи се санкционирани заради минување на крстосница на црвено светло, еден возач бидејќи не дал првенство на минување и по двајца возачи се санкционирани за сторени сообраќајни прекршоци - неправилно престројување и неправилно престигнување.

Полициската станица Свети Николе поднесе кривична пријава против Љ.А. (57) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и прекурсори“. Пријавениот во атарот на с.Сопот одгледувал растенија “канабис сатива“ истите ги бeрeл, исушил и заради продажба, во куќа во с.Сопот во негова сопственост, држел 42,4 грама марихуана, која при извршен претрес била пронајдена и запленета.


Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против Д.М.(22) од Тетово, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 05.01.2018 година, во Тетово извршен бил претрес во дом и помошни простории кај пријавениот, при што во дневната соба и во кујната, во машина за садови биле пронајдени и одземени 870 грама марихуана.


Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против С.Ф.(41), О.О.(50), Ф.Ф.(37) и И.О.(59), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека  сториле кривично дело “насилство”. На 28.06. минатата година околу 16,30 часот, пријавените со две возила пристигнале во с.Липково со цел да ги разделат личните работи на сестрата на Б.Ќ.(26)-И.Ќ. и Е.О., кој бил син на четвртопријавениот и живееле во вонбрачна заедница. Додека пријавените биле заедно пред влезната врата од куќата сопственост на О.М. с.Липково, по вербална расправија со Б.Ќ., истите физички го нападнале удирајќи го со тупаници и клоци во пределот на главата и телото, додека третопријавениот му вперил пиштол, му се заканувал, а потоа и го удрил со пиштолот во пределот на главата. Од нанесените удари Б.Ќ. се здобил со телесни повреди по главата и телото, констатирани од лекар во oпштата болница- Куманово.
     
На 09.01.2018 година, С.Ш. (24) од село Глоѓи, тетовско, пријавил дека истиот ден околу 07.00 часот од дома во непознат правец се оддалечила неговата 13-годишна сестра. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.