Извадок од дневните настани 11.01.2018

На 10.01.2018 година во 18,10 часот во Скопје на ул.„Франклин Рузвелт“ возило „Мазда 6“ со скопски регистарски ознаки управувано од К.А.(72) удрило во пешакот Б.Н.(18) од Скопје. Веднаш по незгодата, пешакот со возило на итна медицинска помош бил пренесен во Ургентен центар при Комплекс клиники Мајка Тереза, каде биле констатирани  тешки телесни повреди (фрактура на главата) и Б.Н. е во животна опасност. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 10.01.2018 година во 19,40 часот во Скопје на бул.„Крсте Мисирков“, во спортска обложувалница “Спорт лајф“ непознат сторител извршил разбојништво над вработениот при што ги одзел парите од дневниот промет, а потоа побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.
На 11.01.2018 година во 03,30 часот во Полициска станица Прилеп Л.П.(22) од Прилеп пријавил дека околу 01,00 часот на ул.„Марксова“, бил нападнат од две непознати лица. Имено, додека оштетениот заедно со негов другар со возило “Пежо 306“ се паркирале на посочената улица, во еден момент од позади му се доближило друго возило “Ауди А3“ од кое излегле две машки лица коишто му се обратиле на оштетениот. Притоа едното од лицата, без никакво предупредување, го удрило Л.П. со тупаница по лицето, а потоа почнале да фрлаат лименки од пиво кон него. Л.П. се обидел да  побегне, но во близина на бензиската „Макпетрол“ сторителите го стигнале и физички го нападнале, удирајќи го со тупаници. По кратко време, оштетениот успеал да побегне, а сторителите се вратиле до нивното возило, извадиле еден клуч за тркала и една пумпа и со предметите почнале да го деморилират возилото на оштетениот. Потоа едниот од сторителите влегол во “пежото“ и заминал со возилото кон автопатот за Битола. На околу километар од клучката, сторителот врз возилото истурило запалива течност, ја запалил, при што возилото “Пежо 306“ било целосно опожарено. Од страна на екипа од Територијална противпожарна заштита Прилеп пожарот бил изгаснат. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 10.01.2018 година околу во 21,05 часот во Битола на ул.„Васко Каранѓелевски“, пред кафе-бар од страна на екипа од итна медицинска помош било излезено со цел укажување лекарска помош на паднато лице, односно на В.С.(34) од Битола. Бидејќи бил под дејство на алкохол, од страна на доктор му било укажано дека треба да го пренесат во ургентниот центар, по што В.С. станал и го нападнал докторот, удирајќи го со тупаница во десната слепоочница, нанесувајќи му телесна повреда. Секторот за внатрешни работи Битола презема мерки за расчистување на настанот.
На 11.01.2018 година околу 04.50 часот во Скопје на ул.„Ѓуро Ѓоновиќ“ од засега непознати причини избувнал пожар, при што биле опожарени две дрвени бандери и едно возило “Голф“ со скопски регистарски ознаки сопственост на Б.А.(76) од Скопје. Од страна на екипа од Бригада за противпожарна заштита пожарот целосно е изгаснат во 05,25 часот.   
На 10.01.2018 година околу 17,40 часот во Скопје на бул.„Партизански Одреди“, во маркет, починал М.С.(54). По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено во Институтот за судска медицина, за обдукција. На местото на настанот извршен е увид.
Во текот на вчерашниот ден (10.01.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно седум сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, две сообраќајни незгоди со телесни повреди и четири со материјална штета. Во сообраќајните незгоди едно лице (пешак) се здобило со тешки телесни повреди и седум лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 15 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, а 10 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Од сообраќајот исклучени се 11 нерегистрирани возила. Во текот на изминатиот ден издадени се 80 мандатни платни налози за непрописно паркирање, додека 79 возила се подигнати со "пајак". Исто така, тројца возачи се санкционирани заради минување на крстосница на црвено светло, 11 возачи бидејќи не дале првенство на минување на пешаци, пет возачи се санкционирани за сторени сообраќајни прекршоци - неправилно престројување и двајца за неправилно престигнување. Во текот на вчерашниот ден санкционирани биле и тројца пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин.

На 10.01.2018 година во 11.45 часот, Ж.П.(63) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 11.30 часот, додека се движел на ул. „Февруарски Поход“, бил нападнат од две кучиња скитници.  Едното од нив го каснало во пределот на задниот дел од левата нога при што му била нанесена видлива повреда со крварење. Тој самиот отишол во Инфективната клиника при Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде му била укажана лекарска помош.         
Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе поднесе кривична пријава против С.Џ.Е. од с.Романовце, Куманово, поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „фалсификување исправа“ и продолжено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“. Во текот на 1999 година, пријавената набавила фалсификувана исправа– Диплома од Софискиот универзитет „Климент Охридски“ Софија, Р.Бугарија при што се стекнала со квалификација на VII степен, специјалност Педагогија. Дипломата во 2000 година ја приложила како вистинска на Универизитетот „Св. Климент Охридски“ - Филозофски факултет во Скопје, за нострификација, за што добила и Решение за нострификација. По ова, во 2003 година, пријавената, како вистински ги приложила фалсификуваната диплома и добиеното решение за нострификација во Општинско основно училиште Кирил и Методиј во с.Романовце, Куманово, каде од 06.10.2003 година па до 2009 година и биле изготвувани Договори за работа со заснован работен однос на определено работно време. Во октомври 2009 година добила договор и Одлука за трансформација на работен однос од определено на неопределено работно време. Со наведените дејствија пријавената се стекнала со противправна имотна корист во износ од платите што и биле исплатени од Буџетот на Р.М. за наведениот временски период.
Полициската станица Кочани поднесе кривична пријава против Г.Ј.(33) од Кочани, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело “напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 28.11.2017 година околу 13,50 часот на ул “ВМРО“, полициска службеничка додека извршувала редовна работа заедно со приправник забележала дека пријавениот врши сообраќаен прекршок. Откако му дала знак за запирање, пријавениот не застанал туку го отворил прозорот и упатил навредливи зборови. По кратко време пријавениот пристигнал пеш до полициските службениви и почнал да ги навредува, а оштетената полициска службеничка ја фатил со раце за флуросцентниот елек и почнал да ја турка со што и нанел огреботини и црвенило на двете раце.  
Полициската станица Гостивар поднесе кривична пријава против Ф.Ф.(32) од Гостивар, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело “напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 16.12.2017 година во 15,40 часот во Гостивар на улица “Седе Костоски“ пријавениот физички нападнал полициски службеник кој преземал службени дејствија од областа на сообраќајот, на тој начин што со тупаници го удрил оштетниот во пределот на градите, а потоа и со двете раце го фатил за униформата  т.е јакната влечејќи го и упатувајќи му пцовки и навредливи зборови при што му нанел телесни  повреди. 
Полициската станица Гостивар поднесе кривична пријава против Р.Н.(51) од село Раковец, општина Боговиње, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело “приредување на игри на среќа без лиценца односно дозвола од надлежен орган“. Во текот на ноември минатата година во објект без назив лоциран во село Врапчиште, пријавениот во својство на физичко лице организирал и приредувал игри на среќа без издадена лиценца и со ваквото дејствие пријавениот го оштетил буцетот на Р.М која штета накнадно треба да се утврди. При извршената контрола од пријавениот се одземени: пет телевизори, два компјутери, две тастаури за компјутер, две куќишта за компјутер, три печатари за тикети, централа за поврзување, по два читачи за тикети и други предмети.