Извадок од дневните настани 12.01.2018

 На 11.01.2018 година околу 10.00 часот на локалниот пат за с.Падалиште, гостиварско, на околу еден километар од железничкиот надвозник, во несреќен случај починал М.К. (67) од Гостивар, вработен во гостиварска фирма која изведувала градежни работи за изградба на термоцентрала. Друг вработен во истата фирма, управувајќи товарно возило „Мерцедес“ со гостиварски регистарски ознаки, се движел наназад  и, без да забележи, со задниот дел од приколката го удрил М.К., кој паднал на земја од ударот, а потоа бил прегазен со задните тркала во пределот на нозете, по што починал. Смрт била констатиран од лекар од Итна медицинска помош Гостивар. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Гостивар, во присуство на инспектор од трудова испекција. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

На 11.01.2018 година околу 14.20 часот во близина на мостот кај с.Уланци, велешко, на место викано .„Горна Лака“, во водите на реката Вардар било пронајдено тело на маж во фаза на распаѓање. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Велес. Било констатирано дека се работи за А.Н. (77), кој бил пријавен за исчезнат на 04.12.2017 година. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било предадено за обдукција.

На 11.01.2018 година во 11.20 часот во Полициската станица Штип, М.К. (60) пријавил дека во неговиот дом, во подрумскиот дел од куќата, го пронашол починат Д.М. (56) од Штип.  Смрт била констатирана од лекар од Итна медицинска помош. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било  предаден во Клиничката болница Штип за обдукција.  

На 11.01.2018 година во 10.07 часот во Единицата за информации и команда Скопје, А.С. пријавила дека во нејзиниот дом на ул. „Брсјачка Буна“ во Скопје, кога станала од спиење околу 09.30 часот забележала дека нејзиното три недели  старо бебе не давало знаци на живот, односно починало. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатото бебе било дадено на обдукција.

На 12.01.2018 година околу 00.30 часот во с.Рапеш, битолско, настанал пожар во куќа сопственост на А.Д. и Б.Д. (брат и сестра). Во пожарот изгорела целата куќа, а повредени лица нема. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.

 На 11.01.2018 година околу 22.30 часот на регионалниот пат Тетово-Јажинце се случила сообраќајна несреќа во која патничко возило „Голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од М.С. (39) од с. Џепчиште удрило во пешак Ќ.С.(56) од с.Џепчиште. Во незгодата со тешки телесни  повреди се здобила  Ќ.С.  која била пренесена во тетовската клиничка болница од каде по укажаната лекарска помош била префрлена на Комплексот клиники „Мајка тереза“.  Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Тетово.              
                 
Во текот на вчерашниот ден (11.01.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 10 сообраќајни незгоди од кои три сообраќајни незгоди со телесни повреди и седум со материјална штета. Во сообраќајните незгоди три лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 16 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, а 14 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Четири возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи управувале возило под дејство на алкохол. Од сообраќајот исклучени се вкупно 13 возила. Во текот на изминатиот ден издадени се 97 мандатни платни налози за непрописно паркирање, додека 96 возила се подигнати со "пајак". Исто така, тројца возачи се санкционирани заради минување на крстосница на црвено светло, еден возач поради неправилно престројување и четири возачи поради неправилно престигнување. Во текот на вчерашниот ден санкционирани биле и 15 пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин.

На 11.01.2018 година околу 15.50 часот во гостиварската населба Дутлок била пронајдена 15-годишната малолетничка Гостивар, која претходната ноќ  беше пријавена за исчезната од нејзиниот татко И.П.(50).  Таа била предадена на родителите.

На 10.01.2018 година околу 21,50 часот полициски службеници од ПС Карпош во содејство со припадници на единицата “Алфа“ при контрола на патничко возило “Форд фокус“ со прилепски регистарски таблички паркирано во близина на ТЦ “Сити Мол“ откриле и заплениле одредено количество оружје и муниција. Имено при прегледот на возилото, пронајдени се: еден пиштол марка “Умарех“ 4.5мм 177; еден пиштол марка “Берета“ 4.5мм, еден пиштол марка “Екол Алп“ кал.9.мм , една фантомка црна боја; четири ножеви на расклопување; три помали ножеви скриени во футрола; еден куршум 9мм за огнено оружје-пиштол; еден куршум НН калибар; седум куршуми за пиштол за светлосна звучна сигнализација, како и еден магацин од пиштол со 10 куршуми за светлосно звучна сигнализација и друго. Истовремено во ПС Карпош се приведени лицата А.К. (42), М.М. (31) и Ј.С. (32) сите од Прилеп, кои што биле во возилото и против нив по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

На 11.01.2018 година во 14.20 часот Ѓ.Љ.(57) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 10.30 часот на Плоштад Македонија додека поминувал со велосипед го нападнале неколку кучиња скитници. Едно куче го каснало во пределот на десната потколеница, а друго во пределот на на левата нога.

На 11.01.2018 година во 17.00 часот С.М.(68) пријавил дека истиот ден околу 14.30 часот на ул. „Македонски војски“, во паркот Ѓорче Петров, од страна на две лица му била извршена измама и бил оштетен за 810 евра и 4.000 денари. Имено, сторителите измамата ја извршиле на тој начин што се расправале меѓу себе поради наводна случена сообраќајна незгода помеѓу нив. Едниот од нив се претставил како израелски државјанин кој во Република Македонија работи како бизнисмен и дека треба на другото лице да му исплати 50 евра штета за собраќајката, но не му верувал дека во Македонија се користат евра. Двајцата сторители на оштетениот му побарале да донесе евра за да се увери израелскиот државјанин дека се користат во Македонија. По ова С.М. отишол дома и со себе земал 810 евра во различни апоени и откако се вратил, му ги покажал на сторителот кој се претставувал како израелски државјанин. Во тој момент на оштетениот му понудиле златна алка која наводно чинела 10.000 евра за да им ги даде сите пари кои ги имал за сторителите да отидат до возилата за да земат пари за наводната оштета. На оштетениот исто така за услугата му ветиле 500 евра подарок, на што С.М. се согласил, им ги дал парите и ја земал алката. Откако сторителите си заминале оштетениот извршил проверка кај златар на алката и било констатирано дека се работи за обична бижутерија. Со извршената измама сторителите се здобиле со против правна имотна корист од 53.000 денари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 11.01.2018 година околу 07.50 часот во Полициската станица Чаир Х.Л. (54) од Скопје пријавила дека истиот ден во периодот од 00.30 час до 05.00 часот нејзиниот свекор Х.Д. (78) од непознати причини се одалечил од домот во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против М.В. (22) и И.Ѓ. (19), двајцата од с.Баница, струмичко,  поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 22.12.2017 година, поради нарушен јавен ред и мир во казино, пријавените биле остранети од вработен во агенција за обезбедување. После тоа, пријавените во непосредна близина на казиното, го нападнале вработениот, удирајќи го по телото со раце и нозе, при што му нанеле видливи телесни повреди.

На 11.01.2018 година во 10.20 часот во Полициската станица Карпош Г.Б. (55) од Скопје пријавил дека на 10/11.01.2018 година во периодот од 17.00 до 09.00 часот од паркинг просторот пред зграда на ул. „Никола Парапунов“ од страна на непознат сторител било одземено возило „Ренџ Ровер Евок“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице. Со извршеното кривично дело сторителот се стекнал со противправна имотна корист од 2.460.000 денари. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.