Извадок од дневните настани 13.01.2018

На 12.01.2018 година околу 23,30 часот во Скопје на бул.„Александар Македонски“,  се случила сообраќајна незгода во која Г.С. (36) од с. Марино-Скопје, управувајќи патничко моторно возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото, по што удрил во метални столбчиња, потоа во дрво и во метална кенделабра. Во незгодата возачот Г.С. од здобиените повреди починал на лице место, додека сопатникот З.М. (38) од с.Марино-Скопје, се здобил со телесни повреди и со  возило на Итна медицинкса помош е пренесен во Ургентен центар - Скопје, каде е задржан на лекување на Клиниката за Трауматологија. Увид на лице место извршила екипа од Секторот за внатрешни работи-Скопје. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на судска медицина за обдукција.

На 12.01.2018 година околу 06,45 часот во Битола на ул.„Прилепска“ се случила сообраќајна незгода во која М.В. (63) од Битола, управувајќи патничко моторно возило „Мерцедес“ со битолски регистарски ознаки, удрил во пешакот  З.П. (65) од Битола. Во Клиничката болница-Битола на З.П. му е констатирана тешка телесна повреда  (внатрешно крварење на мозок), по што е препратен во Клинички центар -Скопје. Увид на лице место извршила екипа од СВР Битола.

На 12.01.2018 година во 17,15 часот во близина на крстосницата кај с. Амзабегово, светиниколско, се случила сообраќајна несреќа во која Б.В. (28) од истото село, управувајќи патничко моторно возило “форд фокус“ со штипски регистарски таблички, поради неприлагодена брзина кон условите на патот, загубил контрола над возилото, излетал од патот и удрил во дрво. Во несреќата Б.В. се здобил со тешки телесни повреди и е пренесен во Клиничкиот центар Штип. Увид на лице место извршила екипа од Полициската станица Свети Николе.

На 13.01.2018 година во 03,00 часот во Полициската станица -Штип, З.А. (30) од Штип , пријавил кривично дело Насилство, односно појаснил дека истиот ден околу 00,30 часот додека седел во угостителски објект во друштво на неговата сопруга, од позади грб му пришол О.О. (32) од Штип, го удрил со тупаница во пределот на лицето, а потоа во пределот на телото.  З.А. станал, но во истиот момент дошло обезбедувањето, по што ги раздвоиле и ги отстраниле од објектот. Од нападот, З.А. се здобил со повреди и се упатил во Клиничка болница Штип на лекарски преглед, но додека бил на приемното одделение, пристигнал О.О. во друштво со лицето Д.К. (29) од Штип, и физички го нападнале. Од ударите З.А. паднал под масата за преглед, по што О.О. и Д.К. ја свртеле масата и со неа почнале да го удираат по телото. Според пријавеното, напаѓачите го удирале З.А.и со други предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 11.01.2018 година во Кичево  во домот на С.Ѓ. (49) од страна на полициски службеници од Полициската станица-Кичево, по наредба од Основен суд –Кичево, извршен е претрес во неговата куќа, при што бил забележан неговиот син Ј.Ѓ. како во патничко моторно возило „Чироки“ со кичевски регистарки ознаки, става огнено оружје. Од страна на полициските службеници  извршен е преглед во возилото, при што пронајдени и одземени се: три пиштоли, една автоматска пушка, една полуавтоматска пушка, ловна и воздушна пушка, рачна бомба, една граната за светлосен сигнал, една звучна граната, топовски удар, повеќе оквири за автоматска и пиштолска муниција и околу 270 парчиња пиштолска и автоматска муниција. Ј.Ѓ. е лишен од слобода и однесен во Полициската станица -Кичево , а од страна на Судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.

На 11/12.01.2018 година во времето од 18,00 до 09,00 часот во црквата Св.„Атанасија“ во с.Радиовце-Тетово, непознат сторител извршил тешка кражба на тој начин што преку прозорецот влегол внатре и во ходникот пронашол незаклучена металната каса од која одзел околу 2.000 денари во разни апоени, а од иконите одзел околу 1.000 денари во разни апоени. Увид на лице место извршила екипа од СВР-Тетово.

На 12.01.2018 година во 17 часот во Полициската станица Кочани К.А.К. (38) од Кочани пријавила дека истиот ден околу 16 часот била психички и физички малтретирана од нејзиниот сопруг М.К. (39) вработен во МВР. Имено, според пријавата, М.К. под дејство на алкохол почнал да и упатува сериозни закани дека ќе посегне по нејзиниот живот и по животот на нејзините најблиски, воедно барајќо од неа да си оди од дома и да го остави нивното седумесечно бебе. Според добиени сознанија нејзиниот сопруг секој ден бил во алкохолизирана состојба и во повеќе наврати на сличен начин ја малтретирал психички и физички. На 03.12. минатата година, повторно под дејство на алкохол го извадил службениот пиштол и испукал неколку куршуми во дневната соба. За настанот е известено ОЈО Кочани по чија наредба од М.К. е одземено службеното оружје и се преземаат мерки за расчистување на настанот. Во расчистување на случајот е вклучен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.