Извадок од дневните настани 15.01.2018

Во периодот од 23,50 часот на 14.01.2018 до 00.35 часот на 15.01.2018 година, Одделението за прекуграничен криминал, странци и реадмисија, во содејство со полициски службеници од Полициската станица Тетово извршило акциска контрола во угостителски објект во Тетово. При контролата, во објектот биле затекнати три женски лица од кои што едната била државјанка на Република Македонија, а две Д.С. (26) и Н.Д. (18)) се државјанки на Република Албанија. Сите три лица биле приведени и задржани во Полициската станица Тетово. По целосно документирање на случајот, против странските државјанки ќе биде поднесена пријава за злоупотреба на туристичкиот престој.   

 

На 14.01.2018 година во 20.10 часот на магистралниот пат Гостивар-Кичево било забележано паркирано патничко возило „Мазда“ со скопски регистарски ознаки, во кое се наоѓал С.М. (40) од Тетово. Од страна на полициски службеници бил направен преглед на возилот и лицето, при што биле пронајдени изработена службена легитимација со амблем на МВР на Република Македонија со фотографија на С.М., фосфорно елече, мал нотес со патни налози и озонер со амблемот Полиција. Поради лажно преставување по член 391 од Кривичниот законик на Република Македонија, С.М. (инаку евидентиран како сторител на кривични дела “измама“) бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка.

 

На 15.01.2018 година во 01.20 часот во СВР Тетово, од вработен во Клиничката болница Тетово било пријавено дека кај нив бил донесен Б.Б. (23) од с.Голема Речица, тетовско, со повреди на главата и телото. Тој изјавил дека околу 22.20 часот на ул. „Илинденска“ се сретнал со лицето Ј.  од Тетово, кој бил со уште едно непознато лице со патничко возило „БМВ“ со непознати регистарски ознаки. Во еден момент, Ј. со железен предмет му задал неколку удари во телото и главата. Откако Б.Б. паднал,  двете лица продолжиле да го удираат со клоци по телото. По кратко време, со возилото побегнале во непознат правец. На Б.Б. му била укажана лекарска помош и бил задржан за понатамошно лекување. СВР Тетово презема мерки за пронаоѓање на лицата и за целосно расчистување на случајот.

 

На 14.01.2018 година во 13.20 часот во Центарот за известување и команда Тетово било пријавено дека во атарот на село Брвеница, тетовско (зад фарма за свињи) се пронајдени остатоци од човечко тело. Увид на местото на  настанот извршила екипа од СВР Тетово. Остатоците биле подигнати и предадени на лекар од Судска медицина за понатамошна постапка. Исто така, биле пронајдени и обезбедени неколку парчиња облека. СВР Тетово презема мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 14.01.2018 година во 07.26 часот во Единицата за информации и команда Скопје, Љ.П. пријавил дека со прострелна рана од огнено оружје во главата го пронашол неговиот дедо Ж.М. (62) во неговиот дом на ул. „Иван Наумов Алабакот“ во Скопје. Од страна на лекар од Итна медицинска помош била констатирана смрт, а увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител, над телото на починатиот ќе биде извршена обдукција.

 

Во текот на иминатиот викенд (12.01., 13.01. и 14.01.2018 година), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 25 сообраќајни незгоди од кои една сообраќајна незгода со загинато лице, една сообраќајна незгода со тешки телесни повреди, девет сообраќајни незгоди со телесни повреди и 14 со материјална штета. Односно, во сообраќајните незгоди едно лице загинало, едно лице се здобило со тешки телесни повреди и 21 лице се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 116 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај биле исклучени вкупно 47 возачи од кои осум возачи бидејќи управувале под дејство на алкохол, 35 возачи бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило и четворица возачи почетници. Од сообраќајот исто така биле исклучени вкупно 26 возила и тоа 25 нерегистрирани возила и едно технички неисправно возило. Во текот на изминатиот викенд издадени се 145 мандатни платни налози за непрописно паркирање, додека 141 возило е подигнато со "пајак". Исто така, 11 возачи се санкционирани заради минување на крстосница на црвено светло, двајца возачи - не дале првенство на минување на пешаци, поради неправилно престројување санкционирани се пет возачи и еден возач поради неправилно престигнување.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.А. (25) и Ј.З. (20), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „тешки кражби“. Во периодот од 03 до 09.12.2017 година, во Скопје, во населбите Бутел и Шуто Оризари, пријавените од паркирана механизација (градежни машини и товарни возила) одзеле околу 550 литри нафта, 10 литри антифриз и четири акумулатори, со што се стекнале со вкупна противправна имотна корист од 88.860 денари.


 На 14.01.2018 година во 20.00 и во 20.45 часот на автопатот Тетово-Скопје се случиле две сообраќајни незгоди предизвикани од кучиња-скитници, кои неконтролирано се движеле по коловозот и кои биле усмртени од патничко возило „Голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од З.Н. (32) од с.Ларце и патничко возило „Голф“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал Т.А. (37) од Студеничани. Во незгодите нема повредени лица во возилата.

На 14.01.2018 година во Полициското одделение Мирковци, З.Ѓ. (37) пријавил дека претходниот ден од домот во непознат правец се оддалечил неговиот татко Д.Ѓ. (66). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 14.01.2018 година во 18,30 часот К.Х. (44) од Скопје пријавил дека од страна на непознат сторител му била извршена тешка кражба во неговиот стан на ул. „Козле“. Во периодот од 04,00 часот на 04.01. до 17,00 часот на 14.01.2018 година сторителот со погоден предмет ја отворил вратата од балконот, влегол во станот и одзел машки рачен часовник марка „Брејтлинг“ од 1.200 евра, поголема количина златен накит. пиштол и куршуми кои оштетениот ги поседувал со дозвола. После тоа сторителот побегнал во непознат правец. На тој начин, сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 1.000.000 денари, а причинил и материјална штета од околу 5.000 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 15.01.2018 година во 00,05 часот во с.Долгаш биле затекнати четири лица - државјани на Република Македонија, кои вршеле ископ на дупка во димензиии два на два метри широчина и длабочина од околу  четири метри. Тие со себе имале метал-детектор. По наредба на Јавен обвинител, лицата биле приведени во Полициската станица Дебар за расчистување на настанот. 

На 14.01.2018 година во 09,00 часот во Полициската станица Гази Баба, Т.Ѓ. (46) пријавил дека на 13.01.2018 година во периодот од 15,00 до 20,30 часот од страна на непознат сторител му било  одземено товарно моторно возило „Цитроен  Џампер“ со скопски регистарски ознаки, кое било паркирано на ул. „Методија Андонов-Ченто“. Сторителот на непознат начин влегол во возилото, го стартувал и побегнал во непознат правец, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 240.000 денари. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 14.01.2018 година во 03,00 часот Б.Б. (27) пријавил дека во угостителски објект на ул. „50-та Дивизија“ во Скопје бил физички нападнат од страна на две непознати лица.  Во полициска станица бил изготвен записник за лицата Ч.М. (50) и Д.Д. (26) за констатиран прекршок - физички напад, од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. 

На 14.01.2018 година во 03,50 часот В.С. (27) пријавил дека пред угостителски објект на ул. „50-та Дивизија“ во Скопје бил физички нападнат од страна на четири лица. Додека чекал такси со својата девојка, лицата физички го нападнале. На лицето Д.К.(27) во полициска станица му бил изготвен записник за констатиран прекршок - физички напад од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Се работи на целосно расчистување на случајот.


СВР Скопје поднесе кривична пријава против И.Ш. (19) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба во обид“. На 05.03.2017 година околу 13.00 часот, пријавениот дошол на ул. „Марк Твен“ пред приватниот имот на фирмата Далмах Фриго ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, ја прескокнал оградата и се упатил кон машините со намера да го извади бакарот од нив. По ова, со употреба на физичка сила почнал да ги витка, кине и вади бакарните делови (цевки) од повеќе машини во вредност од околу 523.000 денари, но бил забележан од видео надзорот и спречен од страна на обезбедувањето. 

Полициската станица Прилеп поднесе известување против Ш.Р. (37) од Прилеп  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „полов напад врз дете кое нема наполнето 14 години“.  Пријавениот, во својот дом, со употреба на физичка сила извршил полови дејствија над 13- годишно девојче со кое бил во роднински врски.

Полициската станица Тетово поднесе кривична пријава против Љ.Е. (23) од Тетово  поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „приредување на игри на среќа без лиценца,односно без дозвола од надлежен орган”, казниво по член 156 став 3 од Законот за игри  на среќа и забавни игри и кривично дело „комар“. Пријавениот во својство на физичко лице во текот на 2017 година, во објект наменет за спортската обложувалница на ул  „133“ организирал и приредувал игри на среќа без лиценца поточно без издадена дозвола од надлежен орган. На 17.12.2017  година,  од страна на полициски службеници при  вршење на контрола во наведената спортска обложувалница, биле затекнати пријавениот и уште две лица вработени во објектот. Притоа, биле одземени 14 компјутери, шест монитори за компјутер, пет принтери, читач за опрема, 15 телевизори, апарати за игра со кучиња, шест тастатури за компјутер и 14 ливчиња за обложување на игри на среќа.  Исто така, при контрола во пултовите наменети како шанкови биле пронајдени  510 евра и 77.350 денари.