Извадок од дневните настани 16.01.2018

На 15.01.2018 година околу 14,30 часот било пријавено дека во Крива Паланка на ул.„Св. Јоаким Осоговски“ патничко моторно возило “Ауди А-3“ со скопски регистерски таблици управувано од 16 годишен малолетник од Крива Паланка, изгубилo контрола над возилото и удрилo во пешакот Н.И. (44) од Крива Паланка, а потоа удрилo и во бетонски ѕид и бандера. Од здобиените повреди при незгодата, Н.И. починала на самото место, додека возачот се здобил со телесни повреди. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Крива Паланка.

На 15.01.2018 година во 12,30 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје, С.А. пријавил дека неговиот татко Б.А. (60) се самоубил со бесење. Б.А. бил пронајден обесен во остава надвор од куќата од страна на неговата сопруга, која го пресекла јажето и го симнала телото на починатиот на подот. Од страна на екипа од Итна медицинска помош во 13,00 часот била констатирана смрт. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Скопје. По наредба на Јавен обнител, телото на починатиот било предадено во Институтот за судска медицина за обдукција.

На 15.01.2018 година околу 12,30 часот во Секторот за внатрешни работи Велес било пријавено дека во близина на с.Сопот, во водите на реката Вардар бил забележан човечки леш, заглавен помеѓу карпи. Екипа од Единицата за специјални задачи излегла на лице место, но поради временските услови и непристапниот терен, не успеале да го извадат телото од водите на реката. Денеска припадници на Единицата за специјални задачи ќе продолжат со преземање мерки за вадење на телото од водата.  

На 15.01.2018 година во Полициската станица Гостивар, А.Ф. (42) од Гостивар, пријавил дека на 14.01.2018 година од домот во непознат правец се оддалечила неговата ќерка А.Ј. (20). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 15.01.2018 година во 11.30 часот во Полициското одделение Сарај, Р.А. (73) од с.Грчец пријавил дека пред околу 20 дена од семејниот дом во с.Грчец во непознат правец се оддалечила неговата внука П.Н. (26). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.  
Во текот на вчерашниот ден (15.01.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно седум сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, две со телесни повреди и четири со материјална штета. Во сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди, а пет лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 27 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, а 15 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Еден возач е исклучен од сообраќајот бидејќи управувал возило под дејство на алкохол и еден - како возач почетник. Од сообраќајот исклучени се вкупно 11 возила од кои 10 нерегистрирани и едно технички неисправно возило. Во текот на изминатиот ден издадени се 93 мандатни платни налози за непрописно паркирање, додека 80 возила се подигнати со "пајак". Исто така, седум возачи се санкционирани заради минување на крстосница на црвено светло и три возачи поради неправилно престигнување. Во текот на вчерашниот ден санкциониониран бил и пешак кој поминал коловоз вон пешачки премин.

На 15.01.2018 година во 15,20 часот на крстосницата од ул. „Црногорска“ и ул. „Андон Папрадишки“ во Скопје, откако претходно Ф.А. (47) од с. Сарај во одзел патничко возило “Ауди А6“ (сопственост на рента кар фирма), загубил контрола врз возилото и удрил во бетонски столб. По незгодата, Ф.А. пеш се дал во бегство, но сопственикот на рента кар фирмата А.Н. (36) од Скопје успеал да го фати и физички го нападнал. Ф.А. се здобил со повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“.  Од страна на лекар му биле констатирани тешки телесни повреди и се наоѓа во животна опасност.  За сообраќајната незгода увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. За бесправното одземање на возилото, како и за физичкиот напад, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по целосно документирање на случаите. 
  Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против Х.А. (55) од Охрид поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „убиство во обид“. На 13.01.2018 година, во Охрид, додека Х.У. (61) се движел по улицата “Даме Груев“ бил пресретнат од пријавениот, инаку негов роднина, кој поради нерасчистени семејни недоразбирања, го нападнал со нож нанесувајќи му убодни рани. Од страна на судија на претходна постапка на пријавениот му е одреден мерка притвор во траење од 30 дена.
Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против Џ.М. (27) од село Горно Палчиште, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело “разбојништво“. На 10.12.2017 година околу 16,45 часот додека Ф.М. и Б.М. се движеле со патничко возило на локален пат над село Горно Палчиште, пријавениот ги пресретнал и ги сопрел, по што физички го нападнал Б.М. удирајќи го со тупаница во пределот на лицето. Пријавениот го одзел возилото и се упатил во непознат правец. По преземени мерки и активности, Џ.М. бил лишен од слобода додека возилото му е вратено на Б.М..
Полициската станица Дебар поднесе кривична пријава против А.Ш.(25), С.М.(31), М.Ш. (20) и Р.Ш. (48) сите од  с.Лабуништа-струшко,  поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „тешка кражба“. На 08.11.2016 година, пријавените извршиле тешка кражба во куќата на Е.И. од с.Новак–општина Центар Жупа, од каде одзеле ловна пушка “Берета“, револвер марка “Застава“ кои ги поседувал со дозвола, две рамки за пиштол со по 15  куршуми  калибар 9 мм, 30 куршуми за карабин, 15 куршуми за “Магнум“ 12. мм, четири хилти и 1.300 евра, со што е причинета материјална штета  околу 550.000 денари.                                                                                                                    
Полициската станица Виница поднесе кривична пријава против М.П.(48) од Виница, вработен во Јавна здравствена установа “Здравствен дом“ во Виница на работно место доктор по стоматологија, поради постоење основи на сомнение дека сторил две кривични дела „несовесно работење во службата“  и „злоупотреба на службената положба и овластување“. На 23.02.2017 година, пријавениот во својство на тогашен директор на Јавна здравствена установа “Здравствен дом“ во Виница, донел Одлука за распишување на Оглас за јавна набавка на 350 метри кубни огревно дрво за потребите на установата, по што со правно лице од Куманово склучил договор за јавна набавка. Предвидената количина на огревно дрво кумановската фирма ја испорачала и доставила до Јавната здравствена установа Здравствен дом Виница со фактура од вкупен износ 1.296.820 денари. На 03.11.2017 и 06.11.2017 година од страна на државниот инспектор за шумарство во содејство со полициски службеници  извршени се два инспекциски надзори во Јавната здравствена установа “Здравствен дом“ во Виница, по што било констатирано  дека од страна на правното лице од Куманово биле испорачани 229 метри кубни односно 121 метри кубни помалку од договореното. Иако согласно одредбите во склучениот договор пријавениот бил должен да ја следи реализацијата на договорот и да реагира кон добавувачот, за да ги отстрани видливите недостатоци на испорачана стока и да ги отстрани истите, тој тоа не го сторил со што директно му овозможил на добавувачот да се стекне со имотна корист од 447.662 денари, на штета на буџетот на јавната здравствена установа “Здравствен дом“ во Виница. Пријавениот ја злоупотребил службената положба и овластување, на начин што склучил договори за закуп и за уредување на меѓусебните односи со приватните здравствени установи, при што иако бил должен на приватните здравствени установи кои што имале склучено договори за закуп и за уредување на меѓусебните односи да им ја зголеми цената, тој тоа не го сторил со што го оштетил буџетот на Јавната здравствена установа „Здравствен дом“-Виница, а со тоа и на Република Македонија за 1.815.000 денари.
Полициската станица Гостивар поднесе кривична пријава против Б.Л. (29) од с.Врапчиште-гостиварско, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „уцена“. Во октомври 2017 година, пријавениот со цел да прибави противправна имотна корист за себе  уценувал 18 годишна девојка од с.Добридол, дека преку социјални мрежи ќе објави нејзини компромитирачки фотографии доколку не му исплати 400 евра или да излезе со него.
Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против Е.Е.(19), Р.А.(19) и Ш.Ш.(24), поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело “насилство“. На 10.11.2017 година околу 18,30 часот додека Е.А.(21) и Е.А. (18) двајцата од Тетово, се движеле по улицата „Маршал Тито“, пристигнале пријавените и веднаш физички ги нападнале задавајќи им повеќе удари по главата и телото,  од што нападнатите паднале во бесознание. Од страна на случајни минувачи истите биле разделени, а оштетените биле пренесени во Клиничка Болница во Тетово за укажување на лекарска помош.