Извадок од дневните настани 17.01.2018

На 16.01.2018 година околу 12,15 часот во Скопје на бул. „АСНОМ“, се случила сообраќајна незгода помеѓу возило „Опел Корса“ со скопски регистарски ознаки,  управувано од Љ.К.(63) од Скопје, возило „Форд Фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.Ф.(43) од Скопје и паркирано возило „Алфа Ромео“ со бугарски национални ознаки сопственост на Л.Г.(37). Во незгодата Н.Ф. се здобила со тешки телесни повреди (фрактура на ребра). Увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Скопје.  


На 15/16.01.2017 година во с.Копанце–Тетово во црквата „Св. Никола“, од страна на непознат сторител со употреба на тврд предмет искршено е стакло од влезната врата на црквата и од масата за свеќи одземени се ситни пари во вредност од околу 2.000 денари. Увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.


На 16.01.2018 година околу 22.20 часот В.Н.(37) од с.Долно Соње-Скопје, вработен во Агенција за обезбедување, пријавил дека околу 21.40 часот на бензинската пумпа лоцирана на бул.„Србија“ вработените биле вознемирувани од машко лице кое кон нив упатувало пцовки, закани и навреди, а во рацете држело нож и сукало. По доаѓање на патрола од агенцијата за обезбедување, сторителот му упатил закани по животот и на И.М. вработен во агенцијата. Лицето е приведено од полициски службеници и утврдено е дека се работи за С.П.(28) од Скопје, кој што бил задржан во Полициска станица Кисела Вода. Се работи на расчистување на случајот.


Во врска со настанот кој беше објавен во вчерашниот извадок од дневни настани за пронајден леш во водите на реката Вардар, вчера на 16.01.2018 година околу 11,00 часот од страна на екипа од Единицата за специјални задачи од реката Вардар изваден е машки леш, кој по наредба на јавен обвинител е предаден на Институтот за судска медицина – Скопје за вршење идентификација и обдукција на телото.


На 16.01.2018 година околу 08,30 часот полициски службеници од Полициска станица за Граничен надзор Сопот на околу 300 метри до граничната линија во близина на Ашански пат, забележале илегален влез на група мигранти од Република Србија во Република Македонија. Се работи за едно лице од Сомалија, четири лица од Иран и шест лица од Сирија, кои што изјавиле дека одредено време престојувале во Република Србија. Лицата се донесени во Транзитен центар Табановце за понатамошна постапка.


На 16.01.2018 година околу 12,15 часот во Казнено поправна установа -Затвор Идризово, во амбулантното одделение, настанала тепачка помеѓу затворениците М.З.(36) и Д.Р.(42), при што на Д.Р. му се нанесени тешки телесни повреди констатирани на Клиника за максилофасцијална хирургија, каде што е задржан на понатамошно лекување. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


На 16.01.2018 година во 20,00 часот од страна на итна медицинска помош било пријавено дека во просториите на хотел кој се наоѓа позади поликлиника “Бит пазар“ во Скопје, во хотелска соба е пронајдено починато машко лице, легнато на подот со траги од крв и метадон. По кажување на вработените во хотелот, лицето кое што престојувало во хотелот пристигнало на 15.01.2018 година и се претставило како Б.М. без да остави документи за идентификација. По наредба на јавен обвинител телото е предадено на обдукција.  


На 16.01.2018 година во 19.30 часот А.Б.(53) од Тетово пријавил дека од дома се оддалечил неговиот син Е.Б.(28). На 09.01.2018 година А.Б. последен пат телефонски разговарал со Е.Б. и истиот бил во Скопје, но од тој ден е  недостапен и не се вратил дома. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


На 16.01.2018 година во 17.20 часот била пронајдена Ј.А.(20) од Гостивар, која на 15.01.2018 година во Полициска станица -Гостивар била пријавена за исчезната.


На 17.01.2018 година во 02,30 часот од страна на полициски службеници од Гостивар приведен бил Џ.И.(23) од с.Дебреше – Гостивар, кој бил избеган од Казнено поправна установа Затвор -Тетово, а кој се барал со наредба од затворот Тетово. Кај истиот во возило „Ауди А4“ со скопски регистарски ознаки биле пронајдени и одземени пиштол, шест куршуми калибар 9мм, ремен со футрола за пиштол.


Во текот на вчерашниот ден (16.01.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно девет сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни поввреди, три со телесни повреди и пет со материјална штета. Во сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди и шест лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 27 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, а 16 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување. Еден возач е исклучен од сообраќајот бидејќи управувал возило под дејство на алкохол како и тројца возачи –  почетници.  Од сообраќајот исклучени се вкупно 10 нерегистрирани возила. Во текот на изминатиот ден, исто така, издадени се 107 мандатни платни налози за непрописно паркирање, додека 64 возила се подигнати со "пајак". Наедно, 19 возачи се санкционирани затоа што во своите возила не поседувале пропишана зимска опрема а тројца возачи поради неправилно престројување. Во текот на вчерашниот ден санкционирани биле и осум пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин и седум пешаци кои поминале коловоз на црвено светло.

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против  З.Ј.(29), Ј.Ј.(32) Д.Ј.(28) сите од село Брвеница, А.С.(35) и Т.Д.(35) двајцата од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “насилство“. На 23.11.2017 година околу 03,30 часот, во угостителски објект во село Брвеница второпријавениот, по вербална расправија со Х.А.(30) од село Долно Седларце, физички го нападнал, при што се приклучиле и останатите пријавени и други непознати лица.

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против З.М.(62) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “тешка телесна повреда”. Пријавениот на 23.12.2017 година околу 12,00 часот на улица „Ангел Шајче“,  во домот на неговата мајка, по претходна вербална расправија, со дрвен стап, физички го нападнал неговиот пријател М.Л.(59) од Куманово, при што му нанел тешка телесна повреда.


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе  кривична пријава против З.А. (34) од село Делогожда и правното лице Јавно претпријатие „Водовод“,  во село Делогожда поради постоење основи на сомнение за сторени  кривични дела „даночно затајување“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во текот на 2017 година, во „Водовод“  во село Делогожда, вработени од Управата за јавни приходи, при контрола на фактурите на данок на добивка и данок на додадена вредност за период за 2015 и 2016 година,  утврдиле дека пријавениот, како директор на „Водовод“, приходите ги евидентирал врз основа на наплатени средства - паушално, а не врз основа на издадени фактури. При тоа, уплатите биле вршени по пошта, а претпријатието не користело фискален апарат. Од извршената контрола било утврдено дека пријавениот, не извршил и навремена уплата на парични средства за ДДВ, со што го оштетил буџетот на Република Македонија за 204.855 денари.

На 16.01.2018 година околу  20,50 часот во Секторот за внатрешни работи Битола било пријавено дека на 15/16.01.2018 година во времето од 19,00 до 06,00 часот во Прилеп во зграда каде живее лицето Х.Л. од страна на непознат сторител испишани биле графити со заканувачка содржина упатени кон него.