Извадок од дневните настани 18.01.2018

 На 17.01.2018 година околу 14.15 часот на локалниот пат за с.Долна Бела Црква-Ресен се случила сообраќајна незгода помеѓу патичко возило „Мерцедес“  со охридски регистарски ознаки, управувано од Џ.М. (46) од с.Јанковец, ресенско и патничко возило „Југо“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Б.Т. (62) од Ресен. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле возачот Б.Т.  и осумгодишно момче, сопатник во патничкото возило од с.Царев Двор, ресенско, додека двегодишно девојче се здобилo со телесни повреди. Сите тројца биле задржани на понатамошно лекување во Клиничката болница Битола. Увид на местото на настанот извршила екипа од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен.

 

На 17.01.2018 година во 11.20 часот на ул. „11-ти Септември“ во Ресен настанал пожар во куќите сопственост на М.Д. (51), на В.А. (43) и на Н.З., при што  билe опожарени покривните конструкции, собите и покуќнината, а при гаснење на пожарот било направено оштетување на дел од ѕидовите и покуќнината. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Битола. Увид извршила екипа од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен. Пожарот најверојатно настанал на покривот, односно на оџакот од куќата на М.Д..  

 

На 18.01.2018 година во 02.05 часот во Единицата за информации и команда Скопје вработена во казино на ул. „11-ти Октомври“ во Скопје пријавила дека околу 02.00 часот непознато маскирано лице извршило разбојништво над неа. Сторителот со закана со пиштол ги одзел парите од дневниот промет и побегнал. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 

На 17.01.2018 година во  17.00 часот во Полициската станица Кавадарци В.Ѕ.Т. (24) од Република Србија пријавил дека истиот ден околу 12.30 часот две непознати маскирани лица извршиле разбојништво врз него. Тој застанал со своето возило на патот Кавадарци - Росоман и кога излегол  од возилото  му се доближиле лицата и со закана со нож и  шрафцигер од торбата му одзеле 415 евра и 2.500 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

 

На 16.01.2018 година во 10.45 часот, поради постоење основано сомнение дека врши кривично дело „измама“, од страна на полициски службеници од Полициската станица Дебар бил приведен Ч.С. (25) од Тирана Република Албанија.

 

Во текот на вчерашниот ден (17.01.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 12 сообраќајни незгоди, од кои две со телесни повреди и 10 со материјална штета. Во сообраќајните незгоди две лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека осум возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, а 12 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување. Еден возач е исклучен од сообраќајот бидејќи управувал возило под дејство на алкохол како и двајца возачи –  почетници.  Од сообраќајот исклучени се вкупно 11 нерегистрирани возила. Во текот на изминатиот ден, исто така, издадени се 49 мандатни платни налози за непрописно паркирање, додека 44 возила се подигнати со "пајак". Tројца возачи се санкционирани затоа што поминале крстосница на црвено светло и двајца возачи кои не дале првенство на минување на пешаци. Во текот на вчерашниот ден санкционирани биле и четири пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин. 

СВР  Тетово поднесе  кривична пријава против двајца 16-годишници од село Теново и против еден 15-годишник од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“. Пријавените на 06.11.2017 година околу 18,30 часот на улица „Илинденска“ во Тетово физички нападнале  еден 17-годишник. Притоа, едниот 16-годишник му задал удар со нож во пределот на стомакот на оштетениот, по што тој бил пренесен во Клиничката болница Тетово. Подоцна, 16-годишникот со неговата мајка се пријавил во Полициската станица Тетово,  каде што го предал ножот.  

 
На 17.01.2018 година Р.И. (52) пријавила дека на 16.01.2018 година околу 15.00 часот на крстосница од ул. „Мелничка“ со ул. „Бутелски Венец“, во Скопје, таа и нејзиниот сопруг С.И. биле физички нападнати од  непознато лице. Напаѓачот со возило им го попречил патот. С.И. излегол од неговото возило и побарал лицето да го тргне возилото за да помине. Без да каже ништо, лицето најпрво со спреј со непозната содржина го испрскал неколку пати во пределот на очите, а потоа почнал да го удира со клоци и тупаници во пределот на телото и главата. Р.И. излегла од возилото со намера да го одбрани својот сопруг, а напаѓачот и неа ја нападнал со тупаници во пределот на главата, а истовремено и неа ја испрскал со спрејот во пределот на лицето. После тоа, напаѓачот со неговото возило побегнал во непознат правец.  Се преземаат мерки  за целосно расчистување на случајот.  

СВР Тетово поднесе  кривична пријава  против  М.Ф. (20) од  село Пирок, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „противправно лишување од слобода“. М.Ф. на 06.10.2017 година околу 12.00 часот во Гостивар, после упатени закани кон Е.А. (18) од село Сенокос, гостиварско, ја наговорил да влезе во такси возило, по што се упатиле во домот на пријавениот.   Отако пристигнале,  пријавениот и соопштил на Е.А. дека таа ќе му биде сопруга, по што ја држел во неговата куќа до 15.11.2017 година. Тој ден, од телефонот од таткото на пријавениот, таа се јавила на татко и.  Родителите и братот на Е.А., заедно со полициски службеници пристигнале во село Пирок и ја земале девојката.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.С. (30) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “тешка телесна повреда”. С.С.  на 28.12.2017 година околу 11.00 часот во Куманово во аптека на улица „Веселин Маслеша“ физички го нападнал вработениот Д.Ѓ. (43) затоа што не му дал ампули дијазепам без рецепт. Откако вработениот не му ги дал ампулите, С.С. излегол надвор и со камен  го скршил прозорецот од аптеката, а потоа физички го нападнал вработениот, при што му нанел тешки телесни повреди. После тоа, Д.Ѓ. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Општата болница во Куманово, а потоа поради сериозноста на повредите бил пренесен  во Ургентен центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
На 18.01.2018 година во 04.20 часот во Единицата за информации и команда Скопје, А.Н. пријавила дека на ул. „Ѓорѓи Капчев“ во Скопје било опожарено патничко возило „Опел астра“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на нејзината ќерка К.Б. (40). Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.
СВР Штип поднесе кривична пријава против И.В. (37) од Делчево, А.А. (28) од Делчево, В.А. (61) од Кочани, управител во правното лице „Ацико Трејд” Делчево поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување или уништување на деловни книги“,  како и против правното лице Друштво за обука на возачи, производство, трговија и услуги „Ацико Трејд“ ДООЕЛ експорт-импорт Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување или уништување на деловни книги“. В.А., како  управител во „Ацико Трејд”, од 06.07.2017 до 31.10.2017 година на четири евидентни картони, за оспособеност на кандидат за возач од практичен дел од програмата за Категорија Ц+Е, внел невистинити податоци дека оспособувањето било извршено со приклучно возило, и покрај тоа што знаел дека приколката не била користена за обука. И.В. и А.А., како возачи-инструктори во „Ацико Трејд”,  во четири картони за евиденција за оспособеност на кандидат за возач од практичен дел од програмата за Категорија Ц+Е внеле невистинити податоци дека извршиле обука на кандидати за возачи со полуприколка и се потпишале, и покрај тоа што знаеле дека не ја спровеле обуката со приколката, со што овозможиле „Ацико Трејд” ДООЕЛ Делчево да се здобие со имотна корист во вредност од најмалку 60.000 денари.