Извадок на дел од дневни настани 19.01.2018

 На 18.01.2018 година околу 16,00 часот на магистралниот пат Делчево-Штип, на надвозникот пред с.Облешево автобус со кочански регистерски таблици управуван од М.М.(60) од Кочани удрил во велосипед управуван од С.Т. (58) од с.Мојанци-кочанско. Велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди, и со возило на Итна медицинска помош бил транспортиран кон Клиничкиот центар во Штип, но на пат кон болница им подлегнал на повредите. Сообраќајот се одвивал наизменично по една коловозна лента. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Штип и се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 18.01.2018 година во 22,00 часот на магистралниот пат Охрид–Ресен после с.Косел, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Фолксваген Голф“ со битолски регистерски таблици управувано од С.Ј. (46) од Охрид и патничко моторно возило „Киа Сефиа“ со битолски регистерски таблици управувано од Ј.П.(33) од Битола. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил С.Ј. кој по укажаната лекарска помош во болницата “Свети Еразмо“, поради сериозноста на повредите, бил препратен во Комплексот Клиники “Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица за безбедност на сообраќајот на патиштата-Охрид.

 

На 18.01.2018 година околу  23,55 часот во с.Батинци-скопско се случила сообраќајна незгода во која патничко моторно возило „Мерцедес“ со скопски регистерски таблици управувано од  Е.Л. (36) од с. Ќојлија излетало од патот удрило во бетонски ѕид а потоа пропаднало во одводен канал. Е.Л. и едниот сопатник И.Л.(38) се здобиле со тешки телесни повреди додека другиот сопатник А.Л.(37) се здобил со телесни повреди. Возачот бил пренесен во Комплексот Клиники “Мајка Тереза“, додека сопатниците биле пренесени во Градската општа болница “Свети Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош. Од страна на увидна екипа од СВР-Скопје извршен бил увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 19.01.2018 година во 01,30 часот во ПСОН-Тетово, малолетничка од Тетово во присуство на нејзината мајка во придружба на Дежурен јавен обвинител, психолог при Центарот за социјални работи на Тетово и адвокат, пријавила дека на 18.01.2018 година околу 15,00 часот заедно со нејзината другарка, исто така, малолетна разговарале со непознато машко лице преку програмата „Азар“. Притоа непознатото лицето ги повикало да одат кај него дома, по што истите со такси возило отишле на договореното место односно во наслебата Мала Речица каде се сретнале со лицето и се упатиле пеш до главниот пат за с.Речица. За кратко време стигнале во неговата куќа, влегле во една од собите на катот каде непознатото лице по кусо време ја соблекло едната малолетничка и имал одредени полови дејствија кон неа, спротивно на нејзината волја, а подоцна го повторил истото и со другата малолетничка. Околу 18,00 часот истиот ден ги однел на кафе во кафетерија во близина на неговата куќа, по што повторно се вратиле во неговата куќа од каде што, искористувајќи згодна прилика, двете малолетнички побегнале и од неговиот мобилен телефон повикале такси возило со кое заминале во своите домови. СВР-Тетово презема мерки за пронаоѓање на пријавеното лице и работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 18.01.2018 година во 18,30 часот во СВР-Куманово, С.А. (31) од Авганистан пријавил дека на 16.01.2018 година околу 19,00 часот бил депортиран од страна на полициски службеници од Р.Србија на територијата на Р.Македонија во реонот на с.Лојане. Потоа пристигнал во с.Ваксинце каде преноќил две ноќи во куќа кај непознато лице за што му платил 40 евра. На 18.01.2018 година околу 12,00 часот си заминал со намера да оди во кампот во Табановце, но во с.Ваксинце бил нападнат со нож од едно лице кој му нанел расекотина на лицето во пределот на левиот образ, а други неколку лица го удирале со тупаници и клоци во предело на телото, по што му одзеле мобилниот телефон и 600 евра, а потоа го напуштиле местото на нстанот.Оштетениот побарал помош во  канцеларијата на Црвениот Крст во с.Лојане и со нивно возило бил пренесен транспорниот центарот во Табановце, по што настанот го пријавил во полиција. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

                                         

На 18.01.2018 година околу 17,40 часот било пријавено дека во Клиничкиот Центар во Тетово бил донесен повреден 17 годишен малолетник од с.Ново Село, Општина-Боговиње, кој имал расекотина на главата и по укажаната лекарска помош бил пуштен на домашно лекување. По негово кажување, истиот бил нападнат од страна на В.И.(20) и Х.И.(21) од с.Ларце-тетовско. В.И. со рачка од нож го удрил во пределот на главата. Причина била расправија околу девојка. Истовремено и двајцата напаѓачи сами се пријавиле во Полициско одделение Групчин и во разговорот негирале дека употребиле нож, односно кажале дека физички го нападнале малолетникот, но дека истиот паднал на глава на асфалтна површина и се повредил и дека истиот во повеќе наврати ја вознемирувал нивната сестра. По наредба на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Тетово двајцата биле задржани во СВР-Тетово заради целосно расчистување и документирање на случајот.

 

На 18.01.2018 година било пријавено дека на 17/18.01.2018 година во с.Фалише-тетовско, од страна на непознат сторител била извршена тешка кражба во црквата „Свети Атанасије“, при што биле одземени 1.800 денари две икони и околу еден килограм свеќи. Имено сторителот со цигла скршил еден од прозорците на црквата, влегол внатре и откако ги одзел предметите го напуштил местото на настанот. Увид извршила увидна екипа од СВР-Тетово и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 18.01.2018 година било пријавено дека истиот ден во времето од 12,15 до 15,10 часот во Битола на ул.„Анести Пановски“ непознат сторител извршил тешка кражба во куќата сопственост на Л.Ј.(58). Имено, сторителот со употреба на подесен алат делувал на прозорот од гаражата од приземниот дел од куќата, по што влегол внатре и одзел околу 7.000 евра, 130.000 денари и златен накит по што го напуштил местото на настанот стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 600.000 денари. Увид извршила увидна екипа од СВР-Битола и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

                                                     

На 18.01.2018 година во 12,30 часот, С.Т. од Скопје пријавил дека истиот ден во 10,30 часот, во службената канцеларија на Драмски театар-Скопје, пристигнало писмо адресирано лично до него. Откако го отворил писмото забележал дека во истото има напишана порака со заканувачка содржина за него и други лица. Пријавителот појаснил дека вакви пораки со заканувачка содржина добивал и порано од лице на Фејбук. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

 

На 18.01.2018 година во времето од 11,00 до 13,20 часот во Скопје спроти Собрание на Р.Македонија, на тротоарот кај „Жена парк“ се одржал јавен собир, на кој присуствувале околу 30 граѓани од граѓанското здружение „Македониум“, со цел  изразување револт против НАТО. Собирот завршил без проблеми, но останала група од 10 - 15 граѓани - членови на здружението, кои поставиле импровизирана тенда (за која имаат одобрение од Град Скопје), со цел собирање потписи во врска со најавен протест на 21.01.2018 година.

 

На 18.01.2018 год. во 15.10 часот во ПС Центар, Ј.К. (71) од Скопје пријавил дека истиот ден во времето меѓу 14.00 и 15.00 часот на ул.“Владимир Положанов“, бил измамен од страна на две непознати машки лица. Според пријавителот додека тој се движел кон пазарот “Буњаковец“ му пришле двете лица од кои повозрасното лице му рекло дека се странци и дека немаат денари коишто му биле потребни за да и ги даде на женаму заради наводен абортус на нивната ќерка. Оштетениот од банката во близина извадил 60.000 денари му ги дал на едното лице кое пак за возврат како залог му дало наводно златен ланец (копија на злато), по што двете лица заминале и не се вратиле. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 18.01.2018 год. во 12.15 часот В.П. (44) од Скопје пријавил истиот ден околу 09.30 часот на ул. “Ј.Х.Џинот“ поточно во ОСС1, Суд за прекршоци, во канцеларија бр. 61 каде извршува функција - судија, додека во канцеларијата била и неговата соработничка дошло лицето Г.С. и без никаков повод и причина почнал да му се заканува по неговата лична и семејна безбедност. Се работи на расчистување на случајот.

На 18.01.2018 година во 17,25 часот Б.П.(25) пријавил дека истиот ден околу 16,15 часот на бул.“Партизански Одреди“ од страна на непознат сторител било одземено патничко моторно возило “Голф-6“ со скопски регистерски таблици во кое имало еден лап топ компјутер, Ајпод мини и еден пар скијачки џизми. Одземањето било извршено на тој начин што откако сторителот дошол до паркираното возило кое било запалено и со клуч во брава, влегол во истото, го ставил во движење и заминал во непознат правец, со што се стекнал со противправна имотна корист од околу од 700.000 денари. Се работи на целосно расчистување на случајот.

           

На 18.01.2018 година во 09.30 часот И.М.(32) пријавил дека од 11 до 16.01.2018 година од страна на лицето Д.К. бил измамен, а во врска со претходна објава на “Реклама 5“ за вработување во Германија. Оштетениот контактирал за работата во Германија со лицето Д.К. при што овој му рекол дека треба да почнат веднаш со постапката на уплаќање за превод на формулари од македонски на германски јазик и плаќањето да го изврши на жиро сметка во банка, при што оштетениот направил повеќе трансакции на жиро сметка во износ од 80.000 денари. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Ф.Л. (43) од село Граешница,  битолско, за сторени кривични дела: “поттикнување“ во врска со “Фалсификување службена исправа“  и “Фалсификување исправа“. Пријавениот, којшто претходно бил повеќекратно осудуван, при аплицирање за добивање виза од Австралиска амбасада во Белград, искористил лажна исправа, односно потврда од казнена евиденција, којашто била издадена на име на лице од село Журче,  Демир Хисар. Откако, во Австралиската амбасада во Белград се посомневале во веродостојноста на документот, побарале интервенција од страна на почесниот конзул на Република Македонија во Австралија, по што на 31.10.2017 година од негова страна е испратено барање до основен Суд Битола, за експертиза и известување околу валидноста на издадената потврда. При извршената контрола и увид во архивската документација констатирано е дека се работи за фалсификуван документ, а СВР Битола превзема мерки за целосно расчистување на случајот.