Извадок на дел од дневни настани 20.01.2018

 На 19.01.2018 година околу 19,30 часот на регионалниот пат Градско-Велес, на местото викано Скачинска Река - oпштина Градско, се случила сообраќајна незгода во која Н.Н. (27) од Велес, управувајќи патничко моторно возило „Пежо-206“ со велешки регистерски таблици изгубил контрола над возилото, излегол надвор од коловозот и удрил во земјен брег. Возачот бил  пренесен во општата болница во Велес, каде бил задржан за понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Велес и се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 19.01.2018 година во 11,55 часот било пријавено дека на пругата кај железничка станица Миравци, поточно на влезниот сигнал на железничка станица Миравци, товарен воз управуван од З.Г. (55) од Скопје кој сообраќал на релација Гевгелија-Табановце удрил во С.Г. (64) од с.Миравци. Од здобиените повреди при ударот, С.Г. починал на местото на настанот. Од страна на лекар од Итна медицинска помош била констатирана смрт. Увид извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициска станица Гевгелија. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено за обдукција. Железничкиот сообраќај на тој дел од пругата бил во  прекин до 15,30 часот, по што бил нормализиран. Се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 19.01.2018 година во 16,30 часот на обиколница Скопје, кај клучката за с.Арачиново, од страна на полициски службеници при рутинска контрола било сопрено патничко моторно возило пик-ап “Мазда“ со велешки регистерски таблици управувано од Б.И. (27) од с.Рашче-скопско во кое имало девет лица - мигранти од Пакистан, без документи. Лицата и возачот биле приведени во ПС-Гази Баба, за понатамошна постапка.

 

На 20.01.2017 година во 00,10 часот било пријавено дека во Битола на ул.„Сремска Митровица“ во нејзиниот дом била пронајдена почината В.А. (66). Од страна на лекар од Итна медицинска помош била констатрана смрт со видливи изгореници кај лицето, како и во пределот на двете нозе и стомакот. Увид на местото на настанот бил извршен од страна на увидна екипа од СВР-Битола, при што било констатирано дека нејзиниот син П.В. (25) околу 13,00 часот на 19.01.2018 год. излегол на работа и се вратил околу 00,10 часот на 20.01.2018 год, кога и ја затекнал својата мајка без знаци на живот на подот во дневната соба, во непосредна близина на кварцната печка. Потоа ја кренал и ја ставил на креветот, по што повикал Итна медицинска помош. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатата е предадено за обдукција.  

 

На 19.01.2018 година во 09,00 часот од Комплекс клиники “Мајка Тереза“ во СВР-Скопје било пријавено дека кај нив со возило на Итна медицинска помош бил донесен турскиот државјанин Х.Ј.(39) со привремен престој во Р.Македонија. Имено, додека Х.J. извршувал работи во зграда во општина Аеродром, од настанат струен удар се здобил со тешка телесна повреда (изгореници од трет степен во пределот на главата). Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Скопје, а за настанот запознат бил и Државниот инспекторат за труд.

 

На 19.01.2018 година во 23,20 часот С.С.(54) пријавил дека истиот ден околу 19.30 часот додека се движел по бул.“Јане Сандански“ кај Трговскиот центар “Бисер“ пред угостителски објект физички бил нападнат од страна на три непознати лица на возраст од 20-25 години. Лицата го нападнале удирајќи го со раце во пределот на лицето, при што му биле нанесени видливи повреди. С.С. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Комплексот Клиники “Мајка Тереза“, но бидејќи бил под дејство на алкохол, прво бил однесен на клиниката за токсикологија, каде му била укажана лекарска помош, а потоа бил однесен во Ургентниот центар, каде по извршениот преглед  и ренгенска снимка била констатирана тешка телесна повреда (фрактура на нос). Се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 19.01.2018 година во 10,12 часот во туристичката населба „Абланица“ атар на општина Берово, од страна на полициски службеници од Полициската станица Берово бил лишен од слобода З.С. (49) од с.Вирче-делчевско, за кого имало распишана потерница од Казнено поправниот дом во Штип поради постоење основи за сомнение дека е извршител на повеќе кривични дела „тешка кражба“ и „кражба“ на подрачје на Берово. По завршувањето на постапката и изготвување на потребна документација, лицето ќе биде спроведено во Казнено поправниот дом во Штип.