Извадок од дневните настани 22.01.2018

На 21.01.2018 година во 03,00 часот на локалниот пат с.Мраморани – с.Дупјачани во Прилеп, се случила сообраќајна незгода во која Д.П.(21) од Велес управувајќи возило „Сеат Ибица“ со велешки регистарски ознаки изгубил контрола над возилото, преминал на левата страна од коловозот, по што се превртел. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот Д.П.(20) од Велес, кој со возило на итна медицинска помош е пренесен во Општа болница-Прилеп, каде е задржан на лекување. Увид на лице место извршиле јавен обвинител и увидна екипа од Полициска станица Прилеп.
 
На 21.01.2018 година околу  14,30 часот  во  Полициско одделение Арачиново  Н.С.(33) од Орланци пријавил дека истиот ден околу 13,00 часот откако со  тракторот пристигнал  во  неговиот двор од зад грб слушнал еден  истрел  од  огнено  оружје. Откако се симнал  од  тракторот забележал  дека  неговиот  братучед М.С.  држел  автоматска пушка  во  раце, а  неговите двајца  браќа се  обидувале  да  го  спречат,  по  што М.С. избегал. По  кратко  време М.С. повторно дошол до  пријавителот,  кој  седел  во  дворот  со  неговата  мајка, сопруга, како и  неговите три деца и од автоматска  пушка   испукал  неколку  рафални  истрели кон Н.С. ,  по што го напуштил местото на настанот. Од пукањето нема повредени, а причина била меѓусебната нетрпеливост поради нерасчистени имотно правни односи. На местото на настанот извршен е увид од страна на  увидна  екипа од СВР- Скопје и подигнати  се три  чаури. Се работи на целосно расчистување на случајот.  

                                     .
На 21.01.2018 година било пријавено дека на 20/21.01.2018 година во Струмица на ул.„Ленинова“ во адвокатска канцеларија на Ж.Л.(57), непознат сторител извршил тешка кражба. Сторителот насилно ја отворил влезната метална врата, влегол внатре и одзел околу 70.000 денари, 20.000 евра, еден рачен машки часовник, пиштол марка „ЦЗ“ калибар 9мм и црна ташна во која имало 3.000 евра, 5.000 денари, златен и сребрен накит по што го напуштил местото на настанот. Увид извршила увидна екипа од СВР Струмица. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 21.01.2018 година во 12,30 часот во СВР-Битола било пријавено дека на ул.„Анести Пановски“ била извршена тешка кражба во куќата сопственост на Б.С. (1964), која се користела како простор за магационирање на правно лице. Имено во периодот од 19 до 21.01.2018 година, сторителот со употреба на физичка сила и подесен алат ја отворил влезната врата од куќата и одзел поголема количина на разновидни марки на цигари, по што го напуштил местото на настанот стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 400.000 илјади денари. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Битола и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

На 21.01.2018 година околу 15,30 часот било пријавено дека во Прилеп на ул.„Задарска“ во куќа сопственост на Д.В.(35), избувнал пожар, при што опожарена била целата куќа.Причина за пожарот бил неисчистен оџак. Пожарот е изгаснат од Територијална противпожарна единица-Прилеп. Увид на местото на настанот ќе се врши на 22.01.2018 година.

На 21.01.2018 година околу 16.30 часот во с.Чепин, струшко, од засега непознати причини избувнал пожар во куќа сопственост на М.В.(55). При пожарот била зафатена покривната конструкција, мебелот и апарати за домаќинство на потпокривот, при што е причинета материјална штета од околу 1.200.000 денари, додека во пожарот нема повредени лица. Увид ќе се врши во текот на денешниот ден.

На 21.01.2018 година во Полициска станица Аеродром е приведен Д.Ф.(46) од Р.Германија поради илегален престој во Р.Македонија. Во 01,30 часот на 22.01.2018 година е предаден во просториите за задржување во Полициска станица Кисела Вода за понатамошна постапка.

Во текот на изминатите денови (18, 19, 20 и 21.01.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 35 сообраќајни незгоди од кои четири со тешки телесни повреди, девет  со телесни повреди и 22 со материјална штета. При сообраќајните незгоди пет лица се здобиле со тешки телесни повреди додека 14 со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 66 возачи го управувале возилото со по голема брзина од дозволената. 49 возачи се исклучени од сообраќајот и тоа девет бидејќи го управувале своето возило под дејство на алкохол, 36 возачи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило и четворица бидејќи биле возачи почетници. Поради не регистрирани возила од сообраќај се исклучени 34 возила. Девет возачи се санкционирани бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло додека шест не дале првенство на минување. Преземени се мерки и против двајца пешаци кои поминале коловоз надвор од пешачки премин. Во текот на изминатите денови исто така издадени се 148 мандатни платни налози,  додека 93 возила се подигнати со "пајак".

Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија при Регионалниот центар Југ поднесе кривична пријава против Ј.Д.Ф.(35) од Р.Бугарија и И.А.(22) од с.Банско-струмичко поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “криумчарење мигранти“ по чл.418-б ст.2 од Кривичниот законик. Имено, пријавените на 21.01.2018 година во 04,30 часот во близина на с.Богородица во возило “Опел вектра“ со бугарски национални ознаки превезувале четири лица Х.И.(39), Б.А.(41), Ј.У.(32) и К.С.(20) мигранти од Турција, кои биле со илегален влез и престој во Република Македонија. Пријавените движејќи се по локалниот пат во правец с.Богородица-Скопје со возилото запреле на паркинг во кругот на хотел во Гевгелија и кога забележале полициска патрола, И.А. се дал во бегство, додека Ј.Д.Ф. бил лишен од слобода. Од извршената контрола во возилото било утврдено дека во него се превезувале мигранти. Пријавениот бил задржан во Полициската станица Гевгелија за понатамошна постапка, а мигрантите се спроведени до Прифатниот центар за странци-Гази Баба. Се превземаат мерки за пронаоѓање на И.А..   

Во врска со настан од 19.01.2018, кога во Битола  на ул.Широк Сокак на фасадата од зградата беа испишани графити со говор на омраза на македонски и албански јазик, Секторот за внатрешни работи Битола, Одделението за Криминалистичка полиција, презеде мерки и активности и го расчисти случајот. Во полициска станица повикани се две лица од Битола, од кои едното е малолетно, а другото е на возраст од 19 години и извршен е разговор со истите. Против сторителите, по целосно документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.

На 22.01.2018 година околу 01,00 часот Ѓ.М.(42) од Скопје пријавил дека на 21.01.2018 година во времето од 22,00 до 00,00 часот на улицата "Петре Филиповски Гарката" од страна на непознат сторител му било одземено товарно моторно возило "Фиат Добло" со скопски регистарски ознаки сопственост на фирма. Одземањето било извршено на тој начин што сторителот дошол до возилото и преку незаклучената врата влегол, го пронашол клучот кој бил на шал таблата и незабележан од никого заминал во непознат правец. Се преземаат мерки за расчистувње на случајот.

На 21.01.2018 година во 18,00 часот во Полициската станица Гази Баба И.С. (50) од с.Јурумлери-скопско, пријавил дека на 20.01.2018 година од домот во непознат правец се оддалечил неговиот син А.С. (25). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 21.01.2018 година во 19,10 часот во Полициската станица Чаир, Ќ.А. (21) од Скопје пријавил дека неговата 12-годишна сестра истиот ден излегла од домот и не се вратила. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 21.01.2018 година во 21,10 часот во Полициската станица Чаир, Н.Ј. (37) од Скопје пријавила дека нејзиниот 15-годишен син истиот ден излегол од домот и не се вратил. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 21.01.2018 година околу 14.00 часот непознати сторители извршиле тешка кражба во џамија во с.Мала Речица. Сторителите влегле преку  незаклучената врата и од главната просторија за молитва одзеле кутија, која била монтирана на sид, а во која се наоѓале близу 2000 денари. Покрај тоа, ја извадиле и ја одзеле и видео камерата, по што побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.М.(18) од село Кучевиште- скопско, М.К.(17) од Скопје и Ф.М.(17) од село Мирковци-скопско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. Пријавените на 03.11.2017 година околу 21,00 часот во автобус на ЈСП, на локалниот пат Мирковци – Глуво,  во близина на автобуска постојка во село Бразда,  откако  ги навредувале патниците од с.Блаце, при излегување од автобусот, првопријавениот, со метална шипка, физички нападнале едно лице.

СВР Скопје поднесе  кривична пријава  против  Д.С.(21) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“ Пријавената на 24.06.2017 година околу 04,00 часот, со уште едно непознато лице, од објектот на Јавното претпријатие „Македонски Железници“-  Инфраструктура, со качување преку оградата, влегле во магацинскиот простор од каде одзеле шест нагазни шински контакти, 20  куќишта за нагазни шински контакти, 20 постоља за нагазни шински контакти и куќиште со делови за маневарски сигнал, кои што во неколку наврати ги натовариле во возило,  со што се стекнале со противправна имотна корист од 375.000 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип при Секторот за внатрешни работи Штип поднесе кривична пријава против  Б.З.(32) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавениот на  12.10.2016 година, како овластено лице директор во банка, неосновано издал барање до извршител К.С. за спроведување на постапка за присилно извршување кон правно лице од Пробиштип, односно жирантите П.Т. и П.С. од Пробиштип, со што го оштетил правното лице за  115.055 денари.

На 21.01.2017 година во 19,30 часот во Полициската станица Струга, А.Б.(29) од Поградец–Р.Албанија пријавил физички напад од страна на И.Љ. и уште неколку непознати лица. Имено, А.Б. по претходна покана како новинар присуствувал во хотел во Струга на дебата организирана од страна на политичка партија, но во текот  на дебатата бил физички нападнат. Лекарска помош му била пружена во Здравствениот дом во Струга.  И.Љ. е повикан во полициска станица, со него е извршен разговор и ќе биде поднесен соодветен поднесок. Се работи на идентификација на останатите учесници во нападот.