Извадок од дневните настани 23.01.2018

На 22.01.2018 година во 01.15 часот на магистралниот пат Крива Паланка-Граничен премин „Деве Баир“ се случила сообраќајна незгода во која Е.Е.К. (27) од Република Бугарија, управувајќи патничко возило „Ауди 4“ со бугарски национални ознаки, изгубил контрола над возилото и удрил на земјената површина во речното корито на Крива река. Од незгодата со тешки телесни повреди се здобиле сопатниците во возилото Ф.Ф.В. (47) и В.К.А. (26), двајцата од Р.Бугарија. На нив им била укажана лекарска помош во Јавна здравствена установа Здравствен дом-Крива Паланка, а по нивно барање заминале за понатамошно лекување во Република Бугарија. По овластување на Јавен обвинител, увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Крива Паланка.

На 22.01.2018 година во 12.30 часот на автопат Скопје-Куманово, помеѓу наплатен пункт на Јавно претпријатие за Државни патишта кај с. Романовце и наплатен пункт кој е во изградба, се случила сообраќајна незгода во која М.М. (39) од Куманово, управувајќи патничко возило „Пежо 207“ со бугарски регистарски ознаки, изгубил контрола, излетал надвор од коловоз и удрил во метален столб за осветлување. По незгодата, М.М. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Медицински центар Куманово каде му биле констатирани тешки телесни повреди, по што бил пренесен во Ургентен центар при Комплексот клиники „Мајка Терзеа“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Куманово.

На 23.01.2018 година во 00.55 часот на патот Битола-Прилеп се случила сообраќајна незгода во која патничко возило „Опел Фронтера“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од К.М.(35) од Прилеп, удрило во пешакот П.И. (74) од Прилеп, по што со возилото го напуштил местото. По кратко време се вратил и се пријавил како учесник во незгодата. Од незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот П.И. на кој му била укажана лекарска помош во Оопшта болница Прилеп. Увид на местото на настанот  извршила екипа од Полициската станица Прилеп.

Во текот на вчерашниот ден (22.01.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле седум сообраќајни незгоди од кои три со телесни повреди и четири со материјална штета. При сообраќајните незгоди три лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 18 возачи го управувале возилото со брзина по голема од дозволената. 17 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи 15 возачи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило и двајца бидејќи биле возачи почетници. Едно возило е исклучено од сообраќај бидејќи било технички не исправно, додека седум возила се исклучени од сообраќај бидејќи биле не регистрирани. Тројца возачи се санкционирани бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло, двајца не дале првенство на минување на пешаци и четворица не правилно престигнувале.  Во текот на изминатиот ден издадени се 68 мандатни платни налози, додека 93 возила се подигнати со "пајак".   

На 22.01.2018 година во 02.05 вработен во Клиничката болница Штип  пријавил дека кај нив бил донесен повреден О. Б. (44) од с.Парналија, Општина Карбинци. Тој се здобил со тешки телесни повреди на десното око при тепачка. Во разговор со полициските службеници, О.Б., кажал дека околу 00.10 часот отишол во продавница во с.Долни Балван, седнал на една од масите и побарал да биде услужен со пијачка. На спротивната маса седеле две непознати лица заедно со  К.Д. од Штип. Тие почнале да му префрлуваат, по што тој станал од масата со намера да си замине. Кога излегол надвор непознатите лица го удриле со шишиња по главата и со патничко возило побегнале. Поради сериозноста на повредата, О.Б. бил испратен на понатамошно лекување во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Во врска со настанот биле приведени А.Н. (47) од с.Таринци, О.Ј. (29) од с.Чифлик и М.А. (34) од с.Чифлик и по извршениот разговор биле ослободени. По целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
 
Во периодот од 19.40 часот на 21.01.2017 до 04.30 на 22.01.2018 година во верскиот објект „Шарена џамија“  на ул. „Браќа Миладинови“ во Тетово непознат сторител извршил тешка кражба. Сторителот насилно ја отворил влезната врата, влегол внатре и од кутијата за доброволен прилог ги одзел парите (околу 500 денари во разни апоени, пет евра и пет турски лири) и побегнал во непознат правец. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Тетово. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 22.01.2018 година во 23.10 часот во Единицата за информаци и команда Скопје било пријавено дека во казино на ул. „Наум  Наумовски Борче“ непознат сторител извршил тешка кражба од сеф од каде одзел околу 812.000 денари. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 21/22.01.2018 година околу 00.00 часот во џамијата „Ринис“ на ул. „176“ во Тетово непознат сторител извршил тешка кражба во обид. Сторителот со употреба на подесен алат насилно отворил еден прозор, влегол внатре, но откако се активирал алармот побегнал во непознат правец. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Тетово. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 22.01.2018 година во периодот од 06.25 до 09.10 часот, железничкиот сообраќај на пругата кај железничка станица Гостивар бил во прекин бидејќи возот кој сообраќал на релацијата Кичево-Скопје удрил во поставен висечки самоносечки кабел преку пруга и го оштетил рефлекторот од возот.

СВР Скопје поднесе  кривична пријава  против  Б.В. (23) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „разбојништво“. Б.В. на ул. „Бoсна и Херцеговина“ во Скопје вперил пиштол кон товарно возило „Фолксваген Кеди“, сопственост на приватна фирма. Возачот застанал со возилото, по што пријавениот влегол внатре и со закана со  пиштолот од возачот  одзел 300.000 денари од дневниот дневен промет на фирмата и мобилен телефон.

На 22.01.2018 година околу 22.30 минути А.Ф. (26) од Тетово пријавила уцена од Џ.З. (24) од с.Радишани, скопско. Таа со него во декември минатата година остварила контакт преку социјалната мрежа Инстаграм. а пред извесно време Џ.З. почнал да и се заканува. Тој и пишувал пораки дека лично и семејно ќе ја уништи, по што побарал да му испрати интимни фотографии. Плашејќи се за својата безбедност, таа му испратила една фотографија, а Џ.З. и се заканил дека ќе ја објави  фотографијата на Фејсбук и дека ќе ја компромитира на различни начини, ако не излезе со него. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 22.01.2018 година Б.В. (62) од Скопје пријавил дека на 22.01.2018 година околу 17.30 часот, додека се движел пеш по локалниот пат село Кучково - село Волково,  бил нападнат од околу 10 кучиња скитници. Едно од кучињата го каснало во левата потколеница, десниот бутен мускул и левата надлактица. Тој веднаш отишол во болницата „8-ми Септември", каде му била укажана медицинска помош и му биле констатирани телесни повреди. 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ш.М. (33) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „убиство“. На 20.01.2018 година на улица „Дижонска 22“ во Скопје, Ж.К. (41) при  вербална расправија со Ш.М.  во врска со украдени работи за кои што оштетената се сомневала дека ги украл пријавениот, го испрскала со спреј – солзавец, по што зела стап и почнала да го удира по глава. Во еден момент, Ш.М. замавнал со нож кон оштетената и и нанел убодна рана во пределот на стомакот. Откако оштетената била преземена од  Итна медицинска помош, медицинските лица во амбулантното возило констатирале смрт. По  извршен службен разговор со пријавениот, тој  ги појаснил околностите под кои го извршил кривичното дело.

На 22.01.2018 година во 09.25 часот во Полициското одделение Сарај, С.Р. од с.Арнакија пријавил дека околу 02.30 часот во дворот од куќата во с.Арнакија му било опожарено патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

СВР Скопје поднесе  кривична пријава против Д.М. (25) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда во вршење семејно насилство“. Пријавениот  на 17.01.2018 година во домот на ул. „Славеј планина“ во Скопје, по вербална расправија со неговата мајка  (49), зел рачка од секира и почнал да ја удира по телото и главата, при што и ја скршил раката. На 19.01.2018 година, пријавениот, повторно почнал вербална расправија со мајка му, по што со дрво  ја удирал по скршената рака. Пријавениот бил лишен од слобода и при службен разговор ги појаснал околностите под коишто го извршил кривичното дело.

СВР Велес поднесе кривична пријава против К.Д. (38) и А.П. (48), двајцата од  Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. К.Д. како секретар на општина Кавадарци во периодот од 2012 до 2016 година, спротивно на правните акти на општината, ја користел Верна картичката при набавка на нафтени деривати за патување, при што дел од горивото користел и за приватното возило, со што го оштетил буџетот на локалната самоуправа Кавадарци за 360.000 денари. А.П., како градоначалник на општина Кавадарци, во наведениот период, дозволил првопријавениот да ја користи Верна картичката за набавка на нафтени деривати за патување, а дел од набавеното гориво, првопријавениот да го искористи за лични потреби.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.Д. (64)  од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,злоупотреба на службена положба и овластување“  и „измама“ и против С.З. (51) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. С.Д., до 2017 година нотар за Општина Куманово, на 28.10.2013 година по барање на Г.З. и Б.И. да извршат купопродажба на недвижност - стан во изградба, изготвил Нотарски акт-Преддоговор за продажба во којшто Г.З., во присуство на неговиот син, односно второпријавениот, му продале на С.С. од село Младо Нагоричане и неговиот зет Б.И. од Куманово  недвижност за која во Агенцијата за недвижност на Република Македонија-Одделение за катастар на недвижности Куманово имало заведено залог-хипотека на недвижност  во  износ од 6.300.000 денари. С.Д., и покрај тоа што  бил запознаен со таквата состојба, ги довел во заблуда Б.И. и С.С. дека недвижниот имот не подлежи под никаков товар покажувајќи им го Листот за предбележување на градба, во којшто немало заведено хипотека, при што во Нотарскиот акт- Преддоговор за продажба на недвижниот имот, внел одредба дека продавачот гарантира дека недвижноста, предмет  на овој договор за продажба, е негова сопственост и дека не подлежи под никаков товар,  како и тоа дека продавачот на купувачот  ќе му го предаде недвижниот имот   во владение  најдоцна до 31.08.2014 година.  Б.И. на 28.10.2013 година на трансакциска сметка  на име на Г.З. уплатил 797.600 денари, по што тој  им ветил дека доколку ги уплатат сите рати до  септември 2014 година ќе им го пренесе купениот имот. Б.И. и С.С. уплатиле вкупен износ од 2.393.920 денари без да знаат дека Г.З. како хипотекарен должник  не ги плаќале доспеаните рати и на 08.05.2014 година со Налог од Извршител му била ставена забрана за отуѓување на недвижен имот, со што  Б.И. изгубил можност да склучи Договор за купопродажба.