Извадок од дневните настани 25.01.2018

На 24.01.2018 година околу 10,30 часот во с.Студеничани, скопско, избувнал пожар во куќа на ул.„1“ сопственост на Р.Е.(61). Опожарена била една соба и инвентарот. Од извршениот разговор со сопственикот како можна причина за настанување на пожарот се наведува вклучена греалка во собата. Од страна на Бригада за противпожарна заштита пожарот е изгаснат, а повредени лица нема.

На 24.01.2018 година околу 12,30 часот во Единицата за известување и команда -Скопје, случаен минувач пријавил дека додека трчал во парк шумата „Гази Баба“ - Скопје, во летниковец го видел телото на С.З.(38) од Скопје обесено на греда. Од страна на доктор од итна медицинска помош е констатирана смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото е дадено на судска медицина за обдукција.

На 24.01.2018 година во 11,30 часот во Единицата за известување и команда -Скопје, телефонски од страна на доктор од итна медицинска помош било пријавено дека во с.Трубарево Д.А. (61) бил прободен со нож. По извршениот разговор со таткото на повредениот, тој кажал дека Д.А. во еден момент разочаран и видно изнервиран почнал главата да ја удира во ѕид, по што земал нож и си нанел еден убод во пределот на градниот кош. Од страна на итна медицинска помош Д.А. е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“-КАРИЛ каде му се констатирани тешки телесни повреди и е задржан на понатамошно лекување .

На 24.01.2018 година околу 11,55 часот во Куманово, во фабрика за чевли во помошната котлара за парно греење настанал пожар, при што со изгореници се здобил работникот М.В.(57) од Куманово. Од страна на итна медицинска помош повредениот бил пренесен во Општа болница Куманово каде што му била укажана лекарска помош, но поради карактерот на повредите истиот е пренесен Клиники „Мајка Тереза“-КАРИЛ за понатамошно лекување. Увид на лице место извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Куманово.
Во текот на вчерашниот ден (24.01.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле осум сообраќајни незгоди од кои четири со телесни повреди и четири со материјална штета. При сообраќајните незгоди четири лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 31 возач го управувале возилото со поголема брзина од дозволената. 11 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи еден го управувал возило под дејство на алкохол, осум возачи управувале возило без да се стекнат со право за управување на моторно возило и двајца бидејќи биле возачи почетници. Поради нерегистрирани возила од сообраќај се исклучени девет возила. Тројца возачи се санкциониран бидејќи ја поминал крстосницата на црвено светло додека шест возачи не правилно престигнувале. Во текот на изминатиот ден издадени се 108 мандатни платни налози, додека 93 возила се подигнати со "пајак". 

Денеска (25.01.2018 година) околу 05.00 часот, во Секторот за внатрешни работи Тетово пријавен е пожар во куќата на С.З.(78) на улица „Гоце Делчев“ во Тетово. Опожарен е покривот и горниот кат на куќата, а во пожарот настрадале неговата 39-годишна снаа Ф.З. со четирите малолетни деца, три машки и едно женско, на возраст од 6, 9, 12 и 14 години. Екипа на Итна медицинска помош констатирала смрт кај петте лица и телата се предадени на Судска медицина за обдукција. Пожарот е изгаснат, а јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово вршат увид.

На 24.01.2018 година во 12.40 часот во Пoлициска станица Пробиштип од Територијална противпожарна единица Пробиштип пријавен е пожар во кој со повреди се здобила Б.М. (87) од Пробиштип. Од страна на увидна група од Полициската станица Пробиштип и инспектор од Дирекција за заштита и спасување -Пробиштип извршен е увид при што е констатирано дека  на 24.01.2018 година околу 12.30 часот  од засега неутврдени причини дошло до запалување  на  огревни дрва кои се наоѓале пред влезот на куќата на улица Илинденска во Пробиштип, во која живеела Б.М и која во пожарот се здобила со изгореници на телото. Со возило на Здравствен дом Пробиштип повредената е префрлена до Клиничка болница “Штип“, од каде поради сериозноста на повредите е пренесена во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. 

На 24.01.2018 година околу 13.00 часот Х.З.(47) од с.Горно Палчиште пријавил дека неговата 19-годишна ќерка била уценувана од М.А. (19) од Порој, со кого била во љубовна врска. Поради тоа што врската не ја одобрувале родителите, извесно време таа била прекината, па потоа продолжена. М.А. повеќе пати ја уценувал девојката дека ќе објави нивни заеднички компромитирачки фотографии доколку не биде со него. Тој барал и добил пари и златен накит. Минатата година значителен дел вратил, но продолжил да ја вознемирува и уценува. На 23.01.2018 година таа им кажала на родителите, по што испила поголема количина разновидни таблети и во безсознание била префрлена на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. М.А. бил повикан во поициска станица и со него бил извршен разговор. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Пoлициската станица Радовиш поднесе кривична пријава против Ѓ.И.(88) од село Воиславци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “силување во обид“. На 16.01.2018 година околу 08,10 часот во село Воиславци,  во близина на селската продавница, пријавениот се обидел да изврши полови дејствија врз жителка на истото село.

Полициската станица Гевгелија поднесе кривична пријава против Е.Д.(23) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. Во периодот од 19,00 часот на 22.09.2017 до 11,00 часот на 23.09.2017 година, во Гевгелија, на улица „Моински Пат“, во објект на ДПТУ „Ветеринар“ ДОО Гевгелија, пријавениот со други засега непознати лица со употреба на погоден алат извршил тешка кражба, при што од  метален сеф одзеле 880.000 денари.


Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против Д.М.(36) од Куманово и ДПТУП „АРГО-ДД“ ДООЕЛ Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени продолжени кривични дела „оштетување туѓи права“,  „измама“  и „даночно затајување“. Во периодот од 2010 до 2014 година, првопријавената, како сопственик и управител на второпријавеното правно лице, за да го одбегне плаќањето на закупнина на  ДПТУГ „НЕО-КОМПАНИ“ ДООЕЛ експорт-импорт Куманово,  и обврските по основ на Данок на додадена вредност кон Управата за јавни приходи, односно за да го спречи остварувањето на правата врз машини коишто биле гаранција за наплата на обврските  кон ДПТУГ „НЕО-КОМПАНИ“ ДООЕЛ експорт-импорт Куманово и УЈП, превзела дејствија со коишто извршила лажно прикажување и прикривање на факти, со што второпријавеното лице, станало несолвентено и со тоа било доведено во состојба на неможност да се исплатат обврските. 

Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против Ш.Г.(46) од  Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,бесправно градење“. Пријавениот во текот на 2017 година на земјиште пред Охридското езеро,  без одобрение за градење од надлежен орган, изградил две викенд семејни куќи, за кои што на 05.12.2017 година, овластен инспектор, донел решение за отстранување на градбите.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Ш.Ш.(51) село Лабуништа, Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во текот на август 2016 година  пријавениот склучил  договор за  купопродажба  на  возило со Н.К.(28) од село Велешта, Струга, според којшто пријавениот, во рок од еден месец, требало да му ја исплати целокупната сума, но пријавениот не му ја исплатил договорената сума, со што на Н.К., му причинил материјална штета од 430.000 денари.