Извадок од дневните настани 26.01.2018

Секторот за внатрешни работи Куманово до Основнотo јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против лицата А.А.(57), Л.З.(56) и Л.В.(39) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ казниво по член 353 став 2, а во врска со член 45 од Кривичниот законик на Република Македонија. А.А., поранешен градоначалник на општина Крива Паланка, во три наврати ја злоупотребил службената положба и овластување. Во првиот случај, А.А. попречил вршење на инспекциски надзор на Комисија (избрaна со Одлука од градоначалникот на  општина Крива Паланка) за утврдување на одговорноста на вработена воспитувачка во Општинска јавна установа детска градинка (ОЈУДГ) „Детелинка“, по пријавен настан во Полициска станица Крива Паланка за извршено малтретирање на дете од страна на поранешниот директор на ОЈУДГ „Детелинка“ и постапил спротивно од Законот за заштита на децата на незаконски начин. Веднаш потоа, без објавување на јавен оглас и без одлука на управниот одбор на ОЈУДГ „Детелинка“ од Крива Паланка, со Решение ја разрешил поранешната директорка и на местото за вршител на должност директор ја назначил Л.В. иако знаел дека немала лиценца за директор и немала работно искуство за вршење на оваа одговорна функција.
А.А. по втор пат ја злоупотребил службената положба кога по истекот на мандатот на Л.В. и овозможил со поминат рок на Решението да ја извршува функцијата уште два месеци, иако негова должност била  три месеци пред истекот на мандатот да донесе Одлука за распишување на јавен оглас за избор на директор на ОЈУДГ „Детелинка“.
А.А. по трет пат ја злоупотребил службената положба, кога по Одлуката на Управен одбор по распишан Јавен оглас за избор на директор на ОЈУДГ „Детелинка“ од Крива Паланка била отфлена пријавата на Л.В. поради неисполнување на условите и наместо да го поништи Јавниот конкурс и не ја прифати одлуката на Управниот одбор повторно да биде избрана поранешна директорка поради прикривање на пријавениот настан за што и била разрешена, истиот повторно со Решение ја поставил за директор на градинката. Л.З., претседател на Управен одбор во градинката, во два наврати ја злоупотребила службената положба и овластување, на начин што го прифатила Решението за избор на вршител на должност директор на ОЈУДГ „Детелинка“ од Крива Паланка донесено од страна на А.А. иако знаела дека Л.В. не ги исполнува условите, а по истекот на мандатот од шесет месеци  воопшто не го известила А.А. дека бил поминат рокот за вршител на должност на Л.В. Таа и по втор пат ја злоупотребила службената положба кога повторно без објавен јавен оглас и без одлука на Управниот одбор го прифатила Решението со што  на Л.В. и било овозможено и понатаму да ја извршува оваа функција без соодветни квалификации и без лиценца за положен испит за директор.  Л.В., вршител на должноста директор на ОЈУДГ „Детелинка“ од Крива Паланка во периодот од 22.12.2015 година се до нејзино разрешување на 04.08.2017 година, ја злоупотребила службената положба и овластување на начин што три месеци пред истекот на мандатот на 22.06.2016 година не го известила градоначалникот за денот на завршување на мандатот за да може да донесе одлука и Управниот одбор на градинката да распише јавен оглас за избор на директор. Л.В. ја извршувала оваа функција до 04.08.2017 кога со Решение била разрешена поради неисполнети услови за директор по објавен оглас за избор на директор. На тој начин таа се стекнала со противправна имотна корист од 508.100 денари.


На 25.01.2018 година во Полициска станица Тетово,  директор на основно училиште во Тетово пријавил дека две ученички во 8-мо одделение му кажале дека нивната 14 годишна другарка била психофизички и сексуално малтретирана од страна на нејзиниот татко. Во извршен разговор помеѓу директорот и оштетената истата го потврдила кажаното. Извршен е гинеколошки преглед над оштетената и констатирано е дека нема видливи повреди, по што од оштетената е земен брис за вештачење. Осомничениот е приведен во полициска станица и известен е јавен обвинител. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Во текот на вчерашниот ден (25.01.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 13 сообраќајни незгоди, од кои две со тешки телесни повреди, пет со телесни повреди и шест со материјална штета. При сообраќајните незгоди три лица се здобиле со тешки телесни повреди (пешаци), додека пет лица се здобиле со лесни телесни повреди.
Од преземените мерки и активности констатирано е дека 23 возачи го управувале возилото со поголема брзина од дозволената. 12 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи двајца го управувале возилото под дејство на алкохол додека 10 возачи управувале возило без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Поради нерегистрирани возила од сообраќај се исклучени 11 возила. Еден пешак е санкциониран бидејќи го поминал коловозот надвор од пешачки премин. Пет возачи се санкциониран бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло додека двајца возачи неправилно се престроиле. Во текот на изминатиот ден издадени се 92 мандатни платни налози, додека 94 возила се подигнати со "пајак".  

На 25.01.2018 година околу 18,40 часот во Скопје на улица „Благоја Стефковски“ во спортска обложувалница „Спорт Лајф“, две непознати маскирани лица со закана со пиштоли извршиле разбојништво над вработените, при што е одземена засега неутврдена сума на пари.

На 25.01.2018 година во 08,40 часот од Градската општа болница “8-ми Септември“ било пријавено дека кај нив бил донесен Р.М.(36) од Скопје,  кој бил повреден во сообраќајна незгода што се случила на регионалниот пат Скопје–Тетово во близина на село Глумово. Во извршен разговор со Р.М. оштетениот пријавил дека истиот ден околу 06,10 часот на наведената локација движејќи се како пешак бил удрен од возило, кое веднаш  го напуштило местото на настанот. По незгодата Р.М. со друго возило бил пренесен во болница за укажување на лекарска помош и од страна на лекар му биле констатирани тешки телесни повреди. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 25.01.2018 година во 13,40 часот е пријавено дека на крстосницата од регионалниот пат Скопје-Куманово со локалниот пат за село Брњарци патничко моторно возило “Фолксваген Голф“ со скопски регистерски ознаки управувано од К.Б.(64) од Скопје удрило во двајца пешаци на возраст од 15 и 17 години. Од незгодата со повреди се здобиле пешаците, кои со друго возило биле пренесени во Градската општа болница “Свети Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош и од страна на лекар им биле констатирани тешки телесни повреди. Извршен бил увид на местото на настанот. Се работи на целосно расчистување на случајот.    

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против 18 годишно лице од Прилеп  за сторено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“. На  21.01.2018 година околу 20,30 часот, во близина на село Присад, пријавениот извршил полов напад врз 12 годишно дете.

Сектор за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава  против С.С.(39)  од село Арачиново за сторено кривично дело ,,Напад над службено лице при вршење работи на безбедноста”. На 05.01.2018 година околу 18,20 часот, во село Липково,  на раскрсница за село Отља, при контрола, од полициски службеник на возило, кое што го управувал пријавениот, и  укажувањето на законските мерки за сторените сообраќајни прекршоци,  пријавениот му упатил закани на  полицискиот службеник, по што  почнал да го турка и влече за јакната. По интервенција на полициски службеници, пријавениот бил приведен во полициска станица.

На 25.01.2018 година во 00,50 часот К.П.(28) пријавил дека на булеварот “Јане Сандански“ бил нападнат од страна на неколку непознати лица на возраст од 20-25 години кои го удирале со тупаници и клоци во пределот на главата и телото. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 25.01.2018 година во 19,00 чсот во Полициска станица Гази Баба, социјален работник во  ЈЗУ “Ранка Милановиќ“ пријавила дека на 20.01.2018 година С.Р.(18) штитеник од домот самоволно ја напуштила установата и се одалечила во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 25.01.2018 година во Полициска станица Бит Пазар А.А.(63) пријавил дека претходниот ден околу 21.15 часот од дома во непознат правец се одалечил неговиот син С.А.(18). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.    

На 25.01.2018 година  во 21,30 часот во Полициска станица Ѓорче Петров К.М.(19) пријавила дека истиот ден околу 21,10 часот додека се движела по улицата “Лука Геров“ куче скитник ја каснало за  десната нога, во пределот на потколеницата. Истата била однесена во Комплексот Клиники “Мајка Тереза“ каде и била укажана лекарска помош.

На 26.01.2018 година во 02.20 часот било пријавено дека на улица „Анастас Митрев“ во Скопје, додека А.А.(36) со своите другари Г.Ј.(36), М.Б.(43) и А.М.(26) го напуштале ноќниот клуб лоциран на горенаведената адреса на пракингот, биле пресретнати од околу десетина машки лица кои почнале да ги удираат по  телото и главата. Од нападот дел од лицата се здобиле со видливи повреди и им била укажана лекарска помош во Градската општа болница. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.