Извадок од дневните настани 04.02.2018

На 03.02.2018 година околу 19,00 часот во Битола на крстосницата од ул.„Филип II Македонски“, ул.„Прохор Пчински“ и ул.„Цане Василев“, патничко моторно возило „Рено Лагуна“ со битолски регистерски таблици управувано од А.Ј. (26) од с.Карамани-битолско, удрило во пешакот С.С.(70) од Битола, при што пешакот се здобил со тешки телесни повреди констатирани од страна на лекар од Клиничката болница во Битола. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Битола и се работи на целосно расчистување на случајот.

На 03.02.2018 година околу 19,00 часот на делницата од автопатот Велес-Скопје, поточно на еден километар после тунелот “Катланово“ се случила сообраќајна незгода  во која А.Д. (35) од Скопје управувајќи патничко моторно возило „Дачиа Логан“ со скопски регистерски таблици, изгубил контрола над возилото, кое излегло надвор од коловозот и се превртело. Од незгодата А.Д. се здобил со тешки телесни повреди и е задржан во Комплексот клиники “Мајка Тереза“. Со телесни повреди се здобила неговата сопруга М.Д.(37). Увид на местото на настанот бил извршен од страна на увидна екипа од СВР-Велес и се работи на целосно расчистување на случајот.

На 03.02.2018 година околу 19,30 часот било пријавено дека во с.Визбегово-скопско, во маркет, четири непознати маскирани лица од кои едното имало безбол палка, а друго нож, влегле во продавницата и со закана од вработената одзеле околу 30.000 денари и неколку кутии цигари по што го напуштиле местото на настанот. Се работи на целосно расчистување на случајот.
На 03.02.2018 година во 22,25 часот телефонски во ПС Ресен, С. Д. (38) од Ресен пријавил дека во хотел во с.Царев Двор–ресенско, каде се одржувала веселба, бил нарушен јавниот ред и мир со масовна тепачка помеѓу  Б.А. (22) и У.Ф. (31) од Охрид, од една страна и Т.К., Е.К., Т.К., Р.К., О.М. од Ресен како и други лица кои биле присутни на забавата од друга страна. Со возило на Итна медицинска помош и приватни возила во Клиничката болница-Битола биле пренесени шест лица, при што кај Т.К. (47) од Ресен биле констатирани тешки телесни повреди (убодна рана во пределот на градниот кош и расекотина во пределот на лицето), а додека кај останатите пет лица биле констатирани телесни повреди и биле пуштени на домашно лекување. Извршен е увид на местото на настанот, а информирано е и Основното јавно обвинителство од Ресен. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 03.02.2018 година во ПС ОН Кисела Вода Б.Г. (56) од Скопје пријавил дека на 02.02.2018 година во вечерните часови на социјалната мрежа фејсбук повеќе лица објавиле свои коментари со заканувачки карактер по неговата сигурност и повикувале на насилство кон него. Земен е записник за примање на пријава и се работи на целосно расчистување на случајот.

На 03.02.2018 година во 12,15 часот во ПС Центар С.П.(63) пријавил дека истиот ден околу 11,45 часот додека се возел со велосипед по ул.“Кеј 13-ти Ноември“ бил нападнат-каснат од група кучиња во пределот на десната подколеница.

На 03.02.2018 година во 15,00 часот во ПС Центар Ѓ.И.(38) пријавил дека на 01.02.2018 година околу 11,00 часот на плоштад Македонија бил нападнат-каснат од куче скитник на задната страна од десната нога.

На 03.02.2018 година во 14,40 часот во ПС Ѓорче Петров С.М.(59) пријавила дека  на 01.02.2018 година околу 09,30 часот на ул.“Лука Геров“ била касната од куче скитник во пределот на десната подколеница. Покрај ова истиот ден во ПС Ѓорче Петров е пријавено од страна на В.Р. (60) дека околу 10,30 часот на посочената улица “Лука Геров“ била касната од куче скитник во пределот на левата подколеница.

На 03.02.2018 година во ПС Чаир И.Д.(50) пријавил дека на 01.02.2018 година од домот во непознат правец се оддалечила неговата 15 годишна внука. Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 03.02.2018 година во 16,50 часот Д.М.(57) во ПС Гази Баба пријавил дека истиот ден во времето од 07,45 до 15,15 часот на ул.“Архимедова“ поточно во во близина на црквата “Свети Архангел Михаил“ од страна на непознат сторител извршена му била кражба на патничко моторно возило “Голф“ со скопски регистерски таблици. Кражбата сторителот ја извршил на тој начин што влегол во помошната просторија од црквата и од јакната на Д.М. која таму била закачена одзел мобилен телефон, клучеви од возилото и без да биде забелажан од никого заминал од местото на настанот. Се работи на целосно расчистување на случајот.

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „приредување на игри на среќа без лиценца од надлежен орган “, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против А.А.(30) од Струга. Истиот, неовластено и спротивно на одредбите од Законот за игри на среќа, во објект во селото Делогожда протиправно организирал игри на среќа. На 27.12.2017 година по изготвен план од страна на криминалистичката полиција и инспектори од УЈП, извршени се контроли во објекти во кои  се приредуваат игри на среќа и затекнат е пријавениот како приредува игри на среќа без да  поседува потребни документи и лиценца.

На 03.02.2018 година во околу 03,00 часот во Охрид, при извршен преглед во патничко возило марка „БМВ“ со бугарски национални ознаки, управувано од А.Ѓ.(34) во кое како сопатник бил и Д.Л. (17), двајцата од Струга, пронајдени се една затворена и една отворена најлонска паковка со непозната прашкаста материја со бела боја, како и банкнота од сто евра со траги од бела прашкаста материја и еден нож на преклоп со рачка. По претходни консултации со Јавен обвинител и Судија за малолетници, двете лица се приведени а пронајдените предмети со потврда се одземени за натамошна постапка.