Извадок на дел од дневни настани 05.02.2018

На 04.02.2018 година  околу  17,00 часот на бул.“Борис Трајковски“ Е.А.(38) од Скопје управувајќи моторцикл „Сузуки“ изгубил контрола, паднал и од здобиените повреди починал на лице место. Од страна на лекар од Итна медицинска помош била констатирана смрт. Извршен е увид од страна на увидна екипа од СВР-Скопје и се работи на целосно расчистување на случајот.

На 04.02.2018 година  околу 07,30 часот во близина на с.Речица, полициски службеници од ПС Белановце при контрола на патничко моторно возило „БМВ“ со скопски регистерски таблици, управувано од И.Б.(36) од Скопје, пронашле пет мигранти: тројца Курди А.М.(26), С.К.(35) и Д.Ф.(26) и двајца Сиријци А.А.А.(27) и М.К.А.(18). Тие заедно со возачот се приведени во Полициска станица. Од страна на Основен суд- Скопје на И.Б. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
    
На 04.02.2018 година  во 14,00 часот М.К.(34) во СВР Велес пријавил дека на ул.“Коле Цветков“ дошло до рушење на карпа и земја од задниот дел од куќата, сопственост на неговиот татко Д.К.(60). Карпата турнала ѕид од куќата и дел од гаражата. За настанот бил известен Центарот за упправување со кризи.
                                 
Во текот на изминатите денови (02, 03, и 04.02.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 22 сообраќајни незгоди од кои една со загинато лице, една со тешки телесни повреди, 10 со телесни повреди и 10 со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице починало (моторциклист), едно лице се здобило со тешки телесни повреди (велосипедист) додека 16 се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 105 возачи го управувале возилото со поголема брзина од дозволената. 41 возачи се исклучени од сообраќајот и тоа четири бидејќи го управувале своето возило под дејство на алкохол, 33 возачи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило и четворица бидејќи биле возачи почетници. Исто така 27 возила се исклучени од сообраќај, бидејќи 25 биле нерегистрирани додека две биле технички неисправни. Седум возачи се санкционирани бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло, шест не дале првенство на минување, пет неправилно се престроиле и двајца неправилно престигнувале. Преземени се мерки и против еден пешак кој поминал коловоз надвор од пешачки премин. Во текот на изминатите денови исто така издадени се 167 мандатни платни налози,  додека 125 возила се подигнати со "пајак".

Секторот за внатрешни работи Куманово, до Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе  кривична пријава против М.С. (39) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, казниво  по член 215 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.  На 31.01.2018 година,  по претходно издадена наредба од Основен суд Куманово, бил извршен претрес во домот на пријавениот. Притоа, биле пронајдени една тегла со семки од марихуана со маса од 33,57 грама,  една тегла  и две тенџериња со раствор од наркотична дрога – хашиш  смола со вкупен волумен од пет литри и 50 мл., едно најлонско пакување со наркотична дрога марихуана со маса од 1.40 грама, цврста  материја со темно кафеава боја – хашиш со маса од 13,40 грама, едно капаче од шише и еден шприц  со смолеста материја со темно кафеава боја со волумен од 11,5 мл. и едно капаче  од тегла со остатоци од марихуана. Од страна на судија за претходна постапка, на М.С. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

На 04.02.2018 година околу 22,30 часот било пријавено дека во Скопје, на ул.„Архитект Никола Добровиќ“ две непознати лица влегле во домот на Ж.Т.(26) и почнале да и се закануваат барајќи и пари. Потоа ја турнале на подот и со нож и нанеле расекотини на десната нога и левата рака, по што го напуштиле местото на настанот. Повредената Ж.Т. со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР-Скопје. Се работи на целосно расчистување на случајот.  
    
На 05.02.2018 година,  Т.П. (58) од Тетово пријавил дека истиот ден непознати сторители извршиле кражба во црквата „Свети Димитрија“ на ул. „Прохор Пчински“ во Тетово. Сторителите со употреба на подесен алат и физичка сила насилно влегле и одзеле две кутии за доброволни прилози од верниците во кои имало 2500 до 3000 денари, по што го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за  целосно расчистување на случајот.

На 04.02.2018 година околу 01,00 часот било пријавено дека има нарушување на јавниот ред и мир со тепачка помеѓу повеќе лица во угостителски објект на ул. „133“ во Тетово. Полициски службеници излегле на местото на настанот и го затекнале М.Ѓ. (22) од Тетово како со метален предмет ги кршел стаклата на објектот. На местото бил затекнат и Ф.Д. (20), кој се обидел да побегне, но не успеал. Двајцата биле приведени во полициска станица. Поради постоење сомнение за инволвираност во нарушувањето, биле приведени и задржани и Е.З.(33) од Тетово и А.Р. (32) од Охрид.

Полициската станица Радовиш  поднесе кривична пријава против А.Д. (49) од село Воиславци-радовишко поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела “тешка кражба“. Во  временскиот период од 16.09.2017 година до 11.01.2018 година, во манастири на подрачје на село Воиславци-Радовиш, пријавениот со употреба на сила и погоден предмет ги отварал влезните врати на манастирите, одземал пари и златно ланче, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 6.250 денари и предизвикувајќи дополнителна материјална штета од околу 1.600 денари.

Секторот за внатрешни работи Велес поднесе кривична пријава против И.А. (45) и М.П. (51), двајцата од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластување“. Во временскиот период од 2015 до 2017 година, првопријавениот, како директор на Јавното претпријатие „Комуналец“–Кавадарци, и второпријавениот, како раководител на  „Водовод и канализација“ при Јавното претпријатие „Комуналец“ – Кавадарци, им наредиле на дел од вработените  во текот на работното време да извршуваат градежни работи на нивните приватни викендички. На овој начин, по основ на исплатени бруто плати за ангажираните работници,  го оштетиле Јавното претпријатие „Комуналец“- Кавадарци за  234.281 денари.