Извадок на дел од дневни настани 06.02.2018

 На 05.02.2018 година во 13,50 часот на локалниот пат во село Долно Палчиште, тетовско, се случила сообраќајна незгода во која И.И. (14) од село Долно Палчиште-Тетово, управувајќи мотоцикл без регистарски ознаки, удрил во паркирано патничко моторно возило „Опел Астра“ со тетовски регистарски ознаки.  Од здобиените повреди малолетникот починал на местото на настанот. Извршен е увид од страна на увидна екипа на СВР Тетово. 

На 05.02.2018 година во 18,20 часот на регионалниот пат Тетово-село Волковија, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Голф“ со хрватска национални ознаки,  управувано од  М.Д.(24) од село Радиовце, и запрежно возило во кое биле лицата А.М.(71) и С.М.(18), двајцата од село Челопек. По незгодата лицата од запрежното возило се пренесени во Клиничка болница Тетово, каде им се констатирани тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош како итни случаи се префрлени во Комплексот клиники "Мајка Тереза" во Скопје. Извршен е увид на местото на настанот.

На 05.02.2018 годинa во 19,00 часот на обиколницата на град Скопје, во атар на село Волково, се случила сообраќајна незгода во која учествувале товарно моторно возило „Ивеко“ со тетовски регистарски ознаки, со приклучно возило, управувано од А.С.(53) од село Горно Седларце, тетовско и паркирано товарно моторно возило „Даф“ со скопски регистарски ознаки. Во незгодата А.С. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Комплексот клиники "Мајка Тереза" каде што е задржан на понатамошно лекување.

 

На 05.02.2018 година околу 18,40 часот во Гостивар на улица „Мајор Чеде Филиповски“ пред куќа сопственост на А.А.(40), по претходна вербална расправија настанала тепачка меѓу лицата Ѓ.Ј.(59) и неговиот син М.Ј.(38) од Гостивар, како и посочениот А.А. Со намера да ги раздели, се вклучил и М.И. (27). Во еден момент Ѓ.Ј. извадил гасен пиштол и со истиот го удрил М.И. во пределот на главата.  Со повреди се здобиле сите учесници во настанот и по укажаната лекарска помош во Медицински центар Гостивар се пуштени за домашно лекување. Извршен е увид, и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 05.02.2018 година во 11,30 часот во Полициска станица Валандово, 41 годишна жителка од Валандово пријавила дека  55-годишен маж од село Пирава, во повеќе наврати во период од еден месец, извршил  полови дејствија врз нејзината осумгодишна ќерка.  И втората ќерка на пријавителката, 15- годишна малолетничка, им раскажала на родителите дека истото лице  во неколку наврати се обидел истото да и го направи и на неа, но таа успеала да избега. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 05.02.2018 година околу 16,00 часот во Скопје во сопствената куќа, самоубиство со бесење извршил Д.У.(83). Извршен е увид на местото на настанот, и по наредба на Јавен обвинител телото е дадено на обдукција.

 

Во текот на вчерашниот ден (05.02.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле шест сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, една со телесни повреди и четири со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди (возач на товарно моторно возило) а едно лице се здобило со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 28 возачи го управувале возилото со поголема брзина од дозволената. Единаесет возачи се исклучени од сообраќај- и тоа девет возачи заради тоа што управувале возило без да се стекнат со право за управување, и двајца бидејќи биле возачи почетници. Исто така 13 возила се исклучени од сообраќај бидејќи биле нерегистрирани. Тројца возачи се санкционирани заради минување на крстосница на црвено светло, тројца не дале првенство на минување на возила и пешаци, седуммина неправилно престигнувале и исто толку возачи не поседувале зимска опрема во возилата. Во текот на изминатите денови, исто така, издадени се 91 мандатни платни налози, додека 86 возила се подигнати со "пајак".

На 05.02.2018 година околу 18.30 часот полициски службеници од Полициската станица Гостивар го привеле И.Ј. (28) од Гостивар, осуден на казна затвор од три години за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. По приведувањето, И.Ј. бил предаден во Казнено поправната установа „Идризово“ за издржување на казната.

На 05.02.2018 година во 21,50 часот Р.Т. (83) пријавила дека во дворот од нивната куќа во село Визбегово била физички нападната од страна на нејзиниот син Н.Т.(50), кој ја удрил со две тупаници во пределот на главата и телото, по што таа паднала на земја и се здобила со видливи повреди во вид на оток и црвенило во пределот на главата. На местото на настанот излегле полициски службеници. Се работи на расчистување на случајот.

На 05.02.2018 година во 23,35 часот телефонски во СВР Скопје било пријавено дека во централата на такси компанија на улица “Димитар Туриманџовски“ бил нарушен јавниот ред и мир. Од страна на полициски службеници било излезено на местото на настанот при што било утврдено дека во централата на такси компанијата дошле С.Р.(53), вработен како такси возач и неговата сопруга М.Р.(47) кои почнале да викаат и да ја навредуваат вработената-диспечерка Р.Л.(23). По кратко време, истата го повикала нејзиниот сопруг Б.К.(35) кој дошол во централата со негов пријател, при што дошло до меѓусебна пресметка помеѓу лицата. Причина за нарушувањето била тоа што С.Р. во текот на денот додека работел како такси-возач бил казнет-исклучен од страна на диспечерката Р.Л.. Се работи на целосно расчистување на случајот.

Сектор за внатрешни работи Велес поднесе кривична пријава против П.Г.(41) од Велес поради сомнение за сторено  кривично дело “разбојништво”. Пријавениот, на 01.02.2018 година, во периодот од 21.30 до 23.00 часот, во куќа сопственост на Е.Ј.(80) во населба Речани, велешко, извршил разбојништво над Е.Ј. и со употреба на сила влегол внатре и одзел 9.000 денари. (настанот е објавен на сајтот на МВР на 02.02.2018 година).

Сектор за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против  Р.Т.(59) од село Лескоец, охридско  за сторени кривични дела “загрозување на сигурноста” и “злоупотреба на лични податоци”. Во период од 13.01.2017 година до 18.01.2018 година, пријавениот, на Ж.Ш.(50), телефонски  и упатувал закани по нејзниот живот, а  на неговиот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“  објавувал фотографии од истата, под кои пишувал текстови со навредлива содржина.       

Сектор за внатрешни работи Струмица поднесе известување против 17 годишно лице од село Ангелци, струмичко за сторено кривично дело “одземање на моторно возило“. На  14.01.2018 година во Струмица на улица „Вера Циривири“, пријавениот одзел моторно возило „Југо Корал“, сопственост на  Ј.Ш. Откако настанот бил пријавен во Полициска станица Струмица, полициски службеници, го забележале возилото пред маркет при што му сигнализирале да застане,  но пријавениот, со голема брзина продолжил да се движи по регионалниот пат кон Валандово, и пред село Раброво бил сопрен од полициска патрола.  

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против  С.М.(45) од село Бороец, струшко за сторено кривично дело „приредување на игри на среќа без лиценца од надлежен орган“. На  26.12.2017 година од страна на полициски службеници и инспектори од Управата за јавни приходи, во село Лабуништа, при контрола во објект без фирма,  бил затекнат пријавениот,  како  приредува игри на среќа, без да поседува соодветна лиценца.

На 05.02.2018 година во 03,57 часот Р.Ѓ. пријавил дека во Визбегово на бензинската пумпа „Макпетрол“, две непознати лица  маскирани со фантомки, со закана со автоматска пушка извршиле разбојништво при што од вработените ги одзеле парите и го напуштиле местото на настанот.  Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.

На 05.02.2018 година околу 16,40 часот Б.В.(41) пријавил дека на 01.02.2018 година околу 21,15 часот на улица .“Димитрија Чуповски“ нејзината 15 годишна ќерка била касната од куче скитник во пределот на левата дланка.

На 05.02.2018 година во 21,30 часот Т.Т.(23) пријавил дека истиот ден околу 15,20 часот на булевар “ВМРО“ бил нападнат од неколку кучиња-скитници од кои едно го каснало за левата нога во пределот на подколеницата.