Извадок на дел од дневни настани 07.02.2018

 

                                                                 

На 06.02.2018 година во 18.50 часот на крстосницата на бул. „Словенија“ и ул. „Качанички пат“ се  случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Ауди А6“ со косовски национални ознаки, управувано од С.А. (44) од Урошевац, Косово и патничко возило „Фолксваген Бора“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.И. (30) од Скопје.  Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил И.А. (50) од Урошевац, Косово, сопатник во возилото „Ауди“. Тој бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ и по укажаната помош бил задржан на понатамошно лекување.  Со телесни повреди се здобиле возачите С.А. и Б.И. и сопатникот во возилото „Фолксваген Бора“, Х.Ф. (26) од Скопје. Тие биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“. По укажаната лекарска помош Б.И. и Х.Ф. биле задржани на понатамошно лекување, а С.А. бил пуштен на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. 

 

На 06.02.2018 година во 11.30 часот на крстосницата од ул. „Џон Кенеди“ со ул. „Дижонска“ во Скопје се случила сообраќајна незгода во која патничко возило „Опел Астра“ со скопски регистарски ознаки, удрило во пешакот Ф.А. (22) од Скопје. Ф.А. со возило на Итна медицинска помош била пренесена во комплексот клиники „Мајка тереза“.

 

На 06.02.2018 година околу 12.30 часот А.С. (45) од Демир Капија, додека се движел  по ул.„Партизанска“ во Демир Капија, бил соборен на земја и каснат од куче, домашен миленик, сопственост на Љ.Д. (59) од Демир Капија. Кучето го каснало А.С. за левата нога во пределот на потколеницата. Веднаш потоа А.С. го пријавил случајот во Полициската станица во Демир Капија.

 

 Во текот на вчерашниот ден (06.02.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле шест сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, четири со телесни повреди и една со материјална штета. Во сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди (сопатник во патничко моторно возило) и шест лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки констатирано е дека 41 возач управувале возило со поголема брзина од дозволената. Исто така, 12 возачи се исклучени од сообраќајот и тоа - 10 возачи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило а двајца бидејќи биле возачи почетници. Покрај ова, 10 возила се исклучени од сообраќај бидејќи биле нерегистрирани. Пет возачи се санкционирани бидејќи поминале крстосница на црвено светло, двајца не дале првенство на минување на пешаци и еден бидејќи неправилно престигнувал. Во текот на изминатиот ден, издадени се и 98 мандатни платни налози,  додека 100 возила се подигнати со "пајак". 

На 06.02.2018 година во 17.00 часот во Полициска станица Аеродром,  Е.Г. (36) од Скопје пријавила дека на 05.02.2018 година околу 16.00 часот, откако го зела нејзиниот шестгодишен син од градинка  забележала дека на десниот образ има оток. Детето кажало дека неговата воспитувачка го удрила неколку пати по десниот образ. За настанот веднаш го известила директорот на градинката, кој и рекол случајот да го пријави во полиција. Е.Г. го однела синот во Здравствена установа, каде од страна на лекар и била издадена лекарска потврда за констатирани повреди во вид на оток во пределот на лицето. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 06.02.2018 година во 16.00 часот во Полициската станица Аеродром, Б.Т. (44)-директор на обезбедувањето во Џеваир Холдинг пријавил дека истиот ден околу 15.00 часот во кругот на Џеваир Холдинг патничко возило „Мерцедес“ со косовски национални ознаки се доближило до една од зградите. Од возилото излегло непознато лице кое извадило дрон и почнало да ги снима објектите. Притоа, реагирал вработен во обезбедувањето, а лицето на англиски јазик му возвратило дека сакало да го испроба дронот. Тој бил предупреден дека такво нешто не е дозволено во кругот на Џеваир Холдинг, по што го земал дронот и го напуштил местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 07.02.2018 година околу 02.00 часот, Ц.Д. (25) од Гостивар пријавила семејно насилство што го извршил нејзиниот невенчан сопруг Ш.Ш. (37) од Гостивар. Тој ја навредувал и омаловажувал пред гостите во нивниот стан, а во неколку наврати физички ја нападнал, удирајќи ја со тупаници. По пријавувањето на насилството, Ш.Ш. бил лишен од слобода и со него бил извршен разговор. По целосно документирање на настанот, против Ш.Ш. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 06.02.2018 година, Б.Б. (40) од с. Шемшово, тетовско, пријавил дека околу 13.00 часот неговиот татко Б.Б.(71) физички го нападнал во дворот од нивната куќа, додека со секира сечел дрва. Татко му, најпрво започнал расправија околу неплатени сметки за електрична енергија, по што со тупаница го удрил по лицето. Пријавителот го турнал татка си, но тој веднаш станал и се обидел да му ја одземе секирата, поради што Б.Б.(40) се здобил со расекотина на десната дланка. Б.Б. (71) бил повикан во Полициското одделение Јегуновце. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 07.02.2018 година во 07,15 часот е пријавено дека на улица “Дрезденска“, односно на објектот од Републичкиот катастар од непознато лице биле скршени прозорци од канцеларија и внатре биле фрлени две пластични шишиња со непозната течност. Од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот. Се работи на целосно расчистување на случајот.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Д.К. (30) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Д.К., во периодот од јуни до септември 2017 година преку социјалната мрежа „Facebook“  објавил  дека  неговата фирма “ОР Герма“ обезбедува и регулира документација за добивање работна виза за Сојузна Република Германија, за што С.Л. (29) од село Чегране, гостиварско,  на трансакциската сметка на пријавениот  уплатил 46.500 денари, додека Ш.Р. (38) од Гостивар уплатил  22.660 денари. Откако пријавениот ги подигнал паричните средства, ги прекинал сите контакти со лицата.