Извадок од дневните настани 09.02.2018

На 08.02.2018 година во 23,12 часот во Скопје, на улица „Христо Татарчев“ кај бензиската пумпа на "Макпетрол", патничко моторно возило „Џип Митсубиши“ со скопски регистарски ознаки управуван од Ј.С.(41) удрил во вработен на бензиската пумпа В.С.(57) од Скопје. Во незгодата, В.С. се задобил со тешки телесни повреди - фрактура на левата нога, и е пренесен во Комплекс клиники "Мајка Тереза" за укажување лекарска помош.

Денес (09.02.) околу 6,30 часот од страна на граѓанин е пријавено дека на клупите кај Зелен пазар имало починато лице. Смрт е констатирана од страна на лекар од Итна медицинска помош, при што е утврдено дека починатото лице е С.С.(50) од Скопје. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е дадено за обдукција.

Во текот на 07/08.02.2018 година во Битола на улица „Св.Климент Охридски“ во т.н. тобако продавница непознат сторител извршил тешка кражба на тој начин што насилно делувал на влезната врата и по извршено пребарување одзел лап-топ компјутер „Асус“ и 781 штеки разни видови цигари по што го напуштил местото на настанот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.

На 08.02.2018 година во 20,20 часот во Охрид на раскрсницата од улица „Кеј Македонија“ со улица „Јане Сандански“, од страна на униформирани полициски службеници од Сектор за внатрешни работи Охрид, при вршење на работи на безбедноста на патниот сообраќај, извршена е контрола на патничко моторно возило „Опел тигра“ со охридски регистарски ознаки управувано од Ј.А.(28) од Охрид кој почнал да вика на висок тон и да биде агресивен, при што во еден момент Ј.А. физички нападнал приправник за полицаец. Лицето е лишено од слобода, по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 09.02.2018 година околу 00,50 часот на место викано Мечкин Камен во Гевгелија, од стана на униформирани полициски службеници од Полициска станица Гевгелија при контрола на патничко моторно возило „Ауди А4“ со кичевски регистарски ознаки управувано од Б.А.(41) од село Србица, кичевско, којшто бил заедно со А.Н.(39) од село Арангел, кичевско, пронајдени се осум странски државјани (од Иран, од Ирак, од Пакистан и од Турција) кои немаат документи за преминување на државната граница. Лицата се приведени, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Во текот на вчерашниот ден (08.02.2018 година), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно седум сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, три сообраќајни незгоди со телесни повреди и три со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди и три лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 17 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, а 21 возач биле исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Поради нерегистрирани возила од сообраќајот исклучени се 17 возила а шест возила - поради истечена важност на сообраќајната дозвола. Исто така, тројца возачи се санкционирани поради неправилно престигнување, а санкциониран е и еден пешак којшто минувал коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 102 мандатни платни налози, додека 88 возила се подигнати со "пајак".

На 08.02.2018 година околу 16,00 часот, полициски службеници од Сектор за внатрешни работи Тетово ги лишиле од слобода  Н.Д.(26)  и С.Д.(19) двајцата од Велес. Двете лица во  отпад лоциран на улица „29 Ноември“ во Тетово се обиделе да продадат патничко моторно возило „Југо“ без регистерски ознаки и со фалсификувана сообраќајна дозвола, а кое претходно било  одземено на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје.  По лишувањето од слобода и нивното задржување во Полициската станица Тетово, утврдено е дека  С.Д. се барал со централен распис за извршени тешки кражби. По целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 09.02.2018 година во 08,50 часот било пријавено дека на улица “Благоја Стефковски“ во Скопје, во филијала на “Стопанска банка“ непознато лице маскирано и вооружено со пиштол, со закана од вработените одзел околу 100.000 денари и 1.500 евра по што го напуштил местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје ќе поднесе кривична пријава против лицата Б.Р.(18),  А.Б.(18) и уште две 17 годишни лица сите од Скопје, поради постоење основано сомнение дека извршиле едно кривично дело - “разбојништво“ предвидено и казниво согласно член 237 од Кривичниот законик на РМ. Притоа осомничените се стекнале со противправна имотна корист од околу 6.000 денари. Осомничените кривичното дело го извршиле на 24.10.2017 година околу 13,00 часот на улица "Анастас Митрев" во Скопје, и притоа, откако се приближиле до оштетениот и го прашале од каде е и каде оди тие без повод и причина почнале да го влечат, да го удираат со раце и нозе по главата и телото. Му ја соблекле јакната и од џебовите на јакната му го одзеле телефонот и паричникот во кој имало слободна карта за ЈСП и две риболовни легитимации по што се одалечиле во непознат правец. Од ударите оштетениот се здобил со видливи повреди и отоци на лицето и грбот.

На 08.02.2018 година во 15,00 часот М.В.(70) во Полициска станица Карпош пријавил дека истиот ден околу 13,40 часот на улица “Фјодор Достоевски“ додека се движел бил нападнат и каснат од куче-скитник во пределот на левата потколеница.

На 08.02.2018 година  околу 12,00 часот било пријавено дека во село Батинци, скопско  на  улица “1“  во плац од фирма каде што орагнизирано се вршел ископ и чистење на реката со преставник од Општината, од страна на 17 годишно лице бил физички нападнат Ј.Б.(28). Имено лицето го  бутнало оштетениот, а откако Ј.Б. станал, малолетникот извадил нож и замавнал кон пријавителот и му ја скинал јакната, а потоа го удрил еднаш во пределот на носот и го напуштил местото на настанот. Од физичкиот напад Ј.Б. се здобил со видлива повреда. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 08.02.2018 година во 14,45 часот Љ.К.(55) во Полициска станица Аеродром пријавил дека на 02.02.2018 година во неговата канцеларија, во фирма лоцирана на улица “Февруарски Поход“ дошло лицето А.Р.(33) од Радовиш кое побарало да изнајми поголемо возило за период од 02 до 07.02.2018 година за да патува во Софија-Р.Бугарија и назад. Со договор од страна на пријавителот му било изнајмено патничко моторно возило “Мерцедес Вито-113“ (комбе) кое било во сопственост на фирмата. Но пријавениот не го вратил возилото, ниту пак одговарал на телефонски повици. Така што А.Р. се стекнал со противправна имотна корист од 950.000 денари. Се работи на целосно расчистување на случајот.

Сектор за внатрешни работи Скопје  поднесе кривична пријава  против Б.Ш.(23) од Скопје за сторено кривично дело „разбојништво“. На 06.12.2017 година околу 17,00 часот во Скопје на улица „Скупи“, пријавениот со употреба на физичка сила и закана со нож, од оштетениот одзел 3.000 денари и 150 евра.

Сектор за внатрешни работи  Битола  поднесе кривична пријава против Т.Т.(29) од  Демир Хисар за сторено кривично дело “уцена“. Во периодот од 01.10.2017 до 07.01.2018 година пријавениот, преку социјалните мрежи Viber, Facebook и телефонски пораки, на 36 годишно лице од Битола и побарал  5.000 денари, за да ги избрише снимените компромитирачки материјали кои таа му ги испратила. Откако оштетената му го исплатила бараниот износ, пријавениот и понатаму ги задржал снимените материјали кај себе,  и со истите и понатаму ја уценувал.

Сектор за внатрешни работи  Велес  поднесе кривична пријава против  Н.А.(31) од Кавадарци за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На  11.04.2017 година во Кавадарци од страна на полициски службеници, при извршен  претрес во домот на пријавениот, биле пронајдени 44,98 грама марихуана,  5,5 милилитри хашиш и 64 милилитри метадон. Од преземени мерки било утврдено дека пријавениот, дрогата ја купил во Скопје и имал намера од истата да прави масло.

Наворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп  поднесе кривична пријава против  З.Р.(58), М.А.(54), Г.А.(33), Н.М.(39), М.К.(55)  и С.К.(37), сите од Прилеп. за  сторено кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“. Првопријавениот, како  директор на ЈП “Комуналец“ Прилеп поднел писмено барање за одобрување на средства за плаќање на глоба по прекршок констатиран од Управата за јавни приходи, од редовната сметка на комуналното претпријатие, и покрај тоа што како одговорно лице требало паричната глоба  да  ја плати  од сопствени средства.  Второпријавената, како претседател на управниот одбор на ЈП “Комуналец“ Прилеп, на седница на управен одбор на претпријатието, го ставила на гласање барањето и потпишала одлука со која било одобрено глобата за правното и одговорното лице да биде исплатена од редовната сметка на претпријатието. Останатите пријавени како членови на управниот одбор, гласале позитивно за донесување на одлуката.

Наворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод  поднесе кривична пријава  против  М.С.(58) од  Прилеп, Љ.Т.(55) од  Скопје, М.В.(58) од  Македонски Брод, ДПТ ПЕЛА ТРАНС ДООЕЛ село Мажучиште, прилепско и ДПИТУ ХИДРО ГРАДЕЖЕН ИНЖЕНЕРИНГ ДОО Скопје за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба“.  Провопријавениот, како управител на фирмата ДПТ „Пела-Транс“ ДООЕЛ село Мажучиште, прилепско, во временски период од 2013 до 2016 година, во име и за сметка на фирмата,  при изведување на градежни работи на проект “Модернизација на улица  Маршал Тито-краци 1-5“ во општина Македонски Брод, спротивно на  Постапката за доделување на договор за јавна набавка за делот од договорот за асфалтирањетона улицата, ангажирал подизведувач, иако тоа не го имал наведено во тендерската документација, а за извшените градежни работи, иако не биле во согласност со Договорот, од Општина Македонски Брод како договорен орган, фактурирал и наплатил  9.270.480 денари. Исто така, првопријавениот, свесно извршувал или дозволил да бидат извршувани работни активности и вградувал градежни материјали во количини различни од предвидените во премер пресметката, и  за истото не водел соодветно градежно-техничка документација -градежен дневник, во којшто требало да се води секојдневна евиденција на работните активности. На таков начин дозволил во времените ситуации да ги наплати и дополнително изведените градежни работи од подизведувачот, кои во завршниот извештај од надзорниот орган биле оценети со несоодветен квалитет, и според мислењето на надзорот, тие дополнителни работи требало да паднат на товар на изведувачот, со што би се задоволиле и исполниле условите од тендерската документација. Заради дополнително изведените градежни работи, првопријавениот истите ги наплатил преку склучување на Анекс на претходно склучениот договор со третопријавениот, а со знаење на второпријавениот во износ од 1.846.116 денари.  На овој начин пријавените предизвикале материјална штета од 9.270.480 денари на  сметка на буџетот на општина Македонски Брод.