Извадок од дневните настани 11.02.2018

На 10.02.2018 година околу 17.50 часот на патот Демир Капија – Удово, на место викано „Маркова чешма“, се случила сообраќајна незгода во која М.Л. (33) од Валандово, управувајќи патничко возило „Опел Корса“ со гевгелиски регистарски ознаки удрила во одрон од камења на коловозот. Веднаш потоа, А.М. (57) од Богданци, управувајќи товарно возило „Волво“ со гевгелиски регистарски ознаки, кој возел зад “Опел“-от, удрил во возилото „Опел Корса“. М.Л. и сопатникот во „Опел“-от П.К. (30) од с.Удово, валандовско, со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Општа болница Кавадарци. Кај П.К. биле констатирани телесни повреди, додека кај М.Л. биле констатирани тешки телесни повреди. Поради сериозноста на повредите, М.Л. била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Неготино.

На 10.02.2018 година околу 18.00 часот на локалниот пат с. Режановце кон регионалниот пат Куманово – Липково се случила сообраќајна незгода во која Т.Р. (22) од Куманово, управувајќи патничко возило „Рено“ со кумановски регистарски ознаки, удрил во пешакот С.А. (48) од Куманово. По незгодата Т.Р. со своето возило го пренел С.А. во болницата во Куманово каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Поради сериозноста на повредите, С.А. бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Куманово.

На 11.02.2018 година од 02.15 часот во прекин е магистралниот пат Кочани – Делчево, во близина на с.Истибања, поради поголемо свлечиште на коловозот. До  расчистување на свлечиштето сообраќајот ќе биде пренасочуван по околните патни правци.

На 10.02.2018 година околу 15.00 часот во Секторот за внатрешни работи Тетово било пријавено дека двајца француски државјани, волонтери во Центарот за интеркултурен дијалог од Куманово, заталкале и се изгубиле на падините на Попова Шапка при што јавиле дека единствено што знаеле е дека се наоѓаат покрај некоја карпа. Полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка и претставници на Горскo-спасителната служба веднаш започнале со координирани активности за нивно лоцирање, пронаоѓање и извлекување од силното снежно невреме. Околу 17.50 часот тие биле пронајдени живи, но премрзнати. Со ратрак се спуштени во Полициското одделение Попова Шапка.

На 09.02.2018 година во 23.10 часот во Полициската станица Штип, М.Д. (35) од Штип телефонски пријавил дека бил прободен со нож во пределот на левата подлактица. Околу 19.30 часот  М.Д. отишол кај неговиот познаник Ф.А. (55), со привремен престој во Мирјанина црква во Штип, кој работел како чувар во основно училиште “Димитар Влахов“, каде и конзумирале алкохол. Околу 21.00  часот М.Д. тргнал накај дома, но во дворот на училиштето застанал и разговарал со неколку момчиња, другари на неговиот син. По кратко време, пред капијата на училиштето дошол Ф.А. кој во десната рака држел нож и на висок тон почнал да ги навредува и да ги брка децата. М.Д. се обидел да го спречи Ф.А. во намерата, но Ф.А. го фатил за вратот и го турнал до оградата. Потоа, при меѓусебното влечење, Ф.А. го прободел М.Д. во левата подлактица. М.Д. со екипа на Итна медицинска помош бил пренесен во Клиничка болница Штип каде му била укажана лекарска помош и бил пуштен на домашно лекување. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 10.02.2018 година околу 21.00 часот во с.Жубрино, кичевско, во куќата сопственост на Љ.Љ. дошол Б.Љ. и започнал расправија со малолетниот син на Љ.Љ. во врска со недоразбирање кое тој го имал со негов внук. Во расправијата се приклучиле и  Љ.Љ. и нејзината сестра Л.И.. Притоа, Б.Љ. со рака ја удрил  Л.И. во пределот на лицето, а Љ.Љ. ја влечел за коса. Откако ја пуштил, Љ.Љ. почнала да фрла со камења по него, а тој извадил и вперил пиштол кон неа. Во тој момент, синот на Љ.Љ. се исплашил и паднал во безсознание, по што со возило бил однесен во Медицински центар Кичево, каде му била укажана лекарска помош. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 09.02.2018 година во 14.30 часот во Полициската станица Берово, З.Б. (52) од Берово пријавил дека од 04.30 часот од дома во непознат правец  се оддалечил неговиот татко Б.Б. (75). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 10.02.2018 година околу 02.30 часот во кругот на комплексот клиники „МајкаТереза“ во  Скопје, пред Клиниката за онкологија, непознат сторител извршил кражба во патничко возило со германски национални ознаки. Сторителот го отворил возилото и одзел два куфери, 6 000 евра и патна исправа на име А.Б. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 10.02.2018 година околу 16.40 часот во спортска обложувалница на ул. „Втора Македонска Бригада“ во Скопје двајца непознати маскирани сторители извршиле разбојништво. Сторителите со закана со пиштол од вработениот одзеле 100.000 денари и побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

На 10.02.2018 година околу 18.30 часот во колонијална продавница на ул. „Ѓоре Ѓорески“ во Скопје четири непознати маскирани лица извршиле разбојништво. Сторителите со закана со пиштол и бејзбол палка од вработената одзеле засега неутврдена сума на пари, по што побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчитување на случајот.

На 10.02.2018 година во 12.30 часот во Полициската станица Карпош, поради основано сомнение за сторено  кривично дело „кражба“, казниво по член 235 од Кривичниот законик на Република Македонија, од слобода бил лишен Р.Д. (32) со патна исправа на Република Србија.