Извадок на дел од дневни настани 12.02.2018

На 12.02.2018 година околу 07.15 часот во стан на ул. „Туристичка“ во Охрид, сопственост на М.Д. (70), од засега непознати причини, избувнал пожар. Во пожарот починала М.Д., која живеела сама и била неподвижна. Смрт констатирала екипа од итна медицинска помош. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.


 На 11.02.2018 година околу 04.00 часот во Штип, Д.Н. (40) од Пробиштип извршил силување во обид над К.Д. (18) од Штип. Д.Н. преку СМС пораки и се заканувал на К.Д. дека, доколку не дојде кај него, ќе оди кај нејзините родители и ќе и направи сериозни проблеми. После тоа, таа отишла кај него и Д.Н. се обидел со сила да ја натера да имаат сексуален однос. Тој и ја удрил главата во ѕид нанесувајќи и неколку удари со тупаници во пределот на главата и телото, но К.Д. успеала да побегне. Од страна на лекар бил извршен преглед над К.Д., констатирани и се телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Штип. Д.Н. бил приведен и задржан во СВР Штип за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „силување во обид“, казниво по член 186 во врска со член 19 од Кривичниот законик на Република Македонија.
 
 На 11.02.2018 година во 23.20 часот во СВР Тетово, Л.П. (60) од Тетово пријавила дека нејзината сестра А.П. (62), со која живее во заеднички стан, психички ја малтретирала, ја заклучила во една од собите заканувајќи и се по животот, додека на нејзината ќерка и ја заклучила влезната врата од станот и не и дозволувала да влезе внатре. А.П. била приведена и задржана во СВР Тетово за понатамошна постапка. За настанот бил известен Јавен обвинител Тетово. Против А.П. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
 
Во текот на изминатите денови (9, 10, и 11.02.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 30 сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, 15 со телесни повреди и 16 со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди додека 24 со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 79 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, 43 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи 35-мина од нив управувале возило без да се стекнат со право за управување на моторно возило, а осумина управувале возилото под дејство на алкохол . Исто така 40 возила се исклучени од сообраќај: седум биле технички неисправни, додека кај 33 возила била истечена важност на сообраќајната дозвола. Единаесет возачи се санкционирани бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло, а двајца заради неправилно престројување. Во однос на пешаците санкциониран е еден пешак кој поминал коловоз надвор од пешачки премин. Во текот на изминатите денови исто така издадени се 218 мандатни платни налози, додека 166 возила се подигнати со "Пајак".

На 11.02.2018 годинa во 13.20 часот било пријавено дека на ул. „ Драчевска“во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Опел Вектра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 16-годишник и патничко возило „Форд Галакси“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.А. (27), двајцата од с.Студеничани, скопско. По незгодата, двајцата возачи и сопатниците од возилото „Форд Галакси“ - Х.А. (51), И.А. (54), М.А. (79) и К.А. (50) и Ф.А. (32), сите од с.Студеничани, скопско, со две други возила и возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“. На сите им била укажана лекарска помош. Кај малолетникот биле констатирани тешки телесни повреди, додека кај останати лица биле констатирани телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.
 
На 10.02.2018 година во 19.00 часот било пријавено дека на ул. „Божидар Аџија“ во Скопје патничко возило „Хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Т. (49) од Скопје, удрило во пешак В.Ц. (57) од Скопје. Во незгодата со повреди се здобила пешакот В.Ц. која со истото возило била пренесена во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“  каде и и биле констатирани тешки телесни повреди и и била укажана лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.  

На 12.02.2018 година околу 04.30 часот во стан на ул. „Булевар Гевгелија“ било пронајдено починато лицето Р.А. (35). Увид бил извршен, а по наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било предадено за обдукција.  

На 11.02.2018 година во 04.00 часот во Полициската станица Центар,  Е.Д. (33) и В.К. (33), независно еден од друг, пријавиле дека истиот ден околу 03.00 часот пред ноќен бар на ул. „50-та Дивизија“ биле физички нападнати од страна на четири непознати лица. Лицата ги удирале со тупаници и клоци во пределот на главата и телото, по што побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
  

На 11.02.2018 година во 18.45 часот во Полициската станица Центар, Д.Б. (50) пријавил дека на 09.02.2018 година околу 07.20 час на Камениот мост во Скопје, додека се движел, бил каснат од куче бездомник за десната надколеница. Тој веднаш се упатил во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош.

Секторот за внатрешни работи Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против Р.Џ (28) од Струмица, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „задоволување на полови страсти пред друг“, казниво по член 190 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија. На 03.02.2018 година околу 10.00 часот, додека пријавителката  заедно со нејзина другарка од Струмица оделе пеш по трим патеката од Ловен Дом кон манастирот „Св.Илија“, го забележале Р.Џ. полулегнат на една клупа во близина на Иванова Чешма. Кога ги здогледал, Р.Џ. го соблекол долниот дел од тренерките и почнал да се самозадоволува и да оди кон нив. Тие се исплашиле и побегнале. После тоа, го пријавиле настанот во СВР Струмица. Веднаш по пријавување на настанот од страна на СВР Струмица преземени се мерки за пронаоѓање на пријавениот. Тој бил пронајден и лишен од слобода.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Валандово, до Основното јавно обвинителство во Велес, поднесе известување поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“, казниво по член 188 од Кривичниот законик на Република Македонија. На 05.02.2018 година во Полициската станица Валандово пријавено е дека лицето Ц.А (55) од с.Пирава извршило полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години. По насоки од Јавен обвинител, бил извршен разговор со детето жртва во присуство на родител и социјален работник. По  наредба на јавен обвинител, Ц.А. е лишен од слобода и предаден во Основното јавно обвинителство  Велес. По наредба на судија на претходна постапка, на пријавениот  му е одреден притвор во траење од 30 дена.

Регионалниот центар за Гранични работи „Југ" поднесе кривична пријава против Б.А. (41) и Н.А. (39), двајцата од Кичево, поради сомнение дека сториле кривично дело „криумчарење мигранти", казниво по член 418-б став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија. На 09.02.2018 година околу 01.00 часот во Гевгелија, при контрола на патничко моторно возило „Ауди А4“ со кичевски регистарски ознаки, уравувано од првопријавениот, каде второпријавениот бил совозач, биле откриени осум нелегални мигранти од Иран, Турција, Ирак и Пакистан на возраст од 19 до 38 години.