Извадок на дел од дневни настани 13.02.2018

На 12.02.2018 година во 23,20 часот во СВР Скопје Д.Т. телефонски пријавил дека на ул.„Македонска преродба“ во куќа, го затекнал М.Д.(21) како претура во дневната соба, но откако М.Д. забележал дека бил виден од пријавителот, истиот физички го нападнал, по што го напуштил местото на настанот. Од страна на М.Д. одземени биле неутврдена сума на пари  кои му испаднале додека бегал, а истиот по кратко време од страна на полициски службеници бил пронајден и приведен во ПС Ѓорче Петров, и во него биле пронајдени 5.500 денари. Се работи на целосно расчистување на случајот.   

На 12.02.2018 година во 13,30 часот во Полициската станица Валандово Ѓ.Ѓ.(57) од с.Јосифово, пријавил дека на 11.02.2018 година од домот во непознат правец се оддалечила неговата мајка З.Н. (79) од с.Горни Липовиќ, која боледувала од склероза. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 12.02.2018 година во 10,20 часот на Граничниот премин Табановце, на влез во Р.Македонија од страна на полициски службеник бил лишен од слобода М.Г.(37) од с.Радолишта-струшко, затоа што при проверка во оперативна евиденција истиот се барал по телеграма од МВР-Одделението за потраги и телеграма од СВР Охрид, со мерка „лиши од слобода“ поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “убиство во обид“ по чл.123 в.в. чл.19 од КЗ на РМ. Лицето со потврда за предавање на лице било предадено на полициски службеници од СВР-Куманово за понатамошна постапка.

Во текот на вчерашниот ден (12.02.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле шест сообраќајни незгоди, од кои една со тешки телесни повреди, една со телесни повреди и четири со материјална штета. Притоа едно лице се здобило со тешки телесни повреди додека три се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 31 возач управувале возила со поголема брзина од дозволената. 14 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Исто така, 13 возила се исклучени од сообраќај - 10 возила биле со истечена важност на сообраќајна дозвола, додека три биле технички неисправни. Четворица возачи се санкционирани бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло, додека еден возач за неправилно престројување. Преземени се мерки и  против девет пешаци кои го поминале коловозот надвор од пешачки премин. Покрај ова, во текот на изминатиот ден издадени се 117 мандатни платни налози, додека 80 возила се подигнати со "Пајак".

Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против Ј.А. (27) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела “напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста” и ,,загрозување на сигурноста”. На 08.02.2018 година во Охрид, при контрола на возилото на пријавениот, истиот му упатувал закани, а потоа и физички го нападнал полицискиот службеник, по што пријавениот бил лишен од слобода, и од страна на судија од надлежен суд му била одредена мерка притвор во траење од осум дена.  

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против М.П.(44) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Во текот на 2013 година пријавениот, заради вработување во Управата за водење на матични книги-Подрачно одделение за матично работење Скопје, приложил диплома со невистина содржина за положен четврти степен издадена од Техничко училиште “Зеќир Мусиќ” од Р.Србијa.
Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство Гевгелија, поднесе кривична пријава против  З.Б (52) од с.Раброво, валандовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело - „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353  став 5 од Кривичниот законик на Република Македонија. З.Б. како командир на Полициската станица од општа надлежност Валандово, за грејната сезона 2014/2015 година за потребите на Полициската станица Валандово,  од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ -подружница „Саланџак“ Валандово, во 2014 година извршил нарачка и во шест наврати  примил  количина од 51,1 кубни метри огревно дрво во вкупна вредност од 188.932 денари. Сумата била фактурирана на Министерството за внатрешни работи, за наплата на Јавното претпријатие „Македонски шуми“- подружница „Саланџак“ Валандово. Бидејќи во кругот на Полициската станица Валандово немало простор за складирање на наведената новонабавена количина дрва, поради постоечката залиха на огревни дрва од претходната грејна сезона 2013/2014 година, З.Б. наредил дрвата да се истоварат во склад во приватна сопственост на лице од Валандово. Притоа, не била изготвена документација за предадената количина на огревно дрво. Огревното дрво останало во складот и не било искористено за потребите на Полициската станица Валандово. Дополнително, парното греење на Полициската станица Валандово, кое за загревање користело огревно дрво, на 10.02.2015 година прекинало со работа и оттогаш огревно дрво за греење не се користело, бидејки било вградено ново парно греење кое користи нафта. Со ова дејствие З.Б. ја злоупотребил службената положба и овластување кое му било дадено од страна на Министерот за внатрешни работи и го оштетил Министерството за внатрешни работи за износ од 134.052 денари.


На 12.02.2018 година во 06.50 часот на ул. „60“ во с.Волково, скопско, се судриле патничко возило „Фолксваген Пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј.(39) од с. Волково и  патничко возило „Опел Корса“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.М. (24) од с. Волково. Со повреди се здобиле двајцата возачи и сопатничката во возилото „Опел Корса“, В.М.(48) од с. Волково. Со возило на итна медицинска помош Д.Ј. бил пренесен во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Терза“ - Скопје каде му биле констатирани тешки телесни повреди и по укажаната лекаска помош бил задржан на понатамошно лекување.  М.М. и В.М. со возило на Итна медицинска помош и со друго возило биле пренесени во Градска општа болница „8-ми Септември“ каде им биле констатирани телесни повреди, а по укажаната лекарска помош биле пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.
На 13.02.2018 година во 08,45 часот во СВР-Скопје било пријавено дека на бул. “Јане Сандански“ во експозитура на Стопанска Банка непознат сторител со закана со пиштол од вработените одзел сума на пари од околу 320.000 денари, по што го напуштил местото на настанот. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 12.02.2018 година околу 22.15 часот, полициски службеници од Полициска станица Гостивар, на ул. „Никола Тесла“ во Гостивар запреле патничко возило „БМВ“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од А.С. (22) од Гостивар, а како сопатници се наоѓале и А.Д (21) од с.Долна Бањица и А.С. (23) од Гостивар. При преглед на возилото, зад совозачкото седиште била пронајдена наркотична дрога марихуана. При прегледот, А.С. (23) им се спротивставувал на полициските службеници и одбивал да влезе во службеното возило. Тој се обидел да избега и му ја скинал кошулата на еден од полициските службеници, при што му нанел и повреда на левата дланка. Тројцата биле приведени и задржани во Полициската станица Гостивар. По целосно расчистување на случајот, против нив ќе бидат поднесени содоветни поднесоци. 
На 12.02.2018 година околу 08.20 часот Ф.А. (58) од с.Арачиново, вработена во амбуланта Арачиново како патронажна сестра, пријавила дека во периодот од 19.30 часот на 09.02.2018 до 07.00 часот на 12.02.2018 година непознат сторител извршил тешка  кражба во Здравствена станица  Арачиново. Сторителот со употреба на сила влегол  во подрумската просторија, демонтирал едно црево на резервоарот и одзел околу 200 литри нафта за домаќинство, по што побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот. 
Во периодот од 15.00 часот на 11.02.2018 до 04.30 часот на  12.02.2018 година непознат сторител извршил тешка кражба во продавница за течничка стока на ул. „Ѓорче Петров“ во Скопје. Сторителот со парче бетон го скршил стаклото од влезната врата, влегол внатре и одзел 21 лап топ компјутери, по што побегнал во непознат правец.  На тој начин сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 900.000 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.
На 12.02.2018 година во 22.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Љ.М. (49) од Скопје пријавил дека истиот ден во 19.30 часот  на ул. „Лука Геров“ неговиот 17-годишен син бил каснат од куче скитник во пределот на левата подколеница.