Извадок на дел од дневни настани 15.02.2018

На 15.02.2018 година во 03.10 часот во Полициската станица Кочани било пријавено дека во куќа на ул. „9-ти Мај“ во Кочани таткото ги тепал сопругата и ќерката. Полициски службеници излегле на местото на настанот, при што на покривот од куќата го затекнале Б.А.(54) од Кочани. Непосредно по доаѓањето на полициските службеници, Б.А. скокнал од покривот и починал. Во куќата во неконтактибилна состојба билa затекната Л.А. (44), сопруга на Б.А., а таму била и нивната ќерка И.T.(22). Тие биле пренесени во Општата болница Кочани, каде Л.А. починала. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

На 14.02.2018 година во 15,20 часот Ј.А.(43) од Куманово, пријави дека истиот ден на паркингот кај гаражите на Инфективната клиника, во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ од страна на непознато лице со употреба на погоден  предмет било скршено стаклото од задната лева врата од патничко моторно возило “Алфа Ромео 159“ со кумановски регистерски таблици и бил одземен еден несесер темно сина боја и една женска чанта. Непосредно по извршеното кривично дело лицето било забележано од страна на двајца вработени во обезбедувањето. Иако лицето почнало да бега,  службениците од обезбедувањето го стигнале и задржале до доаѓањето на полициските службеници. Сторителот бил приведен во Полициска станица Центар, каде што е идентификуван, односно е утврдено дека се работи за Х.С. (42) од Скопје. Со него е извршен разговор при што дополнително е дојдено до сознание дека истиот извршил уште едно кривично дело во декември минатата година. Имено на 15.12.2017 година околу 13,00 часот на ул.“Самоилова“ на паркинг простор тој со погоден предмет го скршил задното десно стакло од патничко моторно возило “Пасат“ со тетовски регистерски таблици и одзел една ташна, по што го напуштил местото на настанот.

На 14.02.2018 година околу 03.00 часот во сопствената куќа во населба „Звегорска река“ во Делчево Љ.М.(47), вербално ја омаловажувал и навредувал неговата невенчана сопруга Д.И. (37), по што и физички ја нападнал,  нанесувајќи и повреди по телото. На жената и била укажана лекарска помош во Итна медицинска помош Делчево, а Љ.М. бил приведен и задржан во Полициската станица Делчево.  

На 15.02.2018 година во 01.15 часот во Полициската станица Бит Пазар, Д.Г. (20) од Скопје пријавил дека на 14.02.2018 година околу 22.00 часот му се јавило непознато лице кое се претставило како познаник на неговиот другар Б.Н. од с.Арнакија и му рекло да излезе пред зградата во која живее, за да му ги даде парите коишто Б.Н. му ги должел. Пријавителот излегол, но во еден момент, Б.Н. од зад грб го удрил со рачка од нож во пределот на главата и замавнувал со ножот со намера да го повреди и притоа му ја расекол  јакната. После тоа, Б.Н. и непознатото лице побегнале, а Д.Г. го земал ножот и го однел во Полициската станица Бит Пазар. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 14.02.2018 година во 11.40 часот во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, со екипа на Итна медицинска помош, бил донесен В.А. (66) од Кавадарци. Тој бил пронајден во безсознание во близина на олимпискиот базен во Скопје. По неуспешните обиди за реанимација, во 12.30 часот од страна на лекар била констатирана смрт. Телото на починатиот ќе биде предадено на обдукција.  

На 14.02.2018 година околу 21.20 часот во Единицата за информации и команда Скопје, од Бригадата за противпожарна заштита, било пријавено дека во ДСУ „Браќа Миладиновци“ во с.Драчево-Скопје имало пожар каде што гореле бали сено. Пожарот бил изгаснат во 23.00 часот. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.

Во текот на вчерашниот ден (14.02.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 10 сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, четири со телесни повреди и пет со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди,  а девет  со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 26 возачи управувале возила со брзина поголема  од дозволената, а десет возачи се исклучени од сообраќај бидејќи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Поради истечена важност на сообраќајната дозвола од сообраќај се исклучени осум возила. Еден возач е санкциониран бидејќи поминал крстосница на црвено светло. Во однос на пешаците санкционирани се 23 пешаци кои поминале коловоз надвор од пешачки премин. Во текот на изминатиот ден издадени се 101 мандатни платни налози,  додека 96 возила се подигнати со "Пајак".

На 14.02.2018 околу 22.00 часот, С.Џ.(24) од Тетово пријавила дека нејзините родители извршиле семејно насилство врз неа. Во наведеното време,  во нејзината соба влегла мајка и и побарала да и ја даде целата плата. Таа се спротивставила и тогаш мајка и почнала да ја влече за коса, а татко и неколку пати со тупаници ја удрил по главата и телото, нанесувајќи и видливи повреди. Родителите М.Џ.(44) и М.Џ.(41) биле повикани во Полициската станица Тетово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 14.02.2018 година, А.Е.(38) , која времено престојувала во Гостивар, пријавила дека Ј.Х.(23) од с. Здуње, гостиварско, со кого била во љубовна врска, физички ја нападнал. Ј.Х. истиот ден, во неколку наврати влегол и излегол од нејзиниот стан, во кој живеела под кирија. Околу 18.30  часот ја нападнал додека била пред влезот на станбената зграда, ја соборил на земја и повеќе пати ја удрил со тупаници по главата и телото. Таа била пренесена во гостиварската болница каде и била укажана лекарска помош. Ј.Х. бил повикан во Полициската станица Гостивар. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 15.02.2018 година околу 00.15 часот на Ургентното одделение во гостиварската болница било донесено 15-годишно момче од Гостивар поради тоа што испило голема количина алкохол. Му била укажана лекарска помош, но поради сериозноста на состојбата, било пренесено  на Клиниката за токсикологија при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

На 14.02.2018 година во 18.00 часот на ул. „20" во с. Сарај, патничко моторно возило „Сеат Ибица" со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Т.(60) од Скопје удрило  во седумгодишно дете. По незгодата, детето со друго возило било пренесено во комплексот клиники „Мајка Тереза", каде му биле констатирани тешки телесни повреди и било задржано на  лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 14.02.2018 година во 09.40 часот во Полициската станица Центар, В.Б.(48) од Скопје пријавила дека на 13.02.2018 година околу 12.20 часот додека се движела по ул. „Орце Николов“, била нападната од повеќе кучиња-скитници од кои едното ја гризнало за коленото од десната нога. По нападот, таа отишла во Градската општа болница „8-ми Септември“ каде и била укажана лекарска помош.

На 14.02.2018 година во 20.50 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Т.Ј.(55) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 18.30 часот додека се движела по улицата „Лука Геров“ била касната од куче-скитник за левата нога.

На 14.02.2018 година во 21.15 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Д.Н.П.(34) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 18.00 часот додека се движела по улицата „Лука Геров“ била касната од куче-скитник за десната нога. 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Г.П.(66) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување”. Тој го сторил делото во периодот од мај 2015 година до јуни 2017 година, во својство на потпретседател на црковен одбор на црквата „Свети Ѓорѓија“ од селото Врбјани. Парите кои му биле доверени од донации на верници, од сеча на шумски дрвја и по други основи што требало наменски да ги троши за потребите на црквата, противправно ги присвоил и ги ставал на три сопствени жиро сметки, една денарска и две девизни.  На 21.07.2017 година, кога му престанале обврските како потпретседател, парите кои преостанале како салдо на сметките за кои немал покритие во износ од 1.133.512 денари одбил да ги предаде на црковниот одбор.         

Регионалниот центар за гранични работи Запад поднесе кривична пријава против П.К.(46) од Република Албанија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“. На 12.02.2018 година околу 19.00 часот на граничниот премин „Ќафасан“ бил извршен детален преглед на патнички автомобил „БМВ“ со албански национални ознаки, сопственост на пријавениот. Притоа, било констатирано деке е направен фалсификат на бројот на шасијата и тој бил втиснат на несоодветно место, а броевите и граничниците не се во оригинална форма. Полициски службеници констатирале и други неправилности и недостатоци на патничкиот автомобил, по што било одземено за натамошна постапка.  


СВР Куманово поднесе кривична пријава против О.М. (39) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 08.11.2017 година околу 17.50 часот во Куманово, на Пчински пат, кај место викано „Менкова Колиба“, при преглед од страна на полициски службеници, кај пријавениот бил пронајден пиштол марка „Црвена Застава“ калибар 7,62х25милиметри со  рамка со пет куршуми.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кратово поднесе кривична пријава против И.А. (39) од Кратово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”. На 12.09.2017 година пријавената, како управител на ДТТУ „ФИЛЕ ТУРС“ ДООЕЛ Кратово, склучила договор за јавен превоз на ученици од основното училиште „Кочо Рацин” Кратово за учебната 2017/2018 година. Таа, спротивно на договорот, преку нејзиниот сопруг С.А. (43) од  Кратово, на три релации за превоз на учениците ангажирала возачи  кои не биле вработени во правниот субјект и коишто превозот на учениците го вршеле со нелиценцирани моторни возила што не биле наведени во понудата.