Извадок од дневните настани 18.02.2018

На 18.02.2018 година во 00,35 часот на автопатот Скопје-Тетово, А.Е.(45) од Тетово, управувајќи патничко моторно возило „Рено“ со тетовски регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката Л.Џ.(71), која е префрлена во Комплекс клиники "Мајка Тереза" за понатамошно лекување, додека со телесни повреди се здобиле возачот и сопатниците М.Е. (42) и две деца на возраст од 13 и 15 години.  Извршен е увид на местото на настанот.

На 17.02.2018 година во 18,40 часот на Граничен премин „Св. Наум“ на излез од Република Македонија, со автобус „Мерцедес“ со косовска регистарска ознака се пријавил П.Ц.И.(42) од Р.Бугарија. Од страна на полициските службеници по извршена пасошка контрола утврдено е дека патната исправа евидира како изгубена/украдена, при што истата со потврда за привремено одземени предмети е одземена. При дополнителна проверка во личните документи на лицето (лична карта, патна исправа и возачка дозвола) утврдено е дека истите се фалсификувани. Лицето изјавило дека неговиот вистински идентитет е У.М.(41) од Приштина. У.М. е предаден на полициски службеници од Регионален центар Запад за понатамошна постапка.

На 17.02.2018 во 14.50 часот на улица "Бетовенова" во Скопје дошло до физичка пресметка, најверојатно поради нерасчистени имотно-правни односи, помеѓу браќата Ј.И. и Ј.И. и нивниот зет за сестра Е.Д. од една страна и браќата Џ.Д. и А.Д. од другата страна. Ј.И., Ј.И. и Е.Д. дошле пред куќата на Џ.Д. и настанала физичка пресметка. А.Д., кој во тој момент доаѓал со патничко моторно возило „Пасат“ и видел што се случува, со возилото удрил во Ј.И., Ј.И. и Е.Д., а потоа со пиштол пукал два пати во воздух. Од ударот со возилото повредени се Ј.И., Ј.И. и Е.Д., а од физичката пресметка повреден е Џ.Д.. На местото на настанот е пронајден пиштол и две чаури. Со возило на Итна медицинска помош Џ. Д. е пренесен во Ургентен Центар, Ј. И. е пренесен во ГОБ "Св. Наум Охридски", Ј. И. и Е. Д. се пренесени во ГОБ "8-ми Септември", а А.Д. е приведен во Полициска станица Чаир. Се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот.

На 17.02.2018 година во 22,20 часот во Битола, тројца полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола, преземале службени дејствија по пријава од лицето Т.Т. (59) дека неговата ќерка М.Т.(33) го вознемирувала. Полициските службеници заедно со екипа на Итна медицинска помош се упатиле на местото на настанот и ја затекнале М.Т. во физичка пресметка со Т.Т. и нејзиниот брат Р.Т.. Полициските службеници побарале од М.Т. да престане со насилното однесување и да биде прегледана од лекар на Итна медицинска помош, но таа ги нападнала полициските службеници, а при обид да ја внесат во возило на Итна медицинска помош, биле физички нападнати од Т.Т. и нејзиниот брат Р.Т., додека мајката С.Т. ги попречувала во преземањето службени дејствија. Во еден момент Т.Т. турнал еден полициски службеник по скалите. По преземени мерки, Т.Т., Р.Т. и С.Т. биле лишени од слобода, додека М.Т. е пренесена во Клиничка болница Битола. По укажана лекарска помош на полициските службеници констатирани им се телесни повреди Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 17.02.2018 година во 16,30 часот во кафе бар во Штип по меѓусебна расправија бил нарушен јавниот ред и мир од страна на Н.Б.(21) од Штип и Д.Ф.(30) од Штип. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 17.02.2018 година во 16,15 часот на Граничен премин „Деве Баир“ на влез во Република Македонија се пријавил турскиот државјанин А.Т.(55), кој управувал товарно моторно возило „Мерцедес“ со полуприколка „Фруехауф“ со турска национална ознака, кој на увид доставил зелена карта за осигурување која била фалсификувана. Лицето е предадено на полициски службеници од Полициска станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

На 17.02.2018 год. во 16.20 часот Ш.Д.(54) пријавил дека на 15.02.2018 година во 10.30 часот  на улица "Црвена Скопска Општина" бил нападнат и каснат од куче скитник за десната нога.

На 17.02.2018 година во 16,00 часот Ж.Д.(64) пријавил дека на 14.02.2018 година околу 15,00 часот на улица "Благоја Стефковски"  бил нападнат од страна на едно куче вучјак кое било во придружба на лицето З.Р.(58) од Скопје, и истото го каснало на десната потколеница.