Извадок на дел од дневни настани 19.02.2018

На 18.02.2018 година околу 18.00 часот во село, Песочан-Општина Дебарца, од засега непознати причини настанал пожар во куќа сопственост на Љ.Т. При гаснењето на пожарот, од страна на пожарникарите од Противпожарна единица, во куќата било пронајдено починато лице. Се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на починатото лице. Увид ќе се врши во текот на денешниот ден.

На 18.02.2018 година во 10.00 часот на Граничен премин - Аеродром “Скопје“ на влез допатувал А.М.(25) од Р.Tурција со турска  патна исправа. По извршена пасошка контрола и проверка констатирано е дека горенаведеното лице евидира со мерка одземање патна исправа, по барање на Интерпол. Откако турската патна исправа и личната карта се дополнително проверени констатирано е дека се фалсификувани, а во неговиот багаж е пронајдена друга турска лична карта со податоци на име Т.Т.А.(24). По изготвеното Решение за одбиен влез и при обид да биде качен во авион, лицето побарало политички азил во РМ.

Во текот на изминатиот викенд (16/ 17/ 18.02.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 24 сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, 10 сообраќајни незгоди со телесни повреди и 13 со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди и 11 лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 81 возач управувале возило со брзина поголема од дозволената, 13 возачи се санкционирани поради управување на моторно возило под дејство на алкохол, а 34 возачи биле исклучени од сообраќајот бидејќи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Поради технички неисправни возила од сообраќајот исклучени се три возила и санкционирани се 23 возачи коишто, исто така, управувале нерегистрирани возила. Еден пешак е санкциониран бидејќи поминал коловоз надвор од пешачки премин, шест возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, пет возачи поради недавање првенство на минување на пешаци и по еден возач се санкционирани поради неправилно престројување и неправилно престигнување. Во текот на изминатиот викенд издадени се 190 мандатни платни налози, додека 153 возила се подигнати со "пајак".

На 19.02.2018 година во 01,30 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено дека на булеварот “Илинден“ во близина на крстосницата на улица “Бледски договор“ патничко моторно возило “Сузуки Свифт“ со скопски регистерски ознаки управувано од Д.С.(54) од Скопје удрило во бетонска жардињера. Од незгодата со повреди се здобиле возачот Д.С., како и сопатниците В.Т.(46), Ј.Н.(49) и М.Б.(50) сите од Скопје, кои со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница “8-ми Септември“ за укажување на лекарска помош. Кај возачот Д.С. и сопатничката В.Т. биле констатирани тешки телесни повреди и биле задржани за понатамошно лекување. Кај сопатниците Ј.Н. и М.Б. биле констатирани телесни повреди и по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување. Извршен е увид на местото на настанот.

 

На 18.02.2018 година околу 13.00 часот на улица „Љуботенска“ во Тетово патничко моторно возило „Голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од В.В.(22) од село Вејце, тетовско, изгубило контрола, излетало од коловоз и удрило во бетонски електричен столб. Од ударот, возачот В.В. се здобил со повреди и со медицинско возило бил пренесен во тетовската клиничка болница. Подоцна, поради сериозноста на повредите, В.В. е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен е увид на местото на настанот.

 

Полициска станица од општа надлежност Валандово поднесе  кривична пријава против С.Т.(39) од село Костурино за сторено кривично дело “насилство“. На  30.12.2017 година околу 01,20 часот во Валандово, по претходен нарушен јавен ред и мир, пријавениот репетирал и вперил сигнален пиштол кон две лица од Валандово.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против  Б.Л.(34) од село Жубрино, кичевско за сторено кривично дело „Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 10.02.2018 година во село Жубрино во домот на Л.Љ.(34), пријавениот по претходна вербална расправија со Л.Љ., нејзиниот 13 годишен син и нејзината сестра Л.И.(36), физички ги нападнал, при што вперил пиштол кон Л.И., додека на Л.Љ. и нанел телесна повреда со нож.

 

На 18.02.2018 година во 16,00 часот во Скопје во куќата во која живеел,  пронајден бил починат Ж.М.(67).  Телото било пронајдено од страна на неговиот брат.  Смртта ја констатирал доктор од Итна медицинска помош, а по наредба на Јавен обвинтел телото било предадено на обдукција.

 

Секторот за внатрешни работи Велес поднесе кривична пријава против С.Л.(53) и Д.М.(46), двајцата од Росоман и Б.Ј.Ј.(35) од Скопје за сторено кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластување“. Првопријавениот, во текот на минатата година, како градоначалник на општина Росоман, по претходно спороведена постапка од јавна набавка, прифатил и исплатил фактура од “Агропласт РОС“ ДОО Росоман, за изградба на потпорни ѕидови на трасата на локалниот пат од село Сирково до село Росоман и покрај тоа што знаел дека  градежните работи кои се во опис на градежната докумeнтација воопшто не биле изведени од страна на изведувачот. Второпријавениот, како одговорно лице во  ДПТУ “АГРОПЛАСТ РОС ДОО”  Росоман, иако не ги извел работите наведени во описот на градежната документација,  издал фактура за наплата за изградба на потпорните ѕидови во вредност од 574.636 денари. Третопријавената, пак, како одговорно лице во МБМ “Архитекти” ДООЕЛ Скопје, при стручен  технички надзор на горенаведената активност,  ја потврдила изведбата на описот на работите во градежната книга и градежниот дневник, и изготвила извештај за работите  што воопшто не биле изведени од страна на второпријавениот. На овој начин, пријавените го оштетиле  Буџетот на општина Росоман за 574.636 денари.

 

Секторот за внатрешни работи Велес поднесе кривична пријава против М.П.(51) и И.А.(45) двајцата од Кавадарци и С.С.(46) од село Мрежичко, кавадаречко, за сторено кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластување“. Во текот на 2014 година, првопријавениот,  како раководител во “Водовод и канализација” при ЈП “Комуналец” од Кавадарци, на четири фактури и  испратници, доставени од фирмата Трасер ДООЕЛ  - село Мрежичко, потврдил дека при изведување на работи, по добиен тендер за санирање на филтри на зафатот – водовод Лукар, била извршена набавка и транспорт на 5.000 филтерски дизни за питка вода и нивно вградување во филтри, иако наведените филтерски дизни ниту биле набавени, ниту вградени. При тоа, во наведениот временски период, првопријавениот, спротивно на Законот за спречување судир на интереси, бил вработен, на дополнително работно време во фирмата “Трасер” ДООЕЛ село Мрежичко. Второпријавениот, како директор на ЈП “Комуналец” Кавадарци, и покрај тоа што знаел за истото, не избрал друга фирма за надзор над изведувањето на работите, туку дозволил надзорот да го врши М.П. Третопријавениот, како  сопственик и управител на “Трасер” ДООЕЛ, доставил за наплата четири фиктивни фактури дека извршил набавка и вградување на 5.000 филтерски дизни. Со ова, пријавените му нанеле штета на ЈП “Комуналец” од Кавадарци во висина од 2.655.000 денари.