Извадок на дел од дневни настани 20.02.2018

На 18.02.2018 година околу 05.40 часот на ул.„11-ти Октомври“ во Куманово, патничко возило  „Сеат Кордоба“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Џ.Ш. (61) од Куманово удрило во велосипед управуван од С.Б. (56) од Куманово. Од ударот, велосипедистот С.Б.  се здобил со тешки телесни повреди, по што бил пренесен во Клиничка болница Куманово, но поради сериозноста на повредите веднаш бил префрлен во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Куманово.

На 19.02.2018 година околу 20.10 часот на крстосницата од ул.„Франклин Рузвелт“ со ул.„Орце Николов“ во Скопје, патничко возило „Фолксваген Пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ј.Д. (37) од Скопје, удрило во двајца пешаци (на возраст од 16 и 17 години) од Скопје. Од ударот, малолетниците се здобиле со повреди и со други возило биле пренесени во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“. На 16-годишникот му биле констатирани телесни повреди, додека кај 17-годишникот биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото нанастанот извршила екипа од СВР Скопје.
 
На 19.02.2018 година околу 21.15 часот на ул.„Ферид Мурати“ во Скопје дошло до судир помеѓу патничко возило „Фолксваген Бора“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.М. (35) од Скопје и патничко возило „Пежо 106“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.К.С. (44) од Скопје. Притоа, двајцата возачи се здобиле со повреди и со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“. Кај Е.М. биле констатирани телесни повреди, а на А.К.С. и биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

Во текот на вчерашниот ден (19.02.2018 година), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 14 сообраќајни незгоди, од кои три со тешки телесни повреди, шест со телесни повреди и пет со материјална штета. При сообраќајните незгоди четири лица се здобиле со тешки телесни повреди, а девет со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 23 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, 11 возачи се исклучени од сообраќајот и тоа: деветмина управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило, еден управувал возило под дејство на алкохол и еден бил - возач почетник. Покрај ова, од сообраќај исклучени се и 18 возила: 11 - бидејќи биле нерегистрирани, додека седум возила биле технички неисправни. Исто така, двајца возачи се санкционирани бидејќи поминале крстосница на црвено светло, тројца - неправилно престигнувале, додека девет возачи непоседувале пропишана зимска опрема во возилата. Во однос на пешаците, санкциониран е еден пешак кој поминал коловоз надвор од пешачки премин. Во текот на изминатиот ден издадени се 86 мандатни платни налози,  додека 82 возила се подигнати со "Пајак".

На 16.02.2018 година во 11.00 часот вработена во Центар за социјални работи во Скопје пријавила дека од декември минатата година лицето Д.К. (58) и упатувало закани по животот.  Причина за тоа била што на Д.К. му била укината социјалната парична помош, откако во Центарот за социјални работи било утврдено дека документите кои тој ги приложувал биле фалсификувани.  Исто така, Д.К. упатувал закани по живот и на нејзина колешка.  Пријавителката посочила дека Д.К. подолг период ги вознемирувал вработените, но во последно време зачестиле заканите по нивните животи. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во врска со настанот „пожар со последица смрт“, даден во вчерашниот извадок од дневни настани за пожар во куќа во с. Песочан, општина Дебарца, утврден е идентитетот на лицето кое како последица од пожарот беше пронајдено починато. Се работи за Љ.Ј. (81) . По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било предадено за обдукција.

На 19.02.2018 година во 19.10 часот на Граничниот премин Делчево, поради постоење основи на сомнение за фалсификување на зелен картон за товарно возило, бил приведен М.К. (48) од Газиентеп-Република Турција. По наредба на Јавен обвинител, тој бил задржан во Полициската станица Делчево за понатамошна постапка.

На 19.02.2018 година во 21.15 часот во Полициската станица Куманово, од слобода бил лишен  Б.Б. (28) од Сојузна Република Германија поради пријавено нарушување на јавен ред и мир-предизвикано со тепачка со елементи на кривично дело „насилство“, како и поради сторен прекршок по член 139 од Закон за странци. Тој бил задржан за понатамошна постапка пред надлежен суд.

Во врска со настанот „приведен странски државјанин“ даден во извадок од дневни настани  19.02.2018 година, на 19.02.2018 година поднесена е кривична пријава против T.T.A. (23) од Република Турција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, казниво по член 378 став 3, а во врска со став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија. Исто така од страна на судија на претходна постапка на Т.Т.А. му била определена и мерка притвор во траење од 30 дена и бил спроведен до Истражниот затвор-Скопје во населба Шуто Оризари.

Полициската станица Струга поднесе кривична пријава против Н.М. (34) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „тешка кражба“ и едно кривично дело „кражба“.  Н.М. ги сторил делата во периодот од 25.12.2017 до 14.01.2018 година во магацински простор и во даночното оделение на Управата за јавни приходи во Струга, како и во помошна просторија во струшкото село Радолишта. Во објектот на даночното одделение на Управата за јавни приходи Струга влегол со  употреба на сила и тврд предмет и одзел радијатори и вентили, предизвикувајќи материјална штета околу 60.000 денари.  Во магацинскиот простор влегол со употреба на сила и подесен алат и одзел еден апарат за швајцување, две брусалици, 50 метри електричен кабел и една поголема вреќа со бакарни жици и кабли. На тој начин предизвикал материјална штета од околу 32.500 денари. Во помошните простории во Радолишта влегол со помош на клучот кој бил оставен до вратата и одзел една моторна пила, флекс машина и комплет кутија со алати со што причинил материјална штета од 40.000 денари.
 
Секторот за внатрешни работи Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против З.А.(34) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека извршил едно кривично дело „тешка кражба“, казниво по член 236 став 6 од Кривичниот законик на Република Македонија. На 15.02.2018 година околу 14.00 часот, додека оштетената пеш се движела по бул. „Крсте Мисирков“, З.А. и се доближил, го отворил патентот од чантата и и го одзел паричникот по што побегнал во непознат правец. На тој начин, З.А. се стекнал со противправна имотна корист од околу 5.000 денари. По преземени мерки, З.А. истиот ден бил приведен во Полициската станица Бит Пазар. Во службениот разговор тој го признал делото и го појаснил начинот на извршување.  


Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против К.В. (29) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на лични податоци“. Во перодот од март до октомври 2017 година К.В. направил фотографии и видеа со компромитирачка содржина од А.М.М. (18) од Охрид, ги обработил и на 05.12.2017 година ги поставил на социјалната мрежа „Инстаграм”.
 

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против С.С. (45) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично  дело „злоупотреба на службена положба“. Во периодот од 17.09.2015 до ноември 2017 година пријавената, како директор на основното училиште „Христијан Тодоровски – Карпош“ во с. Драгоманце, општина Старо Нагоричане, овозможила вработување на К.Ј. како  воспитувач во ученичкиот дом во состав на училиштето, и покрај тоа што знаела дека истата не ги исполнува условите за извршување на работните задачи. Исто така, во периодот од 17.12.2015 до 31.08.2016 година, пријавената, спротивно на законските прописи, ја ангажирала К.Ј.  на работно место воспитувач без договор за вработување.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ф.А. (35) од село Љуботен, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против Н.И. (33) од село Градец, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „соизвршителство“ и „поттикнување“. На 18.01.2016 година Ф.А., како референт за моторни возила во Одделението за управни работи-Скопје, во сообраќајната книшка од возило сопственост на Е.С. од село Градец  незаконски ставил печат, без да ја внесе регистрацијата во евиденциите за возила. Второпријавениот зел 46.125 денари од Е.С. за да изврши регистрација на неговото возило, но и покрај тоа не била извршена регистрација на возилото. 
На 19.02.2018 година во 21.10 часот на паркинг на бул. „Јане Сандански“ во Скопје, Н.Б. (33) од Гевгелија, вработен во Министерството за внатрешни работи, во време кога не бил на работа, физички ја нападнал В.М. (23) од Скопје, со која живеел во вонбрачна заедница, нанесувајќи и повреди во пределот на главата. Се преземаат мерки за расчистување на настанот. Веднаш е известен и  Одделот за внатрешна контрола при МВР, на Н.Б. му било одземено службеното оружје и поведена е постапка за утврдување на дисциплинска одговорност. 
На 18.02.2018 година во 23.50 часот во Полициската станица Центар било пријавено дека истиот ден околу 23.00 часот во казино на булевар „11-ти Октомври“ непознато маскирано лице извршило разбојништво. Сторителот со закана со пиштол од вработената одзел околу 150.000 денари,  по што побегнал во непознат правец. Се преземаат марки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.
На 19.02.2018 година во 13,00 часот во Полициската станица Гази Баба, В.Ц.(49) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 11.00 часот пред влезна врата на средно училиште на бул. „Александар Македонски“, неговиот 17- годишен син бил физички нападнат од страна на П.Л.(37), вработен во обезбедување на училиштето. П.Л. го удрил малолетникот два пати со тупаница во пределот на стомакот и главата. Со приватно возило 17-годишникот бил однесен во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“. Се работи на целосно расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против З.Т. (52) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „злоупотреба на службената положба и овластување“. Во периодот од август 2013 година до ноември 2017 година, пријавениот, како командир на Територијалната противпожарна единица Свети Николе, во месечните прегледи за остварени часови на вработените во Територијалната противпожарна единица Свети Николе, лажно прикажал дека остварил 1.140 часови прекувремена работа. На тој начин тој го оштетил буџетот на општина Свети Николе за 321.804 денари.
На 19.02.2018 година во 08.20 часот во Полициското одделение Сарај, А.Р. (48) од Скопје пријавил дека во периодот од 08. до 18.02.2018 година во с. Лака, скопско, била опожарена неговата викенд куќа. Според пријавителот, непознат сторителот , на засега непознат начин, подметнал пожар и побегнал во непознат правец. Од пожарот, куќата целосно изгорела.  На тој начин била причинета материјална штета од околу 500.000 денари. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.