Извадок на дел од дневни настани 21.02.2018

На 20.02.2018 година во 14,10 часот на булевар „8-ми Септември“ во Скопје дошло до судир помеѓу патничко возило „Мазда 6“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Љ.К.(66) од Виница, и патничко возило „Фиат Добло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.И.(33) од Скопје. Во незгодата со повреди се здобиле двајцата возачи. Со возило на Итна медицинска помош Љ.К. бил пренесен во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“, додека Д.И. бил пренесен во Градската општа болница „8-ми Септември“.  По укажаната лекарска помош, Љ.К. бил задржан на понатамошно лекување, додека Д.И. бил пуштен на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Скопје и се работи на целосно расчистување на случајот.
 
На 20.02.2018 година околу 11,45 часот, по претходно добиени сознанија, на улица „172“ во с.Мала Речица, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово запреле патничко возило „Фолксфаген лупо“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Р.М. (33) од с.Горно Седларце, тетовско. При преглед на возилото, во торба на задното седиште, била пронајдена автоматска пушка и рамка со шест куршуми. Р.М. бил приведен и задржан во Полициската станица Тетово, а обезбедено било и возилото што го управувал. Подоцна, во станот во кој живеел под кирија во Тетово, биле пронајдени 26 куршуми со калибар од 7,62 милиметри. По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против Р.М. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 20.02.2018 година во 15,00 часот во Секторот за внатрешни работи Тетово, Ј.Ќ.(46) пријавила дека на 18.02.2018 година од домот во непознат правец се оддалечила нејзината 14 годишна ќерка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
              
На 20.02.2018 година во 19,05 часот во Полициската станица Гевгелија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по чл.378 од Кривичниот законик  на Р.Македонија бил, задржан К.П. (46) државјанин на Р.Грција.

На 21.02.2018 година во 01.30 часот во Полициската станица за Граничен премин и Граничен надзор Стар Дојран, на излез од Р.Македонија, од извршена контрола над товарно моторно возило „Мерцедес“ со валандовски регистерски таблици со приклучно возило марка „Динкел“ со  српски национални ознаки, а управувано од Р.А.(32) oд Р.Србија  било констататирано дека Вин бројот втиснат на шасијата не бил истиот кој бил запишан во сообраќајната дозвола. Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 378 од Кривичниот законик на Р.Македонија лицето било приведено во Полициска станица Гевгелија за понатамошна постапка.

Во текот на вчерашниот ден (21.02.2018 година), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле четири сообраќајни незгоди од кои три со телесни повреди и една со материјална штета. При сообраќајните незгоди четири лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 15 возачи управувале возила со брзина поголема  од дозволената. Исто така, 18 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи: 12 од нив управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило, двајца возeле под дејство на алкохол и четворица биле возачи - почетници. Покрај ова од сообраќај исклучени се 13 возила - 11, бидејќи биле нерегистрирани, додека две возила биле технички неисправни. Шест возачи се санкционирани бидејќи поминале крстосница на црвено светло, двајца неправилно се престроиле, еден возач не дал првенство на минување на пешаци и двајца возачи не поседувале пропишана зимска опрема во возилата. Во текот на изминатиот ден издадени се 113 мандатни платни налози,  додека 91 возило е подигнато со специјално возило "Пајак".

 На 20.02.2018 година околу 18,30 часот, на крстосницата на улиците „Илинденска“ и „Гоце Делчев“ во Гостивар, патничко моторно возило „Опел астра“ со гостиварски регистерски ознаки, управувано од Ф.Б.(21) од Чајле, удрило во пешакот А.А.(38) од Здуње. А.А. се задобила со тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош во гостиварската болница, итно е пренесена во Комплекс клиники "Мајка Тереза" Скопје. Извршен е увид на местото на настанот.

На 20.02.2018 година во Секторот за внатрешни работи-Куманово, полициски службеник пријавил дека на 19.02.2018 година околу 10,50 часот во Куманово на улицата „11-ти Октомври“, при вршење служба со специјално возило “пајак“ од страна на А.Е.(55) од Куманово кој управувал патничко возило „Поло“, бил омаловажуван. Откако на А.Е. му било наредено да излезе од возилото, тој му ја одзел радио врската на полицискиот службеник. Тогаш од возилото излегле и две женски лица кои физички го нападнале полицискиот службеник влечејќи го за вратот. Во полициска станица бил приведен А.Е., а повикани на службен разговор биле В.Е.(62) и С.А.(28) и по целосното расчистување и документирање на настанот ќе следи соодветен поднесок.

На 21.02.2018 година во 07.45 часот во  ПС ОН Штип пријавено е дека во куќа на улицата „Сутјеска“ пронајден е починат Т.Б.(62) од Штип, на чие што тело од страна на екипа на Итна медицинска помош се констатирани видливи повреди во предeлoт на главата. По преземени мерки и активности, а во координација со надлежен обвинител од ОЈО Штип, од страна на полициски службеници од слобода се лишени три лица - И.Д.(24), Г.Б.(29) и А.С.(32), сите од Штип. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 21.02.2018 година во 01,30 часот С.С.(49) во Полициската станица Чаир пријавил дека истиот ден околу 00,30 часот од домот во непознат правец се одалечила неговата 16 годишна ќерка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 20.02.2018 година, А.Д. (48) во Полициската станица Чаир пријавила дека на 16.02.2018 година од домот во непознат правец се оддалечила  нејзината 17-годишна внука. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 20.02.2018 година во 14,30 часот, Д.Д. (64) од Скопје пријавил дека во периодот од 18 до 20.02.2018 година непознат сторител извршил тешка кражба во фирма во стечај во кругот на Железара во Скопје. Сторителот со употреба на сила и погоден алат влегол во плацот и одзел поголема количина на железо (цевки, профили, шестоаголни железа и железни рафтови), по што го напуштил местото на настанот Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 20.02.2018 година, И.Т.(30) од Струга пријавила насилство од С.З.(36) од село Копачиндол, тетовското, со кого била во љубовна врска. Според пријавата, околу 16,20 часот, по вербалната расправија, пријавениот физички ја нападнал И.Т., по што таа со такси возило е пренесена и задржана во тетовската клиничка болница за понатамошно лекување.  Се работи на целосно расчистување на случајот, по што ќе биде поднесенa соодветнa пријава.

На 20.02.2018 година во 16,40 часот, Т.Р.(41) од Скопје пријавил дека истиот ден во 15,20 часот, во канцеларија во зградата на Министерството за надворешни работи на улица “Филип Втори Македонски“ во Скопје, физички бил нападнат од В.С., со кого ја делел канцеларијата. Според пријавата, додека Т.Р. извршувал работни задачи, В.С. го нападнал со повеќе удари со тупаници во пределот на главата и телото. На Т.Р. му била укажана лекарска помош во Градската општа болница “Свети Наум Охридски“. Се превземаат мерки за расчистување на случајот.

На 20.02.2018 година во 10,45 часот, Н.Р. (21) од Скопје во Полициската станица Центар пријавила дека на 19.02.2018 година околу 16,20 часот во Градскиот трговски центар била нападната од куче скитник кое ја каснало на десната рака.
На 20.02.2018 година во 15,40 часот, Љ.Р. (59) од Скопје во Полициската станица Центар пријавил дека истиот ден околу 10,30 часот на ул. „Кеј 13-ти Ноември“ бил нападнат од повеќе кучиња скитници. Едно од нив го каснало на десната нога.
На 20.02.2018 година во 18,20 часот, С.С. (36) од Скопје во Полициската станица Центар пријавила дека истиот ден околу 14,00 часот, во дворот на средното училиште “Илија Николовски Луј“ нејзината 15-годишна ќерка била нападната и касната од куче скитиник за левата рака.
На 16.02.2018 година околу 11,45 часот, во влез од зграда на улица „Партизанска“ во Штип, непознато лице со употреба на физичка сила и ја одзел чантата на М.Д.(78)  од село Таринци, штипско во која имало околу 10.400 денари , паричник и лични документи. Од физичкиот напад оштетената паднала и од падот се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Клиничка болница Штип. По преземени мерки и активности констатирано е дека разбојништвото е извршено од Џ.С.(34) од Штип. По целосно документирање на настанот против осомничениот Џ.С. ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“.

Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против  Н.Н.(39) од Радовиш, поради постоење на  основано сомнение дека пријавениот сторил кривично дело „тешка кражба“  по член 236 а в.в 19 од КЗ на РМ. Имено, пријавениот, заедно со уште едно лице, на 10.02.2018 година од црквата „Свети петнаесет тивериополски маченици“ во Струмица, поточно во малата црква параклис, со подесен предмет го отстраниле катанецот од влезната врата, по што ја украле металната каса – сеф,  во која имало околу 6,000 денари. По ова металната каса ја натовариле на количка, која претходно истиот ден ја украле од дворно место во Струмица.

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против С.С.(26) и С.Ѓ.(30), двајцата од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 01.01.2018 година околу 01,30 часот во Тетово на улица “Јане Сандански“ во угостителски објект пријавените, по претходна вербална расправија, физички ги нападнале Љ.Т. (42) и неговиот 17 годишен син, двајцата од Тетово, при што им нанеле телесни повреди во пределот на главата и телото, а потоа почнале да кршат шишиња и чаши во објектот.

Полициската станица Прилеп поднесе кривична пријава против Д.Т.(27) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 10.02.2018 година во 03,00 часот во Прилеп на булеварот “Гоце Делчев“ пред влезот на ноќен клуб пријавениот, по претходна вербална расправија, на Б.П (20) од Прилеп, со нож му нанел тешка телесна повреда во пределот на стомакот.

Регионалниот центар за Гранични работи Запад поднесе кривична пријава против У.М. (40) од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „фалсификување исправа“. На 18.02.2018 година на Граничниот премин “Свети Наум”, на излез од Р.Македонија, пријавениот при извршена контрола, приложил фалсификувана бугарска лична карта, со намера да ја употреби како вистинска со цел непречено да ја премине државната граница. Од страна на судија во претходна постапка на пријавениот му била одредена мерка притвор во траење од осум дена.

На 20.02.2018 година, во 23,45 часот во Полициската станица Гази Баба социјален работник во Јавната установа "Ранка Милановиќ" пријавила дека на 10.02.2018 година С.Р.(19), штитеничка на домот, самоволно ја напуштила установата и се оддалечила во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.