Извадок на дел од дневни настани 22.02.2018

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Ф.А. (47) од Скопје  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.  На 15.01.2018 година околу 15.00 часот на ул. „Ѓорче Петров“, пријавениот одзел патничко моторно возило „Ауди 6“ во кое бил оставен клучот на бравата.

 На 21.02.2018 година во 17.30 часот во Полициското одделение Галате, М.М. (29) од с.Врањеовце пријавил дека на 20.02.2018 година во периодот од 18.00 до 23.00 часот, од семејната куќа во непознат правец се оддалечила неговата сопруга Л.М. (26) од Република Албанија. Таа ја земала нивната четиригодишна ќерка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.

Во текот на вчерашниот ден (21.02.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле осум сообраќајни незгоди од кои пет со телесни повреди и три со материјална штета. При сообраќајните незгоди шест лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 51 возачи го управувале возилото со брзина поголема од дозволената. 14 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи 12 го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило, еден го управувал возилото под дејство на алкохол и еден бил возач почетник. Исклучени се и 14 возила бидејќи биле нерегистрирани. Тројца возачи се санкциониран бидејќи поминале крстосница на црвено светло, еден неправилно се престроил и тројца возачи не поседувале пропишана зимска опрема во возилата. Во текот на изминатиот ден издадени се 102 мандатни платни налози,  додека 74 возила се подигнати со "Пајак".

 
На 21.02.2018 година во 21.30 часот на Граничниот премин „Долно Блаце“ од слобода бил лишен А.Б. (30) од с.Шишево, скопско, врз основа на наредба од Основен суд Скопје 1. Во 22.30 часот, со потврда за предавање на лице,  лицето  било предадено на полициски службеници од Полициската станица Чаир за понатамошна постапка.

 
На 21.02.2018 година во 19.00 часот на Граничниот премин-Аеродром „Св.Апостол Павле“-Охрид, при пасошка контрола, полициските службеници се посомневале дека лицето B.Р. (55) од Арачиново, скопско, користи туѓа патна исправа. Поради тоа, биле извршени дополнителни проверки и преглед во нејзиниот личен багаж и била пронајдена лична карта од Косово на име С.Р.. После тоа, лицето било приведено и предадено за понатамошна постапка.

Секторот за внатрешни работи Штип, до Основното јавно обвинителство Штип, поднесе кривична пријава против Г.Б. (29) и И.Д. (24), двајцата од Штип, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „убиство“, казниво по член 123 од Кривичниот закони на Република Македонија. Во периодот од 21.00 часот на 20.02.2018 до 07.15 часот на 21.02.2018 година пријавените во куќа на ул. „Сутјеска“ во Штип, со умисла го лишиле од живот Т.Б. (62) од Штип, татко на првопријавениот. Додека Т.Б. спиел во една од собите,  Г.Б. и И.Д најпрвин физички го нападнале со удари со раце, со тапи предмети, по што Г.Б. со нож му нанел неколку убоди во пределот на главата од кои Т.Б. починал.  
 
Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против Р.М. (32) од с. Горно Седларце поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено држење на оружје или распрскувачки материи“. На 20.02.2018 година околу 11.30 часот, при преглед на возилото и станот на пријавениот, полициски службеници пронашле автоматска пушка АК 17 Калашников,  рамка за автоматска пушка со 69 куршуми за автоматска пушка калибар 7,62 мм и 26 куршуми пиштолска муниција калибар 7,62 мм.    

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Д. (19) и Н.Ј. (31), двајцата од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени  кривични дела „насилство“  и  „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“. На  31.12.2017 година околу 00.30 часот во угостителски објект на ул. „133“ во Тетово, Ф.Д. и Н.Ј., под дејство на алкохол, упатувале закани по животот на присутните гости, по што физички го нападнале сопственикот на објектот и почнале да го кршат инвертарот во објектот. При полициска интервенција, пријавените физички нападнале и двајца полициски службеници, при што им нанеле телесни повреди.
Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против С.М. (25) од с. Баница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда’’. На  20.02.2018 година околу 08.00 часот пред домот на Ж.М. во село Баница, по вербална расправија, С.М. и неговиот брат М.М. физички го нападнале Ж.М. и родителите на неговата сопруга, Н.Д и С.Д.. Притоа, С.М. со камен му нанел тешки телесни повреди на Н.Д. во пределот на главата, по што повредениот бил пренесен во Медицинскиот центар Струмица.

Регионалниот центар за гранични работи Исток поднесе кривична пријава против К.М. (48) од Република Турција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 19.02.2018 година во 18.00 часот на Граничниот премин Делчево, пријавениот приложил фалсификувани меѓународни зелени карти за осигурување од автоодговорност за товрано возило, со намера да ги употреби како вистински за непречено да ја премине државната граница.

На 21.02.2018 година во 21.40 часот,  М.Б. (64) од Скопје во Полициската станица Гази Баба пријавил дека на 20.02.2018 година на ул. „Перо Наков“ бил каснат од куче скитник за левата потколеница. 

На 21.02.2018 година во 12.00 часот, П.А. (73) од Скопје во Полициската станица Центар пријавил дека на 15.02.2018 година околу 11.00 часот, додека се движел со велосипед по ул. „Црвена скопска општина“, бил нападнат и каснат од куче скитник на десната нога.

На 22.02.2018 година во 13.40 часот,  Е.Ч.С. (32) од Скопје во Полициската станица Центар пријавила дека на 17.02.2018 година во 07.45 часот на ул. „Димитрија Чуповски“  била касната од куче скитник за десната рака при што и била нанесена телесна повреда.

На 21.02.2018 година во 21.00 часот Р.У. (46) во Секторот за внатрешни работи Скопје пријавил дека истиот ден околу 20.00 часот додека бил во неговиот дом на булеварот „Никола Карев“ во Скопје, во импровизираната населба до полигонот слушнал пукање. Според пријавата, тој веднаш излегол од домот и надвор видел две непознати лица кои се качиле во возило и заминале. Веднаш по пријавување на случајот, на местото на настанот излегле полициски службеници. Извршен бил увид и на местото на настанот биле пронајдени и подигнати 13 чаури од гасен пиштол. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 21.02.2018 година, Н.С. (45) од с. Туденце, тетовско, пријавил дека во периодот од 27.12.2017 до 21.02.2018 година пријавил дека непознат сторител извршил кражба во неговата куќа, на непознат начин и без оштетувања. Сторителот влегол во спалната соба и од сеф со шифра одзел повеќе парчиња разновиден златен накит и 3000 евра во разни апоени. На тој начин сторителот се стекнал со противправна имотна корист од над 600.000 илјади денари. Набргу по пријавувањето, кражбата била расчистена.  Осомничен сторител е 18-годишната ќерка на пријавителот Н.С.