Извадок на дел од дневни настани 23.02.2018

На 22.02.2018 година во 17.15 часот на обиколницата пред клучка „Радишани“, во правец од с.Стајковци кон нас. Радишани, дошло до судир помеѓу патничко возило „Рено меган“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Ѓ. (55) од Скопје и патничко возило „Застава југо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.Д. (48) од с.Кучевиште, скопско. Притоа, на местото на несреќата починал З.Д., а В.Ѓ. бил пренесен во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“-Скопје. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Скопје.

На 22.02.2018 година во 08.00 часот на Граничниот премин Долно Блаце, по барање на Интерпол од Сојузна Република Германија, од слобода бил лишен Г.И. (29) од Косово. Во 11.35 часот, со потврда за предавање на лице, Г.И. бил предадено на полициски службеници од Полициската станица Чаир за понатамошна постапка.

На 22.02.2018 година во 10.20 часот на меѓуградската автобуска станица во Охрид, поради сомнение дека нелегално престојува во Република Македонија и поради немање на документи за идентификација, полициски службеници го привеле лицето Ј.Б. (55) од Поградец, Република Албанија. Личните податоци биле добиени по негов исказ.

На 22.02.2018 во 12.50 часот  во с.Маково, општина Новаци, полициски службеници извршиле легитимирање на  Е.Т. (44) од Република Албанија поради непријавен престој во Република Македонија, односно поради сторен прекршок според член 139 став 3 од Законот за странци. Е.Т. бил приведен во Полициската станица за граничен премин Меџитлија и во 13.30 часот бил предаден на полициски службеници од СВР Битола за понатамошна постапка.

На 22.02.2018 година во 16.00 часот на ул. „Париска“ во Скопје, по пријава за нарушување на јавниот ред и мир, како и констатиран илегалнен влез во Република Македонија, полициски службеници го привеле Ф.Д. (47) од Сојузна Република Германија. Тој бил задржан за понатамошна постапка.

На 22.02.2018 година било пријавено дека на 21/22.02.2018 година во временскиот период од 20,00 до 07,00 часот во с.Сулдурци-радовишко, во магацин на фирма сопственост на В.М.(42) од засега непознати причини избувнал пожар. Од пожарот биле опожарени магацинот со дел од покривната конструкција, два рачни вилушкари, електронска вага, семенски материјал, кутии со разновидна стока со земјоделски производи, како и патничко моторно возило „Форд Транзит“ кое било паркирано до магацинот. Од пожарот била причинета материјална штета од околу 1.000.000 денари. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Радовиш.

На 22.02.2018 година во 13,00 часот во Полициската станица Крушево било пријавено дека во с.Пресил–крушевско избувнал пожар во помошен објект сопственост на Н.А. притоа целосно изгорела покривната конструкција, инвентарот и голем број на алати и апарати за штрафење и сечење, со што била причинета материјална штета од околу 900.000 денари. Пожарот бил изгаснат од екипи на Територијалната противпожарна единица-Крушево и Кривогаштани. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Надворешната канцеларија за криминалистички работи-Крушево и судски вештак.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против М.Ј. (53) од с. Саса, општина Македонска Каменица, поради постоење основи на сомнение за сторени  кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување”, „злоупотреба на лични податоци“ и „посебни случаи на фалсификување исправа“. Во периодот од 28.11.2016 до 31.12.2016 година М.Ј., како самостоен референт во Јавното претпријатие „Македонски шуми”- подружница Делчево, без знаење на Љ.Г. (58) и Љ.Д. (60), двајцата од Македонска Каменица, во нивно име поднел две барања за обезбедување на отпад собран после сеча за сопствени потреби од страна на физички лица. После тоа изготвил и две одобренија за собирање на отпад после сеча на вкупно 6,5 метри кубни дрвна маса, коишто подоцна ги продал на други лица и се стекнал со противправна имотна корист во износ од 7.387 денари. Исто така, во преиодот од 14.11.2016 до 31.12.2016 година, пријавениот, без знaење и овластување на тогашниот директор потпишал 43 одобренија за физички лица за собирање на отпад после сеча во државна шума.

Во текот на вчерашниот ден (22.02.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 10 сообраќајни незгоди од кои една со загинато лице, една со тешки телесни повреди, седум со телесни повреди и една со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице го загубило животот, две лица се здобиле со тешки телесни повреди и осум лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 29 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Исто така, 22 возачи се исклучени од сообраќајот: 12 од нив управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило, петмина управувал возила под дејство на алкохол а пет возачи биле - возачи почетници. Покрај ова, од сообраќај биле исклучени 14 возила од кои 12 - биле нерегистрирани, едно - технички неисправно и едно возило имало претовар. Четворица возачи се санкциониран бидејќи поминале крстосница на црвено светло, еден заради неправилно престројување, шестмина возачи не поседувале пропишана зимска опрема во возилата и тројца - заради тоа што недале првенствио на минување на возилата во зона на крстосница. Во текот на изминатиот ден издадени се 84 мандатни платни налози,  додека 74 возила се подигнати со "Пајак".


Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против Е.З. (25), Ф.А.(32) и М.С.(20), сите од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 01.01.2018 година во село Слупчане, во ресторанот, првопријавениот физички го нападнал Г.А. при што со стаклена чаша му нанел телесна повреда во пределот на главата, додека второ и третопријавените го кршеле инвентарот во објектот.

     

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против В.С.(51) од село Едрениково поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”. На 25.06.2010 година, пријавениот, како градоначалник на општина Василево, изготвил решение за вработување на Г.Ц. на работно место референт во администрацијата на општината Василево, без да изврши увид во доставената документација на лицето и покрај тоа што знаел дека истото е без соодветно образование.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична против Г.М.(44) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ и против И.У. (54) од с. Беловиште поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со „употреба на исправа со невистинита содржина“. Во текот на 2015 година, Г.М. полициски службеник во Полициската станица Гостивар, изготвил лажен договор за купопродажба на возило “Пежо 206” со гостиварски регистарски ознаки, склучен во Швајцарија помеѓу И.У. како купувач и Б.С. како продавач, и покрај тоа што знаел дека И.У. не бил во Швајцарија, ниту купил возило во наведената земја. После тоа, Г.М., во Бирото за метрологија при Министерството за економија, приложил потврда за пријавен престој во Косово на име на И.У., а содржина претходно ја изменил.  После тоа, документите ги приложил во барањето за регистрација во Отсекот за управни работи при Полициската станица Гостивар. По ова, на 10.04.2015 година Г.М. извршил регистрација на наведеното возило, и покрај тоа што истото не ги исполнувало ЕУРО 4 стандардите.

 

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против Д.Д. (25) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување’’. Во текот на 2015 година пријавениот со продажба на услуги преку социјалната мрежа “Фејсбук” остварил приход од 1.260.511 денари, којшто го примил преку брз трансфер на пари, но за таа сума не платил данок во висина од 126.051 денари и за таа сума го оштетил буџетот на Република Македонија. 

 

Полициската станица Кратово поднесе кривична пријава против ДПТУ „ТОМИ ТРАВЕЛ” ДООЕЛ Кратово и Т.Ј. (52) од Кратово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување”. Т.Ј., како управител на ДПТУ “ТОМИ ТРАВЕЛ” ДООЕЛ Кратово, за да одбегне плаќање на данок не ги евидентирал испратниците од 2015, 2016, и 2017 година за извршен транспорт на 1609,8 метри кубни огревно дрво за физички лица со товарно возило, сопственост на пријавеното правно лице. На тој начин тој не пријавил остварен приход од 1.264.174 денари и одбегнал плаќање на данок на додадена вредност од 157.805 денари и персонален данок во износ од 108.489 денари, односно вкупно затаил данок во износ од 266.298 денари на штета на Буџетот на Република Македонија.

     

 На 22.02.2018 година Т.Н.(20) од Скопје пријавила дека на 21.02.2018 година околу 08,10 часот додека како патник се превезувала во автобус на ЈСП број 50, кога возачот прикочил, паднала во автобусот, а врз неа паднало друго лице. Истиот ден во 09,00 часот се јавила на лекарски преглед во Градската општа болница "Свети Наум Охридски", каде и биле констатирани тешки телесни повреди (фрактура на нога) и истата била пуштена на домашно лекување.

 

На 22.02.2018 година во 19,00 часот во СВР-Скопје било пријавено дека на улицата „11-ти Октомври“ во казино, непознато маскирано лице со закана со пиштол од вработените одзело  околу 130.000 денари, по што го напуштило местото на настанот. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 22.02.2018 година во 20,00 часот во СВР-Битола било пријавено дека на улицата „Филип Втори Македонски“ во Битола во аптека непознато лице со закана од пиштол од вработените одзел околу 10.000 денари и мобилен телефон по што го напуштил местото на настанот. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 22.02.2018 година во 23,00 часот Б.А.(57) во Полициската станица Гази Баба пријави дека на 19.02.2018 година од домот во непознат правец се оддалечила Д.А.(27). Се работи на пронаоѓање на лицето.

 

На 22.02.2018 година Р.М. (63) од с. Скудриње, општина Маврово-Ростуше, пријавил дека истиот ден околу околу 17.30 часот во месноста „Малиќево чешмиче“ неговата сопруга Џ.М. (64) била нападната и искасана од кучиња скитници. Таа била пренесена во болницата во Дебар, по што била префрлена во болницата во Охрид.