Извадок од дневните настани 24.02.2018

НК за КР при ПС-ОН Прилеп до ОЈО Прилеп поднесе Известување за постоење на основи на сомневање за сторено кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“ по чл.353 ст.1,3 и 5 и “несовесно работење во службата“ по чл. 353в ст.1 и 3 од КЗ на РМ против лицата: М.Р. (46), поранешен градоначалник на општина Прилеп, Д.Р. (56),  Раководител на одделение за општи и заеднички работи при локалната самуправа Прилеп, К.Н. (49) вработен како домар и лице задолжено за прием и надзор над набавката, и А.Т. (42) сектретар на општина Прилеп. Имено , постапувајќи по отворен предмет на ОЈО Прилеп, врз основа на наоди од Државниот завод за ревизија а кои се однесуваат на набавката и трошењето на ЕЛ-1 маслото за греење за потребите на општината Прилеп, Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ПС Прилеп изврши проверки  при што е констатирано  дека иако реалната потреба за набавка на екстра лесно ЕЛ 1  масло за греење на новата општинска зграда на општина  Прилеп изнесувала најмногу 10.000 литри по грејна сезона, сепак во годините  2015 и 2016 проектирани се и набавувани поголеми количини од реално потребните. Така, во 2015 година од страна на општината исплатено е за 41.762 литри повеќе од реално потребните, а во 2016 година за 24.963 литри ЕЛ1 масло  повеќе од реално потребните количини. Односно исплатени се парични средства за вкупно 66.725 литри ЕЛ масло повеќе, без реално оправдување за таквата количина. Спротивно на одредбите од Законот за финансирање на локалната самоуправа и на Законот за извршување на буџетските средства,  наменските средства кои требало да бидат искористени за тековно греење на општинската зграда биле проектирани на ниво далеку од реално потребното, при што пријавените, секој во рамките на своите надлежности во текот на 2015 и 2016 година, предизвикале штета на буџетот на општина Прилеп во вкупен износ од 2.556.666 денари.

На 24.02.2018 година, околу 12 часот, на автопатот Тетово-Гостивар, патничко моторно возило марка “Алфа ромео“ со гостиварски регистарски таблички, управувано од турскиот државјанин Б.А. (20) излетало од коловозот и се превртело. Во несреќата, на пат кон тетовската болница починал сопатникот во возилото турскиот државјанин Г.У. (22), додека пак возачот Б.А. и вториот сопатник во возилото, исто така турски државјанин, Ч.Х. (20), се здобиле со тешки телесни повреди. По укажаната прва помош во тетовската Клиничка болница, тие двајцата итно се префрлени во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ во Скопје. На местото на настанот во тек е увид раководен од надлежен Јавен обвинител од ОЈО Тетово.

На 23.02.2018 година околу 12.00 часот во Скопје, на ул.„Коце Металец“, патничко моторно возило “Опел Корса“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П. од с. Смилковци  удрило во лицето Ч.О. (90) од Скопје, по што жената била пренесена во Градска општа болница „Св Наум Охридски“ каде и се констатирани тешки телесни повреди (скршеница на колк) и ќе биде задржана на понатамошно лекување. Увидна екипа изврши увид на лице место.

На 23.02.2018 година околу 11. 58 часот во Скопје, на ул.„11-ти Октомври“ пред Градска општа болница „Св.Наум Охридски“, С.М. (53) од Скопје управувајќи автобус со скопски регистарски ознаки, застанал на автобуската постојка, по што С.Ј. (59) од с.Сарај, се удрила во задната гума од автобусот. Истата била пренесена во Градска општа болница  „Св.Наум Охридски , каде од страна на доктор и е констатирана тешка телесна повреда (скршеница на карлица и лев скочен зглоб) и по укажаната лекарска помош ќе биде задржана на понатамошно лекување. Извршен е увид на местото на настанот.

Денеска (24.02.) околу 06.50 часот во Кочани на ул. “ВМРО“ во Тобако центар дошол С Ф.(41), од Кочани и од вработениот Д.П. (36) побарал да му даде цигари без да плати, но откако бил одбиен, тој со нож го нападнал Д.П. и му нанел убодна рана (во пределот на ногата). Вработениот во контактибилна состојба од страна на униформирани полициски службеници бил пренесен во Општата болница Кочани каде по укажаната лекарска помош е пуштен на домашно лекување. Набргу напаѓачот С.Ф. е лишен од слобода и е донесен во ПС Кочани а во консултација со ОЈО Кочани на сторителот ќе му биде поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело - “ убиство во обид“ по чл.123 вв чл.19.

На 23.02.2018 година во 16.00 часот, Е.И.(48) од с. Љубин во Полициското Одделение во Сарај пријавил дека околу 14.30 часот во с.Сарај пред трговски објект каде бил застанат со своето патничко моторно возило “Голф“ заедно со неговиот зет И. С., со  метални предмети (шипки) бил нападнат од страна на И.Р. и С. Р. од с.Глумово, при што му биле нанесени  удари по целото телото.  Пријавителот успеал да побегне во угостителски објект во близината, каде почекал напаѓачите да си заминат, по што со своето возило се упатил да го пријави случајот. Е.И се здобил со телесни повреди  во пределот на рацете. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.02.2018 година околу 09.20 часот во населба Маџари - Скопје, во експозитура на Стопанска банка, непознато машко лице со закана со пиштол  извршил разбојништво, при што од експозитурата одзел 4.500 евра и 196.000 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 23.02.2018 година во 19.55 часот во аптека  лоцирана во Трговскиот Центар “Антико“, Карпош непознато машко маскирано лице, со закана со  нож, од касата одзел околу 40 000 денари и побегнал во непознат правец. Во моментот на разбојништвото во аптеката се наоѓале само вработените А. С. (35)  и С. М. К. (32) . Извршен е увид на лице место, се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.