Извадок од дневните настани 25.02.2018

Единицата за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против лицата М.Ц. (40), од Скопје и Г.С. (56) исто така од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека во текот на 2016 година сториле кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 5, а во врска со член 22 од КЗ на РМ. Имено, првопријавениот М.Ц. во својство на овластено лице, директор на ЈП МРТ Скопје, при спроведување на отворена постапка во хартиена форма што завршува со „е-аукција“ за јавна набавка - “Електронско мерење на ТВ аудиториум со пиплметри на територијата на РМ“ за потребите на ЈП МРТ Скопје, склучил договор со правното лице “Аналитика“ ДООЕЛ - Скопје, застапувано од второпријавениот Г.С. Притоа, иако М.Ц. знаел дека во - “Извештајот од спроведената постапка“ изготвен од Комисијата за јавни набавки при ЈП МРТ Скопје било констатирано дека врз основа на веќе спроведена електронска аукција, од економскиот оператор “Аналитика“ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје била понудена нова намалена единечна месечна цена од 87.637,50 денари во однос на почетната единечна месечна цена од 175.000 денари и дека бил даден предлог, постигнатата нова цена да биде избрана како најповолна понуда, сепак по претходен договор со второпријавениот, на 13.07.2016 година злоупотребувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување, со намера на “Аналитика“ ДООЕЛ да и овозможи противправна имотна корист, донел Одлука за избор на најповолна понуда со која за најповолен понудувач ја избрал оваа фирма. Врз основа на оваа Одлука М.Ц и Г.С. на 29.07.2016 година склучиле „Рамковна спогодба за јавна набавка на услуги“ со вкупна вредност на истата од 2.100.000 денари без пресметан ДДВ односно 175.000 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ, иако знаеле дека согласно последната постигната аукциска цена спогодбата требало да биде склучена на износ од 1.051.650 денари без пресметан ДДВ за 12 месеци или 87.637,50 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ. Со ваквите дејствија М.Ц. и Г.С. го оштетиле буџетот на ЈП МРТ Скопје во вкупен износ од 1.237.053 денари со пресметан ДДВ, а од друга страна прибавиле противправна имотна корист за правното лице во износ од 1.048.350 денари.

На 24.02.2018 година во Скопје, во 14.40 часот на бул."Јане Сандански " во близина на Трговскиот центар “Капитол“ патничко моторно  возило марка  “Пежо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од непознато лице удрило во пешакот Н.А. (66) од Скопје и веднаш го напуштило  место на несреќат. Н.A со возило на Итна медицинска помош е префлен во Ургентниот центар при Комплексот клиники “Мајка Тереза“, каде што е констатирана смрт. Кратко по сообраќајната несреќа, од страна на припадници на едницата Алфа, пронајдено е возилот “пежо“ а идентификуван и пронајден е возачот, станува збор за А.Р (28) од Скопје. Тој е приведен во ПС Гази Баба. Увид на лице место извршиле ЈО и увидна екипа на СВР Скопје. Од возачот е земен крв и урина за анализа а возилото е однесено на технички преглед. По наредба на ЈО телото на починатиот е предадено за обдукција.

На 24.02.2018 година во 15,30 часот на регионалниот пат Прилеп-Кичево, кај местото викано “Барбарас“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Фолксваген Пасат“ со прилепски регистарски таблички, управувано од А.С. (45) од Прилеп и товарно возило со прилепски регистарски таблички  управувано од Б.Р. (49) од с.Големо  Коњари, прилепско. Во незгодата со тешки телесни повреди (скршеница на карлица и повреди на главата) се  здобила сопатничката во патничкото возило „Пасат“, А.Е. (42) од Прилеп и по укажана лекарска помош во Медицински центар-Прилеп поради сериозноста на повредите  е пренесена во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ во  Скопје, додека пак возачот на “пасатот“ А.С. во незгодата се здобил со скршеница на десна надколеница и е задржан на лекување во Медицинскиот центар Прилеп. Исто така, со телесни повреди се здобиле и возачот на товарното возило Б.Р. како и неговите сопатниците, Б.Г. (35) и К.З. (46) двајцата од с. Г.Коњари-Прилеп. Увид на лице место извршила увидна екипа од ПС-М.Брод, а по наредба на ЈО возилата се однесени на технички преглед.

На 24.02.2018 година во 12,15 часот во Полициската станица Гостивар, Б.М. (47) од с.Чајле, гостиварско, пријавил дека на 20.02.2018 година во вечерните часови од страна на непознат сторител извршена е тешка кражба во неговата куќа. Сторителот влегол во куќата и без да изврши пребарување по собите, од фиока во спалната соба на приземјето одзел поголема количина разновиден златен накит (лири, алки, обетки, прстени и останат вреден накит), а потоа го напуштил лице местото. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.

На 23/24.02.2018 година во периодот од 20,30 до 04,30 часот во Велес во продавница на ДОО „Нептун“, непознат  сторител извршил тешка кражба на тој начин што со употреба на подесен алат ги отстранил катанците од влезната врата, го искршил стаклото, влегол внатре и одзел 22 лап-топ компјутери, разни марки и модели, по што го напуштил местото на настанот. Во истиот временски период, извршено е и кривичното дело “одземање патничко моторно возило“, при што е одземено „Фиат Уно“ со велешки регистарски таблички , сопственост на С.П. од Велес кое било паркирано во непосредна близина на наведената продавница.

На 24/25 .02.2018 година непознати сторители извршиле “тешка кражба“ во џамија лоцирана на ул. “Радован Цончиќ“ во Тетово насилно го отвориле прозорецот и влегле внатре. Исто така насилно се отворени врати од неколку простории и од фиока од работна маса во благајната одземени се помала сума денари, 20 швајцарски франци, како и мала метална каса во којашто се наоѓале повеќе документи околу изградбата на објектот. Извршен е увид на лице место при што е утврдена вкупна имотна корист од 4.000 денари додека направената материјална штета е неколкупати поголема и дополнително ќе се утврдува.