Извадок на дел од дневни настани 26.02.2018

На 25.02.2018 година во 17.45 часот на магистралниот пат Кичево-Охрид, во близина на с.Подвис, дошло до судир помеѓу патничко возило „Шевролет авео“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Д. (61) од Скопје, патничко возило „Фиат панда“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.Р. (48) од Охрид и патничко возило „Опел мерива“ со битолски регистарски ознаки, управувано од П.В. (61) од Битола. Притоа, со тешки телсни повреди се здобила сопатничката од возилото „Шевролет  авео“-Л.Т. (66) од Скопје. Поради сериозноста на повредите, со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Ургентен центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Кичево.

 

На 25.02.2018 година во 17.55 часот на ул. „Лука Геров“во Скопје дошло до судир помеѓу патничко возило „Опел астра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Т. (60) од с.Орман, скопско и патничко возило „Хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.К. (49) од Скопје. По судирот, возачите Д.Т. и К.К. со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница „8-ми Септември“, каде им биле констатирани тешки телесни повреди и биле задржани на лекување. Сопатникот од возилото „Опел астра“- А.Т. бил пренесен во Ургентен центар во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на лекување. Ушта двајца сопатници од возилото „Опел астра“- Б.Т. (56), 10-годишно дете, како и 15-годишна сопатничка во возилото „Хјундаи“ се здобиле со телесни повреди. По укажаната помош во Градската општа болница „8-ми Септември“, тие биле пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

 

На 25.02.2018 година околу 18.05 часот на магистралниот пат Битола-Ресен, во близина на крстосница „Макази“ на почетокот на местото викано „Сопотски ливади“, дошло до судир помеѓу патничко возило „Даеву“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.М. (43) од с.Подмочани, ресенско и патничко возило „Хјундаи“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Д.П. (33) од с.Долно Оризари, битолско. Од судирот, возачот на возилото „Даеву“ се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Клиничка болница Битола. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициста станица Ресен.

 

Во текот на изминатите денови (23, 24, и 25.02.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 27 сообраќајни незгоди од кои една со загинато лице, четири со тешки телесни повреди, осум со телесни повреди и 14 со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице (пешак) починал, шестмина се здобиле со тешки телесни повреди додека 11 лица минале со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 58 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Покрај ова, 62 возачи се исклучени од сообраќајот: 40 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило, 12 возеле под дејство на алкохол и десетмина биле возачи почетници. Исто така, 35 возила се исклучени од сообраќај, и тоа 32 заради тоа што биле нерегистрирани а три поради техничка неисправност. Десет возачи се санкционирани бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло, тројца не дале првенство на минување на пешаци, 20 возачи неправилно престигнувале и осумина се санкционирани заради тоа што непоседувале пропишана зимска опрема во возилата. Во однос на пешаците, санкционирани се пет пешаци кои го поминале коловозот надвор од пешачки премин. Во текот на изминатите денови, исто така, издадени се 243 мандатни платни налози, додека 150 возила се подигнати со "Пајак".

 

На 26.02.2018 година во 03.55 часот во Единицата за информации и команда Скопје, од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, било пријавено дека кај нив бил донесен Б.М.-пожарникар во Бригадата за противпожарната заштита Скопје, кој бил повреден при гаснење на пожар во стан од станбена зграда на ул. „Христијан Тодоровски Карпош“ . Пожарот бил изгаснат. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот. 

Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против Ј.П. (27) од с. Грчец, општина Сарај, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „одземање на моторно возило”. На 17.12.2017 година околу 09.00 часот на бул. „Туристичка“ во Охрид Ј.П. одзел  патничко моторно возило  „Тојота корола“ кое било отклучено, со клучот на бравата и со вклучени четири трепкачи. По преземени мерки и активности, истиот ден, возилото било пронајдено и предадено на сопственикот.

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против Џ.И. (24) од с. Дебреше, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени 13 кривични дела  „тешка кражба“ и седум кривични дела „тешка кражба во обид“. Во периодот од мај 2017 година до јануари 2018 година на подрачјето на Тетово, пријавениот со употреба на физичка сила и погоден предмет, влегувал во спортски обложувалници, маркети, продавници, аптеки, сендвичари, менувачница, осигурителни компании и џамија, каде што одземал  пари, цигари, метален сеф и пиштол. На тој начин пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од околу 295.000 денари.
 
Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против С.Ј. (52) oд Скопје, сопственик и управител на ДЗПТУ „ИМВ ЈАКИМ” ДООЕЛ село Радибуш, општина Ранковце, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење” и „узурпација на недвижности”, против правното лице ДЗПТУ „ИМВ ЈАКИМ” ДООЕЛ село Радибуш, општина Ранковце поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење”,  против М.Ј. (55) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање” во врска со  „бесправно градење”, против М.К. (50) од Крива Паланка, раководител на одделение за урбанизам, комунални дејности, заштита на животната средина, локален економски развој и јавни дејности во општина Ранковце, како и против М.К. (33) од Крива Паланка, овластен градежен инспектор во општина Ранковце поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата”. С.Ј., правното лице „ИМВ ЈАКИМ” и М.Ј.,  како коинвеститор, во село Радибуш изградиле стопански објект кој отстапувал од одобрението за градење издадено од одделението за урбанизам при општина Ранковце. На тој начин извршиле и  узурпација на земјиште сопственост на Република Македонија. Четврто и пето пријавените со константно пропуштање на должен надзор на изградбата на објектот им овозможиле на С.Ј., М.Ј. и правното лице да ја изведат градбата со помош на физички лица, односно без овластен изведувач. 

На 25.02.2018 година од 16.00 до 20.00 часот полициски службеници извршиле увид во објект во Тетово, сопственост на Ј.Ј. (43) од Тетово. Притоа, во објектот биле пронајдени три апарати за игри на среќа, за кои сопственикот Ј.Ј. немал дозвола од надлежен орган. Апаратите и паричните средства во вкупен износ од 15.030 денари со потврда биле одземени. По целосно документирање на случајот, против сопственикот ќе биде поднесен соодветен поднесок.                                         

На 24.02.2018 година околу 15.45 часот полициски службеници извршиле увид во обложувалница во Тетово, сопственост на С.И. (40) од Тетово. Притоа, во објектот биле пронајдени два апарати за покер, еден компјутер со читач, два телевизори и парични средства во вкупен износ од 1500 денари. Предметите и паричните средства биле одземени со потврда поради сомнение за приредување игри на среќа без лиценца. По целосно документирање на случајот, против С.И. ќе биде поднесен соодветен поднесок.
      
 На 25.02.2018 година, А.Л.(35) од Скопје пријавил дека околу 14.30 часот  на бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов" бил нападнат  и гризнат од куче скитник во пределот на левата нога.

На 25.02.2018 година, В.В.(58) од Скопје пријавил дека околу 17.30 часот на ул. „Димитрие Чуповски" била нападната и гризната од група кучиња скитници во пределот на левата надколеница.

На 25.02.2018 година во 23.48 часот во спортска обложувалница на ул. „Тоде Богданоски“ во Гостивар непознат маскиран сторител извршил разбојништво. Сторителот со закана со пиштол од вработениот одзел 310.000 денари, по што побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.