Извадок на дел од дневни настани 27.02.2018

На 26.02.2018 година околу 15.50 часот на патниот правец Битола - Прилеп, патничко возило „Опел вектра“ со прилепски регистарски ознаки,  управувано од З.Р. (38) од Прилеп, излетало од коловозот и се превртело на покривот. Од здобиените повреди на лице  место починал З.Р. Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.  Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Прилеп.                                         

На 26.02.2018 година во 15.35 часот на паркингот пред Апелацискиот суд во Скопје патничко возило „Фолксваген Голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Г. (33) од Скопје, удрило во пешакот К.П. (57) од Скопје. Пешакот бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, каде и била укажана лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.       

На 26.02.2018 година во 20.40 часот во Единицата за информации и команда било пријавено дека во стан на ул. „Павле Илиќ“ во Скопје, сопственост на Б.Р. (60), избил пожар. Бригадата за противопожарна заштита интервенирала и пожарот бил изгаснат во 21.30 часот. Повредени лица нема. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.  
 

На 26.02.2018 година во 16.00 часот во Полициската станица Гостивар, поради постоење основи на сомнение дека е сторител на кривично дело „Фалсификување исправа“, од слобода бил лишен  О.Х.Х. (85) од Република Турција, со привремен престој во Скопје.


Во текот на вчерашниот ден (26.02.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 13 сообраќајни незгоди од кои три со телесни повреди и 10 со материјална штета. Во сообраќајните незгоди четири лица се здобиле со лесни телесни повреди. Шест возила се исклучени од сообраќајот бидејќи четири возила биле нерегистрирани додека две биле технички неисправни. Шест возачи се санкционирани бидејќи поминале крстосница на црвено светло, двајца неправилно се престроиле и тројца не поседувале пропишана зимска опрема во возилата. Во текот на изминатиот ден издадени се 78 мандатни платни налози,  додека 49 возила се подигнати со "Пајак".

На  26.02.2018 година околу 14.15 часот, додека четири малолетнички биле во дворот на средното општинско училиште во Штип, непознато машко лице, кое било надвор од дворното место, ги соблекло панталоните и ги повикувало да дојдат кон него. По преземени мерки, полициски службеници од слобода го лишиле И.А.(36) од Штип. Тој бил приведен во Полициската станица Штип, каде во присуство на Јавен обвинител било извршено препознавање. По целосно документирање на случајот,  против И.А. ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „задоволување полови страсти пред друг“, казниво по  член 190  од К.З на РМ. 

На 26.02.2018 година околу 19.30 часот, по претходно добиени сознанија, полициски службеници извршиле контрола во спортска обложувалница во с.Желино, тетовско,  сопственост на А.М. (39) од Гостивар, која работела без дозвола од надлежен орган. Притоа, во обложувалницата биле пронајдени и со потврда биле одземени четири телевизори, две компјутерски куќишта, два печатачи, два монитори, два бар код читачи и парични средства во вкупен износ од 41.600 денари. По целосно документирање на случајот, против А.М. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 26.02.2018 година околу 12.45 часот, вршејќи патролна служба на улица „Филип Втори Македонски" полициски службеници го пронашле исчезнатото лице С.Р.(19), штитеник на ЈУ „Ранка Милановиќ".

На 26.02.2018 година во Единицата за информации и команда Скопје било пријавено дека околу  20.30  часот  во бутик на ул. „Никола Вапцаров“ во Скопје непознат сторител извршил разбојништво. Сторителот  со закана со пиштол од вработената го одзел дневниот промет и побегнал во непознат правец.  Се превземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против О.Н. (32) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „тешка кражба“ и против Т.Н. (29) поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „тешка кражба“ и „помагање“. Пријавените со употреба на погоден предмет влегле во деловна просторија во Струга од каде одзеле музички систем и електрична опрема, додека во еден случај О.Н. насилно влегол во работилница во Струга и одзел алат. Одземените предмети, тој ги однел во помошен објект, сопственост на Т.Н. На овој начин пријавените се стекнале со противправна имотна корист од околу 120.000 денари.

Секторот за внатрешни работи Куманово, до Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријава против А.Љ. (33) од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „производство и пуштање во промет на штетни средства за лекување“, казниво по член 212 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија. Пријавениот од непознато лице набавил 44.600 капсули Трамадол од 50 мг. Со намера да ги стави во промет, ги спакувал во две патни торби, кои ги ставил во патничко возило „Фолксваген Туарег“.  При контрола на полициски службеници од СВР Куманово во с.Романовце бил извршен преглед на возилото, при што биле пронајдени лековите и со потврда биле одземени. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод поднесе кривична пријава против Г.М. (58) од Македонски Брод, поранешен директор на средното општинско училиште „Св.Наум Охридски“ во Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Г.М., додека бил директор на училиштето, потпишал договор за вработување на определено време на професор по ликовна уметност, како замена за неговото работно место. Договорот бил направен за периодот од ноември 2015 до август 2016 година иако знаел дека неговиот мандат истекува во април 2016 година и дека за наведениот период ќе се исплаќаат двајца професори за истото работно место. Исто така, без да распише оглас за вработување и потпише договор, ангажирал лице како воспитувач во интернатски дом во рамките на училиштето за 20 наставни часа, иако тоа место било пополнето. Покрај тоа, за користење на спортската сала од физички и правни лица,  во рамките на истото училиште пријавениот од одговорно лице на правен субјект од Македонски Брод зел готовина од 8.000 денари кои ги присвоил и  не ги уплатил на сметката на училиштето. Со ваквите дејствија пријавениот го оштетил буџетот на училиштето за вкупен износ од 354.972 денари.