Извадок на дел од дневни настани 28.02.2018

На 27.02.2018 година околу 11.30 часот на крстосницата од бул. „Јане Сандански“ со ул. „Васко Карангелески“ во Скопје дошло до судир помеѓу патничко возило „Ауди А4“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.Е. (68) од Скопје и патничко возило „Фолксваген голф“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Д.Л.  (33) од Штип. Во судирот со тешки телесни повреди се здобила Н.Е. (64) од Скопје-сопатничка во возилото „Ауди“. Таа со друго возило била пренесена во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде и била укажана лекарска помош. Возачот во возилото „Ауди“, Л.Е. се здобил со телесни повреди. Тој со возило на брза помош, исто така, бил пренесен во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и по укажаната лекарска помош бил пуштен на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 27.02.2018 година во 18.00 часот во Скопје пред седиштето на ЕУ, започнал протестот организиран од Светски македонски конгрес и Македонските заедници во Европа, кој подоцна собирот продолжил и пред Собрание на РМ. За време на вчерашниот протест кој започна во 18 часот пред седиштето на ЕУ во Скопје, а продолжи пред Собранието, при пристигнувањето на граѓаните, од страна на неколку лица биле фрлани камења кон зградата на ЕУ- Инфо Центар, при што со еден камен е погоден полициски службеник во пределот на левата надколеница. При преземање мерки и активности, во паркот Жена борец во Скопје  биле пронајдени пет шишиња со запалива течност, а во врска со настанот бил приведен К.Г.(24) од Скопје. По извршениот разговор, К.Г. е задржан во полициска станица. За време на протестот, пред Собранието, од страна на неколку непознати лица биле запалени знамињата на Република Грција и Република Албанија.

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе пет кривични пријави против пет лица од Скопје, поради основи на сомнение за сторено кривично дело - “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ предвидено и казниво по член 215 од Кривичниот законик на РМ. Во првиот случај пријавен е А.Љ.(40), којшто во текот на април минатата година за сума од 12.000 денари од непознато лице, неовластено за себе набавил и кај себе држел наркотична дрога – хероин. На 25.04.2017 година при извршено легитимирање и преглед над пријавениот пронајдени се четири полиетиленски пакувања во кои имало 4,91 грамна хероин. Втората пријава е против П.М.(28), кој што во текот на август лани за сума од 2.000 денари од непознато лице набавил и кај себе држел 25 грама марихуана со намера истата да ја препродава на лица – уживатели. Со судска наредба за претрес извршен е претрес во домот на пријавениот, каде се пронајдени три полиетиленски кеси со опојна дрога марихуана, две пластични дробилки, една метална дробилка и рефус опојна дрога марихуана. По извршено вештачење констатирано е дека во пронајдените пакувања имало 22,65 грама марихуана. Третата пријава е против А.А.(25) кој во текот на минатата година неовластено, заради понатамошна препродажба од непознато лице набавил и кај себе поседувал марихуана. На 22.09.2017 година во Градски парк-Скопје, по извршен преглед на патничко моторно возило „Опел Астра“ со скопски регистерски ознаки управувано од татко на пријавениот, а во кое како совозач бил пријавениот, биле пронајдени 100,46 грама марихуана и 21 таблети од кои 18 метамизол - медикамент со аналгетско и антипиретско дејство и активната компонента и три таблети MDMA. Четвртата пријава е против Ф.П.(20) кој во текот на август 2017 година за сума од 2.000 денари од непознато лице неовластено за себе набавил и кај себе држел наркотична дрога-марихуана. На 15.08.2017 година пријавениот по претходен телефонски договор се сретнал со лице од кое земал две полиетиленски кеси со наркотична дрога-марихуана, од кои едната ја дал на негов другар да му ја чува. Истиот ден при извршено легитимирање и преглед над пријавениот, како и кај неговиот другар пронајдени се по една полиетиленска кеса во кои имало вкупно 43,01 грама марихуана. И во последниот случај пријавен е В.С.(20) кој во текот на октомври 2017 година од непознато лице неовластено за себе набавил и кај себе држел синтетичка дрога-екстази и таблети. На 08.10.2017 година пријавениот по претходен телефонски договор заминал за Гостивар, каде се сретнал со лице од кое купил синтетичка дрога екстази и таблети со намера да ги препродава на техно забави, по што се вратил во Скопје. Истиот ден, при извршено легитимирање и преглед над пријавениот пронајдена е една кеса со 30 MDMA-екстази таблети.

Во текот на вчерашниот ден (27.02.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле пет сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, една со телесни повреди и три со материјална штета. Во сообраќајните незгоди две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а три лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од сообраќај се исклучени 12 возила: седум возила заради тоа што биле нерегистрирани, додека пет возила поради тоа што биле управувани од лица кои не се стекнале со право на управување на моторно возило. Еден возач е санкциониран бидејќи не дал првенство на минување на пешаци, тројца - неправилно се престроиле, а девет возачи непоседувале пропишана зимска опрема во возилата. Во текот на изминатиот ден издадени се 73 мандатни платни налози, додека 70 возила се подигнати со "Пајак".

 
Денеска (28.02.2018 година) околу 10,10 часот на магистралниот пат Градско – Прилеп се случила сообраќајна незгода помеѓу товарно моторно возило „Волво“ со приколка со велешки регистарски ознаки управувано од Ј.Г.(30) од Велес  и такси возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Л.(35) од Скопје. Во незгода К.Л. починал на местото на настанот додека сопатничките во возилото, М.И.(64) и А.И.(31) двете од Битола се здобиле со повреди. Повредените се пренесени во болница во Кавадарци, а по укажаната прва помош се пренесени во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ во Скопје. Собраќајот се одвива по една коловозна лента со наизменично пропуштање. Увидот е во тек.

 

 Денеска (28.02.2018 година) пријавено е дека во банка на булевар „Партизански одреди“ во Скопје непознато лице со маска на главата и пиштол од вработените одзело 10.000 евра.

 
На  27.02.2018 година околу 16.00 часот додека С.Т.(40) од село Јонузлија, општина Карбинци работел на трло во атар на село .Радање, општина Карбинци, со патничко моторно возило "Голф" пристигнале М.И.(30), С.И.(33) и Ф.Т.(32) сите од село Кучица, и истите започнале да викаат на висок тон и да го предизвикуваат С.Т. на расправија. Трите лица физички го нападнале С.Т. при што му нанеле тешки телесни повреди - скршеница на три пршлени и го напуштиле местото на настанот. На оштетениот укажана му е лекарска помош во Клиничка болница-Штип каде е задржан на понатамошно лекување. Се работи на целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.  

 
Во периодот од 20 до 23.02.2018 година Секторот за внатрешни работи Охрид, по претходна наредба од судија на претходна постапка, изврше повеќе претреси во домови и други простории, во патнички автомобили како и прегледи на лица. Притоа, пронајдени и одземени се околу 60 грама опојна дрога марихуана, 10 грама хероин, 21 грам амфетамин, 10 грама спид, 10 куршуми и еден револвер, непознат калибар. Пронајдените предмети се одземени со потврда за привремено одземени предмети и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија во Скопје. Во рамки на преземените мерки, СВР Охрид од слобода лиши шест лица против кои ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.  

 

На 27.02.2018 година А.К.(51) од село Волковија, тетовско, вработен во ЕВН „Македонија“-КЕЦ Тетово, пријавил физички напад од И.А.(45) од село Жеровјане, тетовско. Додека А.К. со негов колега менувале електрично броило во дворот од куќата на И.А. во Жеровјане, околу 13.20 часот тој им се доближил и со тупаници повеќе пати го удрил А.К по главата и телото. После тоа и двајцата ги навредувал и им се заканувал, по што го напуштиле местото на настанот. И.А. бил лишен од слобода и по целосното расчистување на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 27.02.2018 година во 10.45 часот во Полициската станица Центар, М.Ш.(34) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 08.45 часот  на булевар „ВМРО“ била касната од куче скитник во пределот на левата нога.

 

На 27.02.2018 година во 11.30 часот во Полициската станица Центар,  И.С.(31) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 08.20 часот на плоштад „Македонија“  била касната од две кучиња скитници за  десната нога.

 
На 27.02.2018 година во 15.40 часот во Полициската станица Центар, А.Т.(49) од Скопје пријавила дека истиот ден во 12.30 часот на улица „Максим Горки“ била нападната од глутница кучиња скитници и била гризната  за десната подколеница.

 

 На 27.02.2018 година во 16.15 часот во Полициската станица Центар, С.Б.(23) од Скопје пријавил дека истиот ден во 12.00 часот на булевар „Илинден“ бил нападнат од глутница кучиња и бил гризнат  за десната подколеница.

 

 Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против едно правно лице и против З.С.(54) од Прилеп поради постоење  основи на сомнение за сторено кривично дело  „точење алкохолни пијалоци на малолетници “, казниво по член 204 од Кривичниот законик на Република Македонија. На 28.01.2018 година во кафе бар сопственост З.С., при вршење на акциска контрола за точење на алкохол на малолетници, било затекнато малолетно лице  на кое му било точен алкохол.

 

 Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против Д.А.(67) од Скопје, овластено лице на Конзорциум „Ф-ка Карпош“-Скопје и ДГТУ „Хуљуси Комерц“-Куманово за сторено кривично дело „бесправно градење“ и против Н.Г.(50) од Крива Паланка, проект менаџер во Општина Крива Паланка и Д.И.(48) од Прилеп, надзорен инжењер за „злоупотреба на службената положба и овластување“. Во текот на 2013 година, Н.Г. и Д.А. се договориле да извршат измени во текот на градба на објектот-армиран бетонски мост на локалитетот „Куков Дол“, измени што биле спротивни на одредбите од Законот за градење, на Одобрението за градење и на Основниот проект. За наведеното била ангажирана фирмата Конзорциум „Ф-ка Карпош“-Скопје и ДГТУ „Хуљуси Комерц“-Куманово, при што за време и по завршување на договореното, Д.А. изготвил времени ситуации за наплата на извршените градежни работи, прикривајќи ги направените измени. Д.И. иако знаела дека се направени измени во текот на градбата, со свој потпис и печат ги заверила како вистинити времените ситуации за наплата, а изготвила и извештај за извршени работи, во кој внела податок дека градбата е во согласност со основниот проект и одобрението за градење и дека истиот може да се употребува, по што го заверила како да е вистинит. По ова, Н.Г. наместо да ја извести Општина Крива Паланка дека не е изграден едниот од двата тротоари утврдени со основниот проект, ги одобрил направените незаконитости и дозволил на Конзорциум „Ф-ка Карпош“-Скопје и ДГТУ „Хуљуси Комерц“-Куманово да им биде исплатена услуга која воопшто не е извршена, а со тоа да се стекнат со неутврден износ на противправна имотна корист.

 

 
Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против Р.Џ.(48) од Охрид за сторено  кривично дело “фалсификување исправа” и против Ж.Т.(69) од Охрид за “употреба на исправа со невистинита содржина”. Во текот на септември 2017 година, Ж.Т. од Швајцарија увезол патничко моторно возило „мерцедес“ (ЕУРО-3 стандарт) по што стапил во контакт со Р.Џ. со цел да му ги заврши шпедитерските работи во врска со увозот на предметното возило во Македонија. По ова, првопријавениот за одреден паричен надомест изготвил лажен купопродажен договор во кој навел дека во текот на октомври 2008 година, во Швајцарија склучен е договор помеѓу Мерцедес-Швајцарија како продавач и второпријавениот како купувач на возилото за износ од 4.000 швајцарски франци. Договорот го заверил со фалсификувани потписи во име на странките, иако (според оригиналниот договор) истото возило е купено во октомври 2002 во Швајцарија од овластен застапник на Мерцедес за 50.043 швајцарски франци, и истиот го употребил во понатамошните постапки пред Бирото за метрологија за отворање на постапка за идентификација и добивање согласност за регистрација. По ова, второпријавениот, знаејќи дека е изготвен лажен купопродажен договор за истото возило, заедно со друга пропратна документација на 19.10.2017 година го употребил како вистински, при поднесување барање за регистрација во ОУР-Охрид, а притоа бил свесен дека не се исполнети законските услови за регистрација.

 

 Секторот за внатрешни работи Куманово, до Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријава против Н.Д.(32) oд Кратово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „лажно пријавување на кривично дело“, казниво по член 366 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија. Н.Д., вработен во банка во Куманово, до СВР Куманово поднел кривична пријава против банката, односно против директорот на филијала Куманово и непознати лица вработени на раководни позиции во банката. Тој, исто така, поднел и барање до Министерство за труд и социјална политика - државен инспекторат за труд за вршење на инспекциски надзор кај работодавачот-банката, истакнувајќи дека противправно бил распореден да работи како шалтерски работник во експозитура на банката со што му биле ускратени сите права од прекувремена работа, не му биле исплатени прекувремени часови, а воедно му била вршена тортура и психичко малтретирање. Од извршените проверки било утврдено дека Н.Д. на последно работно место бил распореден по негово барање, а што се однесува до тортурата и психичкото малтретирање  воопшто немал поднесено барање за заштита од вознемирување на работно место. Од страна на Државен инспекторат  за труд, со Записник од извршен инспекциски надзор, биле констатирани спротивни наводи од оние во неговата пријава .

 
На 27.02.2018 година, околу 22,30 часот, Н.Б.(39) пријавил дека на улица „Радишанска“  целосно е опожарено неговото патничко моторно возило „Рено кангу“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.