Извадок на дел од дневни настани 01.03.2018

На 28.02.2018 година во периодот од 21.56 до 23.50 часот, поради кражба во обид на тегови од контакна мрежа, во прекин беше железничкиот сообраќај oд  железничка станица Велес до железничка станица Скопје, поточно на делот од пругата  помеѓу стојалиште Драчево и стојалиште Јане Сандански.


На 28.02.2018 година во 18.45 часот на Граничниот премин „Деве Баир“, поради сомнение за фалсификување на исправа-зелена карта, од слобода бил лишен О.Г. (38) од Република Турција, кој управувал товарно моторно возило „Рено премиум“ турска национална ознака со полуприколка „Fruehauf“ со турска национална ознака. О.Г. на увид за наведеното возило и полуприколката доставил зелени карти за осигурување од автоодговорност  издадени од осигурителна компанија со важност од 07.11.2017 до 07.11.2018 година од осигурителна компанија од Република Турција. Лицето било приведено и во 21.50 часот било предадено на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.


Надворешната канцеларија за криминалиситчки работи Гостивар поднесе кривична пријава против Н.С.(32) и Р.М.(41), двајцата од село Туин за сторени кривични дела „фалсификување пари“ и „измама“. На 22.10.2017 година, на улица „ЈНА“ во Гостивар, пријавените  со товарно моторно возило “фолксфаген  кеди-пикап“, дошле на бензинска пумпа каде Н.С. за наточено гориво, платил со банкнота во апоен од 100 евра, додека Р.М. побарал од вработениот да му размени банкнота од 100 евра за денари, доведувајќи го во заблуда вработениот дека се двете банкноти се вистинити.


Надворешната канцеларија за криминалиситчки работи Крива Паланка поднесе  кривична пријава против Б.Ц.(34) и А.В.(25), за сторено кривично дело  „насилство“ и против И.С.(28) за „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“.На 16.01.2018 година, во угостителскиот објект во Крива Паланка, Б.Ц. и А.В. физички нападнале едно од присутните лица, по што биле спречени во намерата и приведени во Полициска станица Крива Паланка. Б.Ц. со помош на И.С. кој бил со патничко возило се обидел да побегне, оттурнувајќи еден од полициските службеници, при што му нанел телесна повреда и му ја оштетил униформата, а И.С. со голема брзина го стартувал возилото и со задното тркало го прегазил полицискиот службеник.


Во текот на вчерашниот ден (28.02.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле пет сообраќајни незгоди од кои една со телесни повреди и четири со материјална штета. При сообраќајните незгоди две лица се здобиле со лесни телесни повреди. Пет возачи се санкционирани бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената. Исто така, 15 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи управувале возила пред да се стекнат со право за управување на моторно возило, едно лице управувало возило под дејство на алкохол и еден бил возач почетник. Од сообраќај се исклучени 12 возила бидејќи 10 од нив биле нерегистрирани додека две биле технички неисправни. Двајца возачи се санкционирани поради минување на крстосница на црвено светло, двајца неправилно се престроиле, четворица неправилно престигнувале, еден возач недал првенство на минување на пешаци на пешачки премин и 12 возачи не поседувале пропишана зимска опрема во возилата. Во текот на изминатиот ден издадени се 132 мандатни платни налози,  додека 75 возила се подигнати со "Пајак".

Денеска (01.03.) околу 10 часот на крстосниците на булевар "Гоце Делчев" и улица "Филип Втори" во Скопје, при подигање на патничко моторно возило "Ланд ровер" со скопски регистарски ознаки со специјално возило "пајак", од страна на Б.А. вербално е нападната полициска службеничка, која била на местото на настанот. Бидејќи Б.А. агресивно се однесувал кон полициската службеничка, биле повикани и други полициски службеници на местото на настанот. Се работи на целосно расчистување на случајот.


Денеска (01.03) околу 12,40 часот во Скопје на ул. „Д.Чуповски“ на автобуската постојка „Рекорд“, З.Т. (роден 2001 година) бил нападнат од две лица и прободен со остар предмет во пределот на стомакот. Со возило на Итна медицинска помош е префрлен во ГОБ Св.Наум Охридски. Се работи на расчистување на случајот.

Секторот за внатрешни работи Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против Б.В. (54) од Ново Село поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353  став 5, против А.Б. (54) од с.Мокрино поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „соизвршителство“  во врска со „ злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 22 во врска со член 353 став 4  и против правно лице од с.Мокрино, Општина Ново Село поради постоење на  основи на сомнение дека сторило кривично дело по член 28-а став1 и кривично дело по член 22 во врска со член 353 став 4 од Кривичниот законик на Република Македонија. Согласно донесената Одлука за отстапување на нафтени деривати од задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати на Министерството за животна средина и просторно планирање,  за чистење на речни корита, за 2015 година, за општина Ново Село биле доделени 6.000 литри нафта. Од доделените 6.000 литри нафта, на 28.07.2015 година во  посебно направени буриња за складирање на нафта во подрумските простории на административната зграда во општина Ново Село биле примени 3.000 литри нафта. Б.В., кој извршувал функција градоначалник на општина Ново Село, спротивно на Законот за спречување на судир на интереси, во содејство со А.Б., управител и сопственик на правното лице, без да биде спроведена јавна набавка за чистење на речно корито „Порој канал“ во с.Колешино, на вработен во општина Ново Село му наредил останатите 3.000 литри да бидат источени во цистерна  во сопственост  на правното лице од с.Мокрино, лоцирана во магацин во Струмица. Правното лице подоцна ја добило јавната набавка за работата, за што од страна на правното лице била изготвена и издадена приемница на 3.000 литри нафта и таа била доставена како доказ за евиденциите во општина Ново Село  дека нафтата е примена. Откако биле источени доделените 6.000 литри нафта за потребите на општина Ново Село, Б.В., иако бил должен, не водел евиденција за искористените количини на нафта, ниту пак изготвил документција со што постои основано сомневање дека тој со останатите пријавени  се стекнал со противправна имотна корист на штета на општина Ново Село  во висина од 300.000 денари.  


Секторот за внатрешни работи Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против В.С. (51) од с.Едрениково, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво  по член 353  став 5 од К.З. на РМ. В.С., како поранешен градоначалник на општина Василево, не извршил задолжителниот надзор или увид во доставената документација од страна на лице од с.Добрашинци за работно место по  спроведен Јавен оглас за вработување. Иако знаел дека лицето е без соодветно образование, на 25.06.2010 година му изготвил Решение за вработување со кое го вработил на работно место Референт за угостителство, туризам и занаетчиство во Одделението за комунални работи и уредување на градежно земјиште и локален економски развој во општинска администрација на општина Василево, а бил распореден на работното место  во период од 18.08.2010 до 09.03.2012 година. За тоа работно место, согласно Правилникот за систематизација на работни места на општинската администрација во општина Василево, било потребно кандидатот да поседува IV степен на средна стручна спрема или V степен. Со таковото дејствие пријавениот нанел штета на буџетот на општина Василево.

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против Е.К. (29) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“ и  против Б.А. (33) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање“. Во текот на декември 2017 година, во село Урвич, Е.К. при згодна прилика го одзел клучот од куќата на таткото на неговата сопруга,  кој е на привремена работа во Италија. После тоа, отишол во куќата и одзел сигнален пиштол „Екол мајор“ калибар 9 мм, кој сопственикот го поседувал со одобрение и златен накит и бижутерија, со што му нанел штета од околу 120.000 денари. По ова, Е.К. му го дал  пиштолот на Б.А. како надомест за долг што го имал кон него.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против Р.Г. (48) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “несовесно работење во службата“. Во периодот од 05.08.2016 до 21.09.2017 година, пријавениот како вработен во АД „Македонски пошти”-подружница Прилеп, при извршување на редовни месечни контроли во поштата во село Долнени, прилепско, изготвувал записници со невистинита содржина, со што овозможил Н.П. (28)  и В.П. (27), двајцата од  село Долнени, да се стекнат со противправна имотна корист  од 777.108 денари на штета на АД “Македонски Пошти“.                 

На 28.02.2018 година З.Ш.(46) од Скопје пријавил дека на 27.02.2018 година околу 14,00 часот од дома во непознат правец се оддалечила нејзината ќерка В.Ш.(20). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


На 28.02.2018 година Д.С.(79) од Скопје пријавил дека на 26.02.2018 година околу 07,30 часот од неговиот дом во непознат правец се оддалечил неговиот син В.С.(41). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


На 28.02.2018 година во 07.30 часот, А.Ј.(39) од Скопје пријавил дека во периодот од 20.30 часот на 27.02.2018 година до 07.30 часот на 28.02.2018 година, во продавница на еден мобилен оператор на булевар „Партизански Одреди" непознат сторител извршил тешка кражба. Сторителот со употреба на сила влегол и одзел изложени „демо“ верзии на мобилни телефони од разни марки на “Самсунг“. На тој начин сторителот се стекнал со  противправна имотна корист од 216.950 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот.


На 28.02.2018 година Б.И.(30) од Виница, пријавил дека на 27.02.2018 година околу 08.15 часост  движејќи се на  улица "Максим Горки" во Скопје, бил нападнат од повеќе кучиња скитници  од кои едното го каснало  на левата нога  во пределот на левата подколеница.


На 28.02.2018 година М.Б.(41) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 12.00 часот од дома  се оддалечила нејзината 16- годишна ќерка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


На 28.02.2018 година К.Н.Р.(42) од Скопје, пријавила дека на 27.02.2018 година во 23,00 часот на улица "Благоја Стевсковски" нејзиниот 14 годишен син бил каснат од страна на куче- скитник во пределот на десната надколеница..


На 28.02.2018 година во 15.20 часот во Полициското одделение Теарце, 15-годишник  од с.Слатино, тетовско, дошол заедно со неговиот татко Е.П. (49) и пријавил дека на 26.02.2018 година околу 21.40 часот во с.Слатино, додека вршел кражба со негови другари во колонијална продавница во селото, бил затекнат и физички нападнат од сопственикот на продавницата Џ.Ф. Сопственикот ги затекнал малолетниците во моментот додека го вршеле делото. Дел од нив побегнале, а Џ.Ф. го фатил само 15-годишникот, по што неколку пати го удрил по лицето. Според пријавата на Е.П., на местото на настанот пристигнале и двајца полициски службеници и едниот од нив го удрил неговиот син. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.


На 01.03.2018 година околу  01.30 часот на ул. „Миладин Поповиќ“ во Скопје од непознати причини било опожарено патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.Р. (56) од Скопје. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.