Извадок на дел од дневни настани 02.03.2018

 На 28.02.2018 година околу 22,20 часот на патот од Куманово кон село Костурник, од страна на полициски службеник е забележано патничко моторно возило „Мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки управувано од Б.И.(38) а како сопатник бил К.И.(21) двајцата од Куманово, од кое што излегле две непознати лица. Од страна на полициските службеници извршено е легитимирање и обавен е разговор при што двете лица на возраст од 30 и 48 години од Либија, изјавиле дека сакале да се превезат до село Лојане. Лицата се лишени од слобода, а од страна на РЦ Север до надлежното ОЈО против Б.И. и К.И се поднесени кривични пријави по лчен 418 б (криумчарење мигранти) од КЗ на РМ.

Во текот на вчерашниот ден (01.03.), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 10 сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, две со телесни повреди и седум со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди а две лица се лесно телесно повредени. Санкционирани се 23 возачи заради возење со поголема брзина од дозволената. Од сообраќај се исклучени 11 возачи, при што деветмина од нив управувале возила пред да се стекнат со право за управување на моторно возило а двајца биле возачи почетници. Исто така исклучени се од сообраќај и 10 возила од кои седум биле нерегистрирани, а три возила биле технички неисправни. Четворица возачи се санкционирани бидејќи поминале крстосница на црвено светло, седумина неправилно се престроиле, двајца возачи се санкционирани за неправилно престигнување и за недавање првенство на минување на пешаци на пешачки премин, додека пак 12 возачи непоседувале пропишана зимска опрема во возилата. Во однос на пешаците санкциониран е еден пешак кој го поминал коловозот надвор  од пешачки премин. Во текот на изминатиот ден издадени се 90 мандатни платни налози,  додека 72 возила се подигнати со "Пајак".


Полициската станица од општа надлежност Струмица поднесе кривична пријава против М.В. (27), државјанин на Босна и Хецеговина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “уцена“. М.В. во текот на декември 2017 година, преку профил на социјалната мрежа ,,Facebook’’, побарал од лице од Струмица да му испрати фотографии со интимна содржина,  Откако оштетената му пратила фотографии, пријавениот од мобилен телефон и испратил пораки во кои барал да уплати 2.000 евра на негова сметка, а во спротивно и се заканил дека фотографиите ќе ги објави на социјалните мрежи.

 

На 01.03.2018 година во 19.00 часот на патот Куманово-Свети Николе, кај место викано „Кантонче“, Д.Ј. (43) од Свети Николе, управувајќи  патничко моторно возило „Сеат Алхамбра“ со бугарски регистарски ознаки,  изгубил контрола, по што возилото излетало од патот и се превртело. Притоа, Д.Ј. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Клиничката болница во Штип. Извршен е увид на местото на настанот.

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против Д.Р.(28) од Куманово за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ и против Т.Ј.(27) од Куманово за сторено кривично дело „учество во тепачка“. На 04.11.2017 година  во Куманово во семејна куќа на првопријавениот, по претходна вербална расправија, пријавените физички го нападнале братот на Д.Р. при што на оштетениот му нанеле тешка телесна повреда.

На 28.02.2018 година околу 23.50 часот, С.Х.(29) од Скопје управувајќи патничко моторно возило „Фолксваген поло" со скопски регистарски ознаки, сопственост на неговата сопруга, движејќи се по булевар „Партизански одреди" застанал пред аптека и го оставил возилото да работи. Во истиот момент позади него бил паркиран негов пријател Ф.Р.К.(20) со патничко моторно возило „БМВ", исто така, со скопски регистарски ознаки. Во тој момент пеш по тротоарот се движеле три непознати машки лица при што едното од нив влегло во возилото и побегнало, а другите двe лица продолжиле да се движат пеш. Ф.Р.К. со неговото возило веднаш се упатил по одземеното возило следејќи го по булевар „Св. Климент Охридски", а потоа и по булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов" каде непознатиот сторител изгубил  контрола над одземеното возило и удрил во металната ограда на тротоарот. Сторителот продолжил да се движи и кон улицата „Костурски Херои" каде што го оставил возилото на тротоарот и побегнал. Се работи на целосно расчистување на случајот.


На 28.02.2018 година,  Ј.А.(22) од село  Боговиње, тетовско, пријавила злоупотреба на лични податоци од страна на непознат сторител. Во изминатите три месеци, засега непознат сторител, на социјалната мрежа „Инстаграм“ објавувал нејзини податоци, информации и видео материјали со што го нарушувал угледот и честа на Ј.А. и нејзиното семејството. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот. 

На 01.03.2018 година во 13.40 часот, Л.Ј.(62) од Скопје пријавила дека истиот ден во периодот од 08.10 до 13.35 часот непознат сторител извршил тешка кражба во нејзиниот стан во Скопје. Сторителот со употреба на подесен алат ја отворил влезната врата, влегол во станот и одзел поголема количина златен накит, два рачни женски часовници Касио и неколку комплети женски накит Сваровски, по што го напуштил местото на настанот. На тој начин сторителот се стекнал со противправна имотна корист од 947.500 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и целосно расчистување на случајот.  

На 01.03.2018 година во 04.40 часот, Г.Д.(20) од Дојран пријавил дека истиот ден околу 04.00 во ходникот на Студенски дом “Пелагонија“ во Скопје, тој и неговиот другар  А.В.(21) од село Злаести, биле физички нападнати од лицата Д.С. од Пробиштип, К.К. и Т.Н. двајцата од Струга и од уште едно непознато лице. Притоа напаѓачите ги удирале Г.Д. и А.В. со раце и нозе по главите и телата, при што им нанеле видливи повреди. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 01.03.2018 година С.М.(40) од Скопје пријавил дека на 01.03.2018 година неговата 16-годишна ќерка, која беше пријавена за исчезната на 29.03.2017 година, сама се вратила дома. 

На 01.03.2018 година, А.А. (24) од Тетово пријавила дека на 27.02.2018 година на Попова Шапка била нападната и касната од куче-скитник за десната нога. По нападот таа побарала помош во болницата во Тетово.