Извадок на дел од дневни настани 04.03.2018

На 03.03.2018 година околу 10.10 часот на ул. „Маршал Тито“ во с.Горни Подлог, кочанско, патничко возило „Опел Астра“ со штипски регистарски ознаки, управувано од И.С. (34) од с.Мојанци, удрило во пешакот Д.Д. (27) од Крива Паланка. Од ударот пешакот Д.Д. се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош во Медицинскиот центар Кочани бил префрлен во Клиничката болница Штип. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Кочани.

На 03.03.2018 година околу 10.30 часот на стариот пат Охрид-Струга, во близина на река Сатеска, било пронајдено непознато починато машко лице. Увид на местото извршила екипа од СВР Охрид и притоа било констатирано дека се работи за лицето Д.С.(60) од Охрид, кој на 07.02.2018 година бил пријавен за исчезнат од страна на неговата сопруга Н.С. По наредба на Јавен обвинител на телото на починатиот ќе биде извршена обдукција.

На 03.03.2018 година во 11.20 часот во Полициското одделение Нов Дојран, Г.С. (47) пријавил дека во водите на Дојранското езеро, на место викано „Мрдаја“ пронашол починато машко лице. Телото било изваден од езерото, а увид на местото извршила екипа од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија. М.С. (33) од Гевгелија извршила препознавање и потврдила дека починатото лице е нејзиниот татко Ѓ.А. (63) од Нов Дојран, кој на 15.12.2017 година бил пријавен за исчезнат.  По наредба на Јавен обвинител телото е предадено за обдукција.

На 03.03.2018 година околу 20.30 часот на ул. „Ќикевачка“ во Свети Николе, Ј.А. (45) од Пробиштип физички нападнал полициски службеник. Во наведеното време двајца полициски службеници отишле на местото по пријава за физички напад од страна на Ј.А. врз лицата З.М. и М.М од Свети Николе. Кога пристигнале на местото, полициските службеници му наредиле на Ј.А. да се оддалечи од дворот на З.М. Тој не ги послушал и продолжил да вика и да упатува закани по животот кон едниот полициски службеник. Кога се обиделе да го приведат, Ј.А. физички го нападнал едниот полициски службеник, удирајќи го со тупаници и клоци во пределот на главата и телото, а го гризнал два пати во пределот на десната рака. Откако дошло засилување, Ј.А. бил приведен и задржан во полициска станица за понатамошна постапка. На полицискиот службеник му била укажана лекарска помош  во Јавната здравствена установа Свети Николе. За настанот бил запознаен Јавен обвинител.

На 03.03.2018 година околу 17.40 часот било пријавено дека на ул. „Цветан Димов“ во Скопје избувнал пожар во возило во движење. А.Т. (26) од Скопје, управувајќи патничко возило „Застава 101“ со скопски регистарски ознаки, забележала дека избунал пожар во предниот дел од возилото и под хаубата кај моторот. А.Т. повикала противпожарна единица, но пожарот бил изгаснат од случајни минувачи, без интервенција од Бригадата за противпожарна заштита. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.

На 03.03.2018 година во 16.40 часот во Полициската станица Чаир, Д.Љ. пријавила дека истиот ден околу 09.00 часот, З.А. (20) години од населба Шуто Оризари извршил полов напад врз нејзината 15-годишна ќерка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 03.03.2018 година во 15.00 часот во Полициската станица Кисела Вода,  Љ.А. (53) од Сопиште пријавил дека на патот од с.Сопиште кон Сончев Град пронашол една црна вреќа во која имало 35 икони и еден дрвен (резбан) крст.  Увид извршила екипа од Полициската станица Кисела Вода. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 03.03.2018 година околу 19.15 часот непознат маскиран сторител извршил разбојништво во аптека на ул. „Народен Фронт“ во Скопје. Сторителот со закана со нож од вработените го одзел дневниот промет, по што побегнал во непознат праве. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 04.03.2018 година во 02.50 часот на Граничниот премин „Деве Баир“, при пасошка контрола и контрола на возачката дозвола , било констатирано дека возачката дозвола на лицето H.A. (25) од Дурс, Република Албанија, е фалсификат.  Тој бил лишен од слобода и предаден на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.