Извадок на дел од дневни настани 05.03.2018

На 04.03.2018 година, околу 13.30 часот, на автопатот Скопје-Гевгелија, кај с.Удово, мотоцикл „Хонда CVR 1000“ без регистарски ознаки, управуван од Т.П. (40) од Кавадарци, удрил во задниот дел од патничко возило „Голф 4“ со бугарски национални и регистарски ознаки, управувано од А.Д.П. (20). По ударот, возачот на мотоциклот со возило на Итна медицинскa помош бил пренесен во Медицински центар Велес каде била констатирана смрт. Увид на местото на настанот  извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Неготино.

На 04.03.2018 година околу 19.20 часот на регионалниот пат Куманово-Скопје, патничко возило „Фолксваген Голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Б. (57) од с.Орланци, општина Арачиново, удрило во пешакот П.К. (40) од с.Умин Дол, кумановско. Од ударот пешакот се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Клиничка болница Куманово, но поради сериозноста на повредите бил префрлен во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.  Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово.

На 04.03.2018 година во 13.40 часот во Единицата за информации и команда Скопје, Џ.И. пријавил дека во двор од напуштена куќа во с.Арачиново, скопско, биле пронајдени девет  парчиња ракети од минофрлач. Увид на местото извршиле екипи од Одделот за недозволена трговија и антитероризам. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.        
                                  
На 04.03.2018 година околу 23.20 часот во с.Теранци, кочанско, дошло до распаравија и физичка пресметка помеѓу Д.С.(75) и неговиот син Д.С. (38). Во пресметката, таткото со нож му нанел две убодни рани на синот. После тоа, Д.С. (38) бил пренесен во Медицински центар Кочани каде му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на понатамошно лекување. Д.С. (75) бил приведен во Полициската станица Кочани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.03.2018 година во 11.50 часот на Граничниот премин Табановце, при пасошка контрола, било констатирано дека лицето Р.Н. (42) од с.Копаница, скопско, се бара за издржување казна затвор во траење од еден месец и 25 дена за сторени кривични дела „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во ообраќајот“ и „загрозување на безбедноста на сообраќајот“, казниви по член 300 став 3 и член 297 став 3 од  КЗ на РМ. Тој бил лишен од слобода и предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

На 04.03.2018 година во  18.20 часот, полициски службеници од Полициската станица за Граничен преми - Аеродром „Св. Апостол Павле“ во Охрид, поради сомнение за сторено кривично дело „послуга со туѓа патна исправа“ ги привеле лицата Б.А. (34) и Е.Р. (35), двајцата од Косово. Тие приложиле македонски патни исправи со податоци за лицата С.Д.  (29) од Крушопек, општина Сарај и Р.М.  (46) од Сингелиќ, скопско.

На 04.03.2018 година во 10.20 часот на Граничниот премин „Деве Баир“, А.С.  (32) од Република Турција, кој управувал товрано возило „Мерцедес“ со турска национална и регистарска ознака и полуприколка „Fruehauf“, на увид доставил зеленa картa за осигурување од автоодговорност од осигурителна компанија за товарното возило и полуприколката со важност од 27.11.2017 година до 27.11.2018 година. При контрола и увид во наведените меѓународни зелени карти за осигурување од автоодговорност било констатирано дека тие се со различна  боја од оригиналната, односно биле фалсификувани.  Лицето било приведено и е предадено на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

На 05.03.2018 година во 04.40 часот на Граничниот премин „Деве Баир“, поради сомнение за сторено кривично дело  „фалсификување на исправа-зелена карта“, бил приведен К.А.  (45) од Република Турција. Тој управувал товарно моторно возило „Renault“ и полуприколка „Trisan Maksima“ со турски национални и регистарски ознаки и на увид доставил зелени карти за осигурување од автоодговорност од осигурителна компанија за кои постои сомнение дека се фалсификувани. Лицето е  предадено на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

Во текот на изминатите денови (02, 03, и 04.03.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 20 сообраќајни незгоди од кои осум  со телесни повреди и 12 со материјална штета. При сообраќајните незгоди две лица се здобиле со тешки телесни повреди додека 10 лица со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 35 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 43 возачи: од нив 33 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило, додека десетмина управувале возила под дејство на алкохол. Исто така, 46 возила се исклучени од сообраќај: 41 возило заради тоа што имале истечена важност на сообраќајната дозвола, а пет возила биле технички неисправни. Покрај ова санкционирани се 11 возачи кои што минале крстосници на црвено светло, петмина неправилно престигнувале а 13 возачи непоседувале пропишана зимнска опрема во возилата. Во однос на пешаците - санкциониран е еден пешак кој го поминал коловозот надвор од пешачки премин. Во текот на изминатите денови издадени се 239 мандатни платни налози,  додека 137 возила се подигнати со "Пајак".

На 05.03.2018 околу 00.15 часот, на крстосницата на улиците „Илинденска“ и „Никола Парапунов“ во Гостивар, патничко возило „Фолксваген туран“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Б.А. (35) од Гостивар, удрило во пешакот Ш.Ш. (58) од Гостивар. Од ударот, Ш.Ш. се здобила тешки телесни повреди и со медицинско возило била пренесена во гостиварската болница, каде и била укажана лекарска помош.  Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Гостивар.

На 04.03.2018 година, З.Б.(58) од Скопје пријавил дека околу 19.00 часот  во с.Јурумлери од страна на непознат сторител му било одземено патничко моторно возило „Голф 4" со скопски регистарски ознаки. Сторителот дошол до незаклученото возило, со клучеви на бравата, и незабележан од никого заминал во непознат правец. Се преземаат мерки за расчистување на случајот и пронаоѓање на возилото.

На 04.03.2018 година А.З. (48) од Гостивар пријавил дека околу 16.40 часот на бул. „Браќа Ѓиновски“ во Гостивар бил физички нападнат од Л.Ј. (24) од Гостивар. Л.Ј. го пресретнал и почнал да го навредува, по што и физички го нападнал удирајќи го со тупаници и клоци по главата и телото и му нанел видливи повреди. Случајни минувачи го спречиле Л.Ј. да продолжи со нападот. Тој бил приведен и задржан во Полициската станица Гостивар. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 04.03.2018 година И.И.(42) од Скопје пријавил дека околу 22.50 часот, додека седел во неговата куќа со неговите внуци, дошле Е.Г.(47) и К.Г.(27) кои физички го нападнале. Тие го удирале со ланец кој го носеле со себе, а потоа и со секира која ја одзеле од И.И. со што му нанеле видлива повреда  во пределот на главата. По преземени мерки двете лица биле приведени и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На ден 02.03.2018 година во 14.00 часот на ул. „Архиепископ Михаил“ во центарот на Велес, било затекнато лицето А.С.(28) од Велес како врши продажба на наркотична дрога-хероин на лицето А.К.(21) од Велес. А.С. бил лишен од слобода. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.      
 
На 05.03.2018 година во 01.00 часот во обложувалница на ул. „Јужноморавски бригади“ во населба Ченто во Скопје тројца непознати маскирани сторители извршиле разбојништво. Сторителите со закана со пиштол од вработените одзеле нутврдена сума на пари и побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

Полициската станица Струга поднесе  кривична пријава против Н.М.(34) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.  Во периодот од 08 до 12.02.2018 година, Н.М. со употреба на сила влегол во куќа на ул.  „Ристо Крле“ во Струга и одзел поголема количина златен накит, косилка на струја и два мобилни телефони. На тој начин Н.М. се стекнал со противправна имотна корист од  185.000 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе  кривична пријава против В.Б. (56) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.  Во Струга, на ул. „Маршал Тито”, пријавениот, спротивно на одобрението за градење издадено од општина Струга, изградил еден кат повеќе. На 23.11.2017 година, при инспекциски надзор од градежен инспектор при општина Струга, било донесено решение за отстранување на градбата.
 

Секторот за внатрешни работи Куманово, до Основното јавно обвинителтво Куманово, поднесе кривична пријава против Ф.А. (48) од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторил две кривични дела - „разбојништво“ по член 237 став1 и „разбојништво во обид“ по член 237 став1  во врска со став 19 од КЗ на РМ. Имено, на 27.минатиот месец Ф.А. со закана со нож извршил разбојништво во обид во маркет на бул. „Октомвриска револуција“. Откако вработената почнала да вика на цел глас, тој побегнал од местото без да одземе ништо. Исто така, пријавениот на 28. минатиот месец околу 18.30 часот во маркет на крстосницата од ул.„11-ти Октомври“  и ул. „Сава Ковачевиќ“ со закана со нож од вработената одзел 9.060 денари, по што побегнал. По преземени мерки и извршен претрес, врз основа на судска наредба, Ф.А. бил приведен и задржан во полициска станица. Во службен разговор тој го признал и појаснил начинот на извршување на делото.

На 05.03.2018 година во 01.20 часот на бензинска пумпа во населба Маџари во Скопје двајца непознати сторители извршиле разбојништво. Сторителите со закана со пиштол од вработените одзеле околу 10.000 денари и побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.