Извадок на дел од дневни настани 07.03.2018

На 06.03.2018 година околу 11.20 часот на ул. „Васко Карангелевски“ во Скопје, во близина на “Мајчин дом“, патничко возило „Нисан Микра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Г.Ж.(50) од Скопје, удрило во велосипед управуван од 12-годишно момче од Скопје. Од ударот детето се здобило со повреди и со возилото на возачот било пренесено во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, каде му била укажана лекарска помош.  Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 06.03.2018 година во 19.30 часот во Единицата за информации и команда Скопје, од болницата „Аџибадем Систина“-Скопје пријавено е дека кај нив било донесено 14-месечно женско бебе со скршеница на череп  и крварење во мозокот, кое во 19.10 часот починало. Се работи на расчистување на случајот.

На 07.03.2018 година околу 01.10 часот на ул. „Благоја Стефковски“ во Скопје, од страна на полициски службеници било пронајдено 12-годишно дете - штитеник на Домот „25-Ти  Мај“, кое било пријавено за исчезнато. Детето било предадено на полициски службеници од Одделението за малолетничка деликвенција Чаир за понатамошна постапка.

На 05.03.2018 година од 19.00 до 20.00 часот, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово, по претходно добиена судска наредба, извршиле претрес во дом и помошни простории на лицето А.Л. (34) од Тетово. При претресот биле пронајдени четири кеси со марихуана. Пронајдените предмети биле одземени и предадени на вештачење, а А.Л. бил приведен. По целосно документирање на случајот, против А.Л. ќе биде поднесен соодветен поднесок.


На 05.03.2018 година во 10.00 часот во Полициската станица Крушево, триесет и четири годишен жител на Крушево пријавил дека на 03.03.2018 година, од страна на женско лице од Брисел, Белгија, добил неколку пораки со уценувачка содржина, кои му биле испратени од нејзиниот фејсбук профил. Таа го уценила дека доколку не уплати 200 евра до 10 часот преку Western union, во Брегот на Слоновата коска, пријавената на социјалната мрежа фејсбук и Скајп ќе објави слики и видео матријал со кои ќе му наштети на честа и угледот на пријавителот.


Во текот на вчерашниот ден (06.03.), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 10 сообраќајни незгоди од кои шест со телесни повреди и четири со материјална штета. При сообраќајните незгоди 10 лица се здобиле со лесни телесни повреди, 15 возачи се санкционирани бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената. Исто така, 15 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи дванаесетмина од нив управувале возила пред да се стекнат со право за управување на моторно возило, додека тројца биле возачи почетници. Од сообраќај исклучени се 11 возила бидејќи биле нерегистрирани. Пет возачи се санкционирани бидејќи поминале крстосница на црвено светло, двајца - заради неправилно престројување и четворица заради непоседување пропишана зимска опрема во возилата. Во однос на пешаците четворица пешаци се санкционирани бидејќи поминале коловоз надвор од пешачки премин. Во текот на изминатиот ден издадени се 113 мандатни платни налози,  додека 81 возила се подигнати со "Пајак".

 На 06.03.2018 година од 17.00 до 19.00 часот, по претходно издадена судска наредба, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово извршиле претрес во домот и помошни простории на Е.М. (48) од Тетово. При претресот, под прозорецот од бањата, билo пронајденo ќесе во кои имало кокаин. Е.М. бил приведен и задржан во Полициската станица Тетово. По целосно документирање на случајот против Е.М. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 07.03.2018 година, околу 08.10 часот , Р.Ј. (57) од Тетово пријавил дека непознат сторител го одзел неговото патничко возило „Тојота“ со тетовски регистарски ознаки, кое го оставил пред месарница на тетовскиот зелен пазар со клуч во бравата. Сторителот влегол во возилото, го стартувал и побегнал во непознат правец. На тој начин сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 6.600 евра. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возилото и сторителот и за целосно расчистување на случајот..

На 05.03.2018 година околу 04.30 часот, А.Х. (28) од Скопје пријавил дека истиот ден, околу 04 часот непознат сторител извршил тешка кражба  во продавница за бела техника на ул. „Тале Христов". Сторителот  скршил стакло од влезната врата и одзел два телевизора и еден лап-топ, по што побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно  расчистување на случајот.

На 06.03.2018 година околу 20.00 часот во продавница на ул. „Димитар Влахов“ во Велес  непознат сторител извршил разбојништво. Сторителот со нож на вработената и нанел повреда на левата дланка, по што одзел околу 25.000 денари и побегнал во непознат правец. СВР Велес презема мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Е.Х. (30) и Е.Џ. (41), двајцата од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“.  На 02.12.2017 година во  кафе бар во Струга пријавените постигнале усмен договор за купопродажба на две моторни возила и на Б.К. (50) требало да му исплатат 15.000 евра. На 04.12.2017 година Б.К. им ги дал клучевите од возилата, но пријавените не ја исплатиле договорената сума, ниту пак, договорот го завериле на нотар,  со што му причиниле материјална штета од 15.000 евра.

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против А.А. (47) од с. Оризаре, општина Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 28.11.2017 година, при претрес во домот на пријавениот во село Оризаре, полициски службеници пронашле еден  тромблонски додаток и седум куршуми од различен калибар.

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против Г.Х. (18) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „приредување игри на среќа без лиценца, односно без дозвола од надлежен орган“, „комар“ и  „даночно затајување“. На  03.01.2018 година, при  контрола во објект-спортска обложувалница без фирма, сопственост на П.М. (60) од Тетово, во с. Мала Речица, тетовско, полициски службеници го затекнале пријавениот како приредува забавни и игри на среќа без да поседува соодветна лиценца, односно дозвола издадена од надлежен орган. Притоа, во објектот биле пронајдени седум телевизори, четири куќишта за компјутер, четири монитори за компјутер, четири тастатури за компјутер, четири мауси,  апарат за приредување игри со кучиња, три принтери и  баркод читач, како и  4.870 денари од остварен дневен промет.