Извадок на дел од дневни настани 08.03.2018

На 07.03.2018 година околу 23.30 часoт на регионалниот пат Градско – Велес, С.П.(42) од Неготино, управувајќи патничко моторно возило „Фиат Типо“ со неготински регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото, излегол надвор од коловозот од левата страна и удрил во дрвја. Од ударот С.П. се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош  во Општата болница во Велес бил пренесен во Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен е увид на местото на настанот.

На 07.03.2018 година околу 18,40 часот во Куманово на улица „Доне Божинов“, С.Д.(30) од Куманово, управувајќи патничко моторно возило “Мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки удрил во 7-годишно дете, пешак, од Куманово. По незгодата, детето со возило на Итна медицинска помош било пренесено во Клиничка болница Куманово, а потоа во Комплекс клиники "Мајка Тереза" Скопје, за понатамошно лекување.  Извршен е увид на местото на настанот.

На 07.03.2018 година околу 19.30 часот на регионалниот пат Тетово – село Јажинце на влез во село Теарце, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Форд Фокус“ со тетовски регистарски ознаки управувано од Б.С.(29) од село Слатино, тетовско, патничко моторно возило "Ауди А-3“ исто така со тетовски регистарски ознаки управувано од А.Р.(32) од село Доброште и патничко моторно возило “Шкода Јети“ управувано од Ф.Н.(33) од село Слатино. По незгодата, со возила на Итна медицинска помош во Клиничка болница -Тетово биле пренесени Ф.Н. и сопатниците во возилото „Шкода Јети“ Љ.А.(41) од село Глоѓи, Д.П.(41) од село Слатино, сопатникот во возило "Ауди А-3“ Р.Б.(25) од село Доброште, возачот Б.С. како и сопатникот во истото возило Г.Х.(26). Извршен е увид на местото на настанот.

На 07.03.2018 година во 15,00 часот во Скопје, во холот на Основно јавно обвинителство, по кратка вербална расправија О.С.А.(54) од САД физички нападнал полициски службеник. Во 17,10 часот, од страна на полициски службеници лицето е приведено и задржано во Полициска станица Центар за понатамошна постапка.

На 07.02.2018 година околу 23.00 часот во Скопје на улица “Катлановска“, во куќата на А.М. (70) настанал пожар. Истиот бил изгаснат од страна на членови на семејството. Во моментот на пожарот во куќата престојувале шест члена од семејството, при што нема повредени лица. Од пожарот предизвикано е оштетување на дел од фасадата. Извршен е увид на местото на настанот.

На 07.03.2018 година во 09.30 часот во Полициска станица Делчево, З.М.(32) од Делчево пријавил дека на 06.03.2018 година, од дома во непознат правец се оддалечил неговиот дедо Д.М.(86). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 07.03.2018 година во 07,50 часот на Граничен премин „Деве Баир“, на влез во Р.Македонија, поради сомнение за „Фалсификување на исправа-зелена карта“ приведен е A.M.(47) од Р.Турција, кој управувал товарно моторно возило “Даф“ со турски национали ознаки и полуприколка. Лицето е лишено од слобода и по преземени мерки е поднесена кривична пријава до Основно јавно обвинителство Крива Паланка.

На 07.03.2018 година во 12,30 часот на Граничен премин „Деве Баир“, на влез во Република Македонија, поради сомнение за „Фалсификување на исправа-зелена карта“ приведен е A.C.(23) од Р.Турција, кој управувал товарно моторно возило “Сканиа“ со турски национали ознаки и полуприколка. Лицето е лишено од слобода и по преземени мерки е поднесена кривична пријава до Основно јавно обвинителство Крива Паланка.

Во текот на вчерашниот ден (07.03.2018), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 10 сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, четири со телесни повреди и пет со материјална штета. Во сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди и шест лица се здобиле со лесни телесни повреди. Дваесет возачи се санкционирани бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената. Седум возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи управувале возила пред да се стекнат со право за управување на моторно возило. Од сообраќај исклучени се девет возила - осум од нив биле со истечена важност на сообраќајна дозвола, а едно било технички неисправно. Пет возачи се санкционирани бидејќи поминале крстосница на црвено светло, а двајца пешаци затоа што поминале коловоз надвор од пешачки премин. Во текот на изминатиот ден издадени се 109 мандатни платни налози, додека 78 возила се подигнати со "Пајак".



Денеска (08.03) околу 11.50 часот на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка, на место викано „Ливади“ дошло до судир помеѓу  патничко возило „Сеат Толедо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ќ.Т. (51) од с.Блаце. општина Чучер Сандево и патничко возило „Форд Мондео“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.А. (45) од Куманово. Притоа, со тешки телесни повреди се здобиле возачите во двете возила. Тие со возило на Итна медицинска помош биле префрлени во ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

На 07.03.2018 година во 15.50 часот на улица „11-ти Октомври“ во Скопје, патничко моторно возило „Фолксваген Пасат“ со ресенски регистарски ознаки, управувано од И.С.(64) од Ресен, удрило во пешакот С.П.(54)  од село Ајватовци, скопско. Од ударот С.П. се здобила со тешки телесни поведи и со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ каде и била укажана лекарска помош. Извршен е увид на местото на настанот.
 
На 07.03.2017 година во 15.00 часот, М.Х.(21) од село Чајлане, скопско, пријавил дека истиот ден околу 14.00 часот на булевар „Кочо Рацин“ непознат сторител одзел патничко моторно возило „Фолксваген Голф“,   сопственост на А.М.(23) од село Ласкарци, скопско, кое било оставено со клуч на брава и вклучен мотор. Сторителот влегол во возилото и заминал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот, возилото и за целосно расчистување на случајот.

На 07.03.2018 година околу 21,00 часот во Скопје на улица „Кузман Јосифовски Питу“ кај железничка станица во  аптека “Зегин“, маскирано лице со закана со пиштол извршило разбојништво над двајца вработени одземајчи го дневниот промет. Се превземаат мерки за пронаоѓање на сторителот. 
На 07.03.2018 година околу 09.30 часот во Полициската станица Чаир, Л.Х.(54) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 06.30 часот  нејзиниот свекор Д.Х.(78) се оддалечил од домот во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 07.03.2018 година околу 17.40 часот пријавено е земјено свлечиште над училиштето во село Пирок, тетовско, кое се спуштило на патот пред куќата на еден жител на селото. Притоа евидентирано е поплавување на подрумскиот дел и напукнување од надворешната страна од куќата, како и поплавување на плевна на друг жител, во непосредна близина.
 
Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против С.М.(32), Љ.Б.(27) и Ф.Б.(26), сите  од село Порој, тетовско, за сторено кривично дело -“ насилство“. На   06.01.2018 година  во Тетово второпријавениот по претходна вербална расправија физички нападнал 20 годишно лице од Тетово, по што во нападот се приклучиле и прво и третопријавениот.


Надворешната канцеларија за криминалистички работи  Струга поднесе  кривична пријава против  К.Ш.(58) од село Ложани, струшко и ТДУТУ „Шуми-81“ Струга ДООЕЛ село Калишта за сторено  кривично дело “даночно затајување“. Во село Калишта, Струга во хотел “Бисер”, при контрола од страна на инспектори од Управата за јавни приходи било утврдено дека во текот на 2012, 2013 и 2016 година пријавениот, како управител на второпријавеното правно лице, во чија сопственост е Хотел “Бисер” во село Калишта, не пријавувал дополнителни приходи остварени од угостителски услуги, со што одбегнал плаќање на данок на додадена вредност, данок на добивка и персонален данок, оштетувајќи го Буџетот на Република Македонија за износ од  3.899.058 денари.


Секторот за внатрешни работи Велес поднесена кривична пријава  против Г.П.(47) од Велес за сторено кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластување”. На 20.12.2016 година пријавениот, како градоначалник на општина Чашка, на сметка на изведувачот “Изгрев Инжинеринг” ДООЕЛ Велес уплатил само 5.777.855 денари, од вкупниот износ од 11.093.224 денари што од Агенцијата за финанскиска поддршка во земјоделството и руралните средини бил исплатен на сметката на општината за таа намена. По ова “Изгрев Инжинеринг” иницирал постапка за присилна наплата преку извршител, додека пријавениот по блокирањето на сметката на општина Чашка потпишал спогодба за подмирување на парично побарување, оштетувајќи ја општината за 297.325 денари.