Извадок од дневните настани 03.10.2017

На 02.10.2017 година околу 09.30 часот на ул. „Драге Карбуничанец“ во Кичево се  случила сообраќајна незгода во која Д.А. (22) од Кичево, управувајќи товарно моторно возило „Фолксваген  Крафтер“ со кичевски регистарски ознаки, удрил во четиригодишно дете од Кичево. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобило детето, кое по укажаната лекарска помош во Медицински центар Кичево  било пренесено во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Кичево.

На 02.10.2017 година во 23.40 часот во Единица за информации и команда Скопје, М. Д. од с.Сарај пријавил дека во 23.30 часот во неговиот двор била фрлена експлозивна направа која експлодирала и направила оштетувања на куќата и неговото возило. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 03.10.2017 година околу 01.40 часот на ул. „Варшавска“ во Скопје, од засега непознати причини, избувнал пожар при што целосно било опожарено патничко возило „БМВ Х5“ со скопски регистарски ознаки, сопственост  на Ј.Ј. од Скопје. Пожарот бил изгаснат во 02.25 часот од страна на екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Увид на местото на настанот ќе се врши во текот на денешниот ден.   

Во периодот од 23.00 часот на 01.10 до 10.30 часот на 02.10.2017 година на ул. „Орце Николов“ во Скопје, непознат сторител испукал неколку проектили од огнено оружје кон паркирано патничко возило „Порше“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Д.Т. од Скопје. Од проектилите било оштетено ветробранското стакло и дел од хаубата. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.  

На 02.10.2017 година во 19.40 часот во аптека на ул. „Московска“ во Скопје, две непознати лица извршиле разбојништво врз вработените. Сторителите со закана со пиштол од касата ги одзеле парите од дневниот промет и побегнале во непознат правец. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

На 02.10.2017 год во 23.30 часот на ул. „Никола Парапунов“ во Гостивар, по претходно пријавен настан - “телесна повреда при семејно насилство“, во момент на приведување на лицето на Н.Н.(26), тој со нож замавнал кон полициските службеници, но никого не повредил. Лицето веднаш било совладано и приведено во Полициска станица Гостивар. По целосно документирање на случајот, против Н.Н. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во периодот од 01.10 до 02.10.2017 година, во с.Инџиково, скопско, непознат сторител го скршил стаклото од влезната врата и стаклото од излогот од штабот на ПП „СДСМ“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.10.2017 година во 21.50 часот во Полициско одделение Ранковце,  И.Т. (51) од с.Ветуница, кривопаланечко, кандидат за градоначалник на општина Ранковце, пријавил дека на 01.10.2017 година во попладневните часови, додека негови активисти поставувале плакати на автобуската станица во с.Петралица и с.Опила, дошол Р.С. од с.Опила, кандидат за градоначалник, и не им дозволувал да ги поставуваат плакатите. Откако сепак  ги поставиле пплакатите,  на 02.10.2017 година во вечерните часови И.Т. забележал дека поставените плакати биле искинати.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава  против М.Р. (62) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”.  М.Р.  во својство на директор на Јавна здравствена установа Здравствен дом-Берово, во текот на декември 2015 година, без да обезбеди согласност од Советот за јавни набавки, спровела постапка за набавка на стоки и склучила договор за набавка на медицински апарати со два економски оператори, со што направила  штета на Здравствен дом - Берово во  износ од 2.327.550 денари.

Криминалистичката полиција од Струга поднесе кривична пријава против О.Н. (31) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „тешка кражба“, „тешка кражба во обид“ и „кражба“. Пријавениот, ги извршил делата во текот на минатиот месец. Насилно влегувал во куќа во Струга, во паркирани товарни моторни возила и работни машини паркирани во кругот на  фабрика за плочки во атар на селото Радолишта и во киоск за пецива лоциран во кругот на општинското средно училиште „Ибраим Темо“ во Струга. При извршување на делата тој користел алат и физичка сила. Успеал да одземе шест акумулатори од возилата и дел од инвентарот во киоскот за пецива. Полициски службеници го забележале во момент на извршување на кражбата во киоскот и веднаш го привеле во полициската станица. Со извршување на кривичните дела, пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од  60.000 денари.

СВР Скопје поднесе  кривична пријава  против  А.М. (17), К.Б. (19), М.Х. (20), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојничка кражба“. Пријавените на 28.09.2017 година околу 16.30 часот во маркет на улица „Народен Фронт“ во Скопје,  при обидот да извршат кражба биле забележани и спречени од вработените. Притоа, А.М. нападнал еден од вработените, удираќи го со тупаници во пределот на главата и со М.Х. побегнале од маркетот. Од страна на вработените К.Б. бил задржан во просторите на маркетот, а подоцна бил лишен од слобода од страна на полициски службеници од Полициска станица Центар.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава  против И.С. (42) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „силување”. Пријавениот, од крајот на 2015 година до 27.09.2017 година повеќе пати ја присилувал на обљуба А.Ј. (18) од Делчево. Тој ја уценувал дека ќе објави нејзина видео снимка со порнографска содржина. И.С. исто така, се заканувал  дека ќе посегне по нејзиниот и животот на нејзините блиски од семејството.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Г.С. (34)  од с.Требош, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „насилство’’. На 04.09.2017 година околу 03.00 часот  во угостителски објект на стариот пат за с.Желино, тетовско,  сопственост на пријавениот, тој физички ги нападнал Б.З. (45) и Х.С. (52), од Скопје. Имено, откако Б.З. и Х.С. го исполниле претходно договорениот ангажман, побарале пријавениот да им даде паричен надоместок за извршената работа, но тој физички ги нападнал. Во нивна одбрана се приклучил Е.А., кој, исто така, бил  физички нападнат од  пријавениот и од вработени во угостителскиот објект.


Одделот за внатрешна контрола,  криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против Б.М. (34) и Б.Д. (38), полициски службеници во Прифатен центар за странци при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “лажно пријавување на кривично дело“. Пријавените на 04.08.2017 година пријавиле дека биле нападнати од задржаниот К.Н. од Авганистан. По извршените проверки, како и увидот во системот за видео надзор во прифатниот центар за странци, било утврдено дека во дежурната просторија немало физички контакт помеѓу полициските службеници и К.Н., што е спротивно на нивната пријава за кривично дело „напад на службено лице при вршење на работи на безбедноста“.