Извадок од дневните настани 04.10.2017

  

   На 03.10.2017 година околу 19,20 часот во Скопје на ул. “Максут Садик“ во колонијална продавница, С.Н., кој бил во алкохолизирана состојба влегол во продавницата и побарал да биде услужен со алкохол, но од вработените П.А.(23) и уште едно 16 годишно лице не бил услужен. С.Н. почнал вербално, а потоа и физички да ги напаѓа, најверојатно употребувајќи и метална шипка. Вработената и малолетникот се здобиле со повреди и со возило на итна медицинска помош се префрлени во Градската општа болница “8-ми Септември“, каде од страна на доктор им се констатирани телесни повреди. Се превземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 03.10.2017 година околу 09.30 часот од страна на Бригадата за противпожарна заштита пријавено е дека на ул. “Борис Сарафов“ била опожарена куќа во чиј склоп се наоѓа и бурекџилница, сопственост на Б.М.(59) од Скопје, при што огинот ги зафатил вториот кат од куќата и кровната конструкција. Пожарот е изгаснат околу 11.00 часот, а повредени лица нема. Увид е извршен од страна на екипа од СВР-Скопје.

На 03.10.2017 година во 21,30 часот во Полициското одделение-Камењане, М.Л.(55) од Р.Албанија, пријавил дека на 30.09.2017 година околу 07.00 часот, од дома во с.Пирок, во непознат правец се оддалечил неговиот син М.Ш.(27) од Р.Албанија, кој со престој бил пријавен во Полициското одделение-Камењане на  28.09.2017 година како гостин во с.Пирок. Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 03.10.2017 година околу 15.25 часот, Н.Р. пријавил дека на ул. “Тале Христов“ Скопје-Север, од страна на непознат сторител извршено е оштетување (искршени се две прозорски стакла и стаклена врата) на штабот на политичката партија ДУИ. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.

Полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово, вчера (03.10.) околу 11 часот го лишиле од слобода Н.С.(45), осуден на едногодишна затворска казна за сторено кривично дело “измама“. По приведувањето и кусото задржување, реализиранo со судска наредба, Н.С. е предаден за издржување на казната во КПУ “Тетово“.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против Ќ.К. (60) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „трговија со дете“, предвидено и казниво во член 418-г став 2 од КЗ на РМ. Пријавениот искористил згодна прилика и грабнал 11-годишно дете, кое престојувало во Прифатен центар за бездомни лица „Чичино Село“  во с.Сарај, по што го однел во својот дом каде навечер го чувал заклучен, а преку ден го принудувал на питачење. На 25.09.2017 година детето било пресретнато  со патничко возило во кое, освен пријавениот, биле уште две непознати лица. Се обиделе да го намамат со тоа што на детето му кажале дека неговиот татко е во возилото, но тоа одбило да влезе во возилото. Во тој момент едно од непознатите лица излегло од возилото и насилно го внел.  Потоа, со употреба на сила, го однеле во домот на пријавениот и го сместиле во просторија без прозорци, осветлување и мебел и го држеле заклучено. Воедно, му се заканиле дека врз него ќе употребат физичка сила доколку не биде мирно. Следните денови, пријавениот го носел детето во близина на стоковната куќа „26 ти Јули“ и го принудувал да питачи. Цело време тој бил во негова близина и му ги одземал собраните пари од питачењето. На 29.09.2017 година, пријавениот го принудил детето да питачи пред трговски центар „Веро“ на бул. „Кузман Јосифовски Питу“. Случајот бил пријавен во полиција од страна на родителите на детото, по што била распишана потрага. На 29.09.2017 година околу 13.45 часот неговиот татко го забележал детето во близина на трговскиот центар “Веро“, а пријавениот побегнал од местото. По преземни мерки пријавениот бил приведен и изведен пред судија на претходна постапка, при што му е одредена мерка притвор во траење од 30 денови.      

Секторот за внатрешни работи Охрид  поднесе кривична пријава против  Ѓ.Б.(26) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “тешка телесна повреда“. Во тепачка помеѓу пријавениот и М.Д.(30), којашто следела по вербална расправија, од здобиените удари М.Д. се здобил со тешка телесна повреда, и поради сериозноста на повредите е пренесен во болница Св.Еразмо.

Полициска станица Валандово поднесе кривична пријава против Н.О.(78)  с.Чалакли, Валандово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “предизвикување општа опасност “. На  14.09.2017 година околу 10,30 часот во место викано „Чинар чатал“ атар на с.Чалакли, Валандово пријавениот при извршување на работи на неговата нива предизвикал пожар, при што е опожарена ниско стеблеста шума на површина од 150 хектари, а предизвикана е опасност од опожарување на куќите во Чалакли. Со пожарот Јавното претпријатие „Македонски шуми “ подружница „Саланџак“ е оштетено за околу 400.000 денари.