Извадок од дневните настани 13.10.2017

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ф.П.М. (20) од с.Требеништа, охридско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “силување”. Пријавениот на 07.10.2017 година околу 18.40 часот во с.Требеништа во штаб на политичка партија ја соборил на земја К.П.(30). Но, после нејзините молби да ја пушти, пријавениот во еден момент застанал и почнал да и се извинува, ја оклучил вратата, и оштетената успеала да избега.

На 12.10.2017 година во 14.20 часот на ул. „Хусеин Бајрам“ во Скопје се случила сообраќајна незгода во која патничко возило „Форд Фокус“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Г.Б. (44) од Скопје удрило во пешакот Ј.П. (83) од Свети Николе. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила Ј.П., која со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Градска општа болница „Св. Наум Охридски“. По укажаната лекарска помош Ј.П. била пуштена на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје.

На 12.10.2017 година во 19.45 часот во Полициската станица Центар, А.З. (42) од Скопје пријавил дека истиот ден во 19.10 часот на булевар „Кузман Јосифовски Питу“ околу 10 непознати лица физички го нападнале неговиот 17-годишен син. Напаѓачите го удриле со рака во пределот на тилот по што паднал на земјата и продолжиле да го удираат со удари со нозе и тупаници во пределот на телото. Од нападот малолетникот се здобил со отоци во пределот на главата, црвенило и гребаници во пределот на нозете и црвенило во пределот на грбот и стомакот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на напаѓачите и за целосно расчистување на случајот.

На 12.10.2017 година околу 08.00 часот во Единицата за информации и команда Скопје било пријавено дека на 11.10.2017 година околу 07.40 часот во Градската општа болница „8-ми Септември“ бил примен В.С. (33) од Скопје со повреди од огнено оружје на десната страна на лицето, десното колено и десната рака. Имено, В.С., истиот ден бил на лов на „Зајчев Рид“ и околу 07.00 часот, додека се движел кон местото викано „Бардовечко брдо“, слушнал истрели од огнено оружје, по што се здобил со телесни повреди. Врз В.С. била извршена хируршка интервенција и се наоѓа надвор од животна опасност. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 12.10.2017 година околу 01.40 часот во Единицата за информации и команда Скопје, од страна на Итна медицинска помош, било пријавено дека на ул. „Орце Николов“ во Скопје од страна на случајни минувачи во патничко возило „Хјундаи“ со скопски регистарски ознаки бил пронајден починат Г.С. (42) од Скопје. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.

На 12.10.2017 година во 15.00 часот на стрелиштето Џидимирци - Криволак, при боево гаѓање, бил предизвикан пожар. Вработени во воениот гарнизон веднаш биле упатени за гаснење на пожарот. При гаснењето на пожарот, професионалниот војник О.Х. (35) од Штип се пожалил на болки во стомакот и повраќање. Тој со санитетско возило бил транспортиран во касарната. На пат кон касарната здравствената состојба му се влошила, по што санитетското возило се упатило кон Медицинскиот центар Неготино. На пат кон болницата, војникот починал. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на одбукција.

На 12.10.2017 година во 12.50 часот во водите на реката Вардар, на место викано „Долни Дуќани“- Велес, од страна на граѓанин бил пронајден леш на женско лице на возраст од околу 70 години. По овластување на Јавен обвинител, увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Велес. Се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на лицето и целосно расчистување на случајот.

 На 12.10.2017 година околу 16.00 часот на Ургентното одделение во болница во Гостивар бил донесен Џ.К. (59) од с.Балиндол, кој испил, односно се затрул со непозната течност која била во шише за вино. На Џ.К. му била укажана лекарска помош, а поради сериозно нарушената здравствена состојба бил префрлен во Ургентен центар Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 12.10.2017 година во 22.10 часот во Полициската станица Струмица, К.К. (37) од с.Иловица пријавил дека истиот ден во 12.00 часот од дома на училиште во Струмица заминала неговата 17-годишна ќерка, но со пристигнување на школскиот автобус во 20.30 часот, таа не се вратила дома. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 13.10.2017 година во периодот од 01.50 до 02.15 часот во „Информативен центар“ бр.2 на ул. „Илинденска“ во Кавадарци, простор кој го користи коалицијата предводена од политичката патија ВМРО-ДПМНЕ, непознат сторител искршил стакло од објектот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 12.10.2017 година во 20.50 часот во с.Пласница, при одржување на јавен собир во организација на политичка партија ДУИ, односно во формирана колона од возила која се движела од с.Лисичани низ с.Преглово кон с.Пласница, кога пристигнале во близина на штабот на ДУИ, кој се наоѓа на сред село, од колоната на возила во движење биле испукани неколку куршуми од огнено оружје најверојатно пиштол. Истиот ден, околу 20.00 часот во с.Лисичани, додека се одржувал јавен собир на кој говорел градоначалникот на с.Пласница, непознато лице испукало неколку истрели од огнено оружје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 12.10.2017 година од 18.30 до 19.40 часот во с.Злетово во организација на политичката партија ВМРО ДПМНЕ се одржал јавен собир. За време на одржување на собирот, во 19.45 часот С.Н.(71) од с.Злетово го нарушил јавниот ред и мир со викање и непристојно однесување. Тој бил приведен во Полициската станица Пробиштип и му била поднесена прекршочна пријава.

На 11.10.2017 година во 20.36 часот во Полициската станица Струга, А.А. пријавил дека на ул.„Маршал Тито“, во куќата сопственост на неговиот татко Ш.А. (61), истиот ден во периодот од 18.00 до 20.00 часот, непознат сторител извршил тешка кражба. Сторителот насилно отворил еден од прозорците, влегол внатре и одзел 3000 евра, 12.000 денари и разновиден златен накит, по што го напуштил местото. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 12.10.2017 година во Полициската станица Гостивар, С.И. (51) од с.Долна Бањица, гостиварско, пријавил дека во периодот помеѓу 19.30 часот и 21.00 часот непознати сторители извршиле тешка кражба во неговата куќа. Сторителите насилно го отвориле прозорецот од кујната, влегле внатре и од спалната одзеле женска чанта со 2500 евра, три часовници и мобилен телефон, а од друга просторија одзеле женски паричник со 100 евра, 3000 денари, златен накит, сет со верски книги и здравствена електронска картичка, по што го напуштиле местото. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

На 12.10.2017 година во 21.17 часот во Единица за информации и команда Скопје било пријавено дека во продавница на ул. „Бранислав Нушиќ“ три непознати маскирани лица извршиле разбојништво над вработените. Сторителите со закана со пиштол на вработените и купувачите им наредиле на легнат на земја, по што одзеле околу 50.000 денари од дневниот промет и побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

На 12.10.2017 година околу 20.30 часот на ул. „Широк Сокак“ во Битола четири непознати лица извршиле разбојништво над 12-годишно момче. Додека оштетениот бил со свое другарче, ги пресретнале непознатите лица, едното од нив го фатило за врат и му го одзело мобилниот телефон, по што побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.Б. (44) од Скопје и С.П. (45) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Во периодот од јануари 2014 година до октомври 2015 година, Д.Б. во својство на генерален директор на АД „ЕЛЕМ“-Скопје писмено ја овластил С.П., како внатрешен ревизор за економски работи во службата за внатрешна ревизија при АД „ЕЛЕМ“ Скопје, да врши работи за време на неработни денови или во празници. С.П. не изготвувала ревизорски извештаи за извршени работни задачи, кои согласно договорот била должна да ги изготви и достави до дирекцијата на АД „ЕЛЕМ“ Скопје. И покрај тоа, Д.Б. за наведениот период одобрил исплата на надоместоци за плата, за ноќна работа и работа во државен празник, со што и овозможил на С.П. да се стекне со противправна имотна корист во износ од 140.226 денари, на штета на АД „ЕЛЕМ“ Скопје.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против И.С. (26) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „разбојништво“ и едно кривично дело „разбојничка кражба“. На 29.05., 27.06. и 07.07. годинава во три аптеки на „Зегин“ во Скопје, со закана со нож, извршил разбојништво при што одзел вкупно 42.500 денари. Кривичното дело „разбојничка кражба“ го извршил на 10.05.2017 година околу 20.30 часот на булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“, исто така, во аптека на „Зегин“, каде што одзел 18.960 денари. Во тој момент од задната просторија излегла вработената во аптеката, на која пријавениот и се заканил да молчи.

СВР Тетово поднесен известување во вид на кривична пријава против Ј.Р. (17) од с.Шипковица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 07.09.2017 година околу 15.30 часот во ходникот во средното училиште „Никола Штејн“ во Тетово, пријавениот после вербална расправија физички нападнал 16-годишник од с. Жеровјане при што го удирал по телото и главата. После тоа 16-годишникот бил пренесен во Клиничка болница Тетово.