Извадок од дневните настани 14.10.2017

На 13.10.2016 во ПС ОН Кавадарци две лица пријавиле дека се уценувани од непознато лице да му дадат парични средства за да не објави компромитирачки материјали за нив на социјалните мрежи. По пријавата, од слобода е лишен А.Ц.(30) од Кавадарци поради основано сомнение за сторено кривично дело „уцена“. Се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 13.10.2017 година во 16.00 часот  во Скопје, во паркот „Жена борец“, две засега непознати лица со закана со нож извршиле разбојништво врз 15 годишно момче од Скопје, при што му одзеле 7 000 денари. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

 

На 13.10.2017 година во 10.00 часот, З.Р. пријавил дека на 13.10.2017 година во времето од 01.00 до 08.00 часот во с.Долно Свиларе-Скопје во ресторан „Те Конаку“ негова сопственост, засега непознати лица фрлиле пластично шише со непозната течност, при што предизвикале пожар. Од пожарот опожарен е дел од надворешна фасада, прозор, агол од покривна конструкција и дел од украсна завеса. Пожарот сам се изгаснал. Извршен е увид на местото на настанот и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.  

 

На 14.10.2017 година во 03,10 часот во Охрид во дворното место на куќата на полициски службеник од Полициска станица Охрид, засега непознат/и сторител/и фрлил/е две запалени шишиња со непозната течност, со што е причинета незначителна материјална штета. Секторот за внатрешни работи Охрид превзема мерки за расчистување на случајот.

 

На 13.10. 2017 година во 20,00 часот, пријавено е дека околу 20,00 часот на околу 500 метри од игралиштето на ОУ „Кирил и Методиј“  во с.Кучевиште-Скопје, додека Ј.П. од општина Чучер – Сандево се движел со патничко моторно возило „Тојота“, група од повеќе лица фрлале со пластични шишиња и лименки по возилото.

 

На 13.10.2017 година во 17.10 часот, од Градската општа болница “8-ми Септември“ примено е известување дека кај нив починал Б.С.(19) од с.Ропалце - Куманово, кој во 14.30 часот со приватно возило бил донесен со тешка повреда на главата. Имено, околу 14.00 часот додека Б.С. бил на стадион во с.Сарај-Скопје, се фатил со рацете за стативата од голот, истата се скршила, Б.С. паднал, а врз неговата глава паднала стативата. Се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот.

 

На 13.10.2017 година во 19,00 часот во Полициската станица Богородица за влез во РМ се пријавил да патува А.И.(62) од Р.Грција кој управувал ,,Порше Каен‘‘ со грчка национална ознака. Од страна на полициски службеници при вршење гранични проверки констатирано е дека истиот има извршено промена во ВИН бројот. Известен е дежурниот обвинител, која наредил лицето и  возилото да се задржат.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против  Ѓ.М. (29) од  с. Здуње, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 02.09.2017 година околу 05.00 часот, Ѓ.М. откако ги потрошил парите во  казино во Гостивар, од  лицето Б.И. (33) од Гостивар побарал да му позајми 1000 денари. Б.И. го одбил, по што настанала вербална расправија, по која Ѓ.М. на  Б.И. му задал  неколку удари со тупаници во пределот на главата и му нанел тешка телесна повреда.       

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Е.Ќ. (46) од с.Велешта поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело ,,измамување на купувачи”, продолжено кривично дело ,,фалсификување или уништување на деловни книги” и против С.П. (53) поради постоење основи  на сомнение за продолжено кривично дело ,,злоупотреба на службена положба  и овластување”. Е.Ќ. во текот на 2017 година нелегално набавил или украл дрвна маса, која била нелегално набавена и со употреба на погодно средство им ги отстранил ознаките. Од С.П. побарал да му стави службени ознаки – жиг. Потоа, првопријавениот изготвил уште три деловни испратници во кои внел лажни податоци. Со таквите дејствија на првопријавениот му било овозможено да се стекне со имотна корист од 230.400 денари.

 

На 14.10.2017 околу 00,55 часот, А.Б. пријавил дека на ул.„Цветан Димов“ во Скопје, непознат сторител со бекатон плочка скршил прозорско стакло од штаб на политичка партија.

 

На 13.10.2017 М.С. од село Корешница-Демир Капија во Полициската станица Неготино пријавил дека С.Б. (43) од с.Корешница  му понудил пари за да гласа за еден од кандидатите за градоначалник на Демир Капија. Во врска со пријавениот настан, во Полициска станица Неготино заради прибирање на информации се повикани неколку лица  и за истото се известени јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Кавадарци и Основно јавно обвинителство Велес, кои дале насоки по комплетирање на случајот да се поднесе соодветен поднесок до Основно јавно обвинителство Велес со целокупната документација.