Извадок од дневните настани 17.10.2017

На 16.10.2017 година околу 19,30 часот било пријавено дека во Скопје на бул. „Кузман Јосифовски Питу“, поточно на кејот на реката Вардар три непознати лица извршиле разбојништво над И.А. (18) на тој начин што најпрвин започнале разговор со него, а потоа едно од лицата од позади го удрило во пределот на главата, по што оштетениот паднал. Тогаш лицата почнале да му пребаруваат по џебовите одземајќи му 500 денари и мобилен телефон, по што го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 16.10.2017 година околу 04,30 часот било пријавено дека во с.Конопница-Крива Паланка, во куќа сопственост на С.А.(77), две непознати лица насилно ја отвориле влезната врата и влегле во собата во која спиела неговата сопруга Д.А. (84), по што едно од лицата физички ја нападнало удирајќи ја со раце и тврд предмет во пределот на главата и телото воедно барајќи и пари. Во еден момент Д.А. успеала да се отргне и да влезе во друга соба каде се обидела да ја заклучи вратата, но едно од лицата успеало да влезе внатре и продолжило да ја удира. Потоа лицата излегле во просторијата-светларник каде го искршиле стаклото од влезната врата и заминале во непознат правец. Од страна на лицата не било извршено пребарување по собите, но според оштетената и недостасувала една златна пара која ја носела на вратот врзана со црна врвка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
    
На 17.10.2017 година во 00,10 часот во СВР-Скопје, Б.С. (20) од с.Галате-гостиварско, пријавил дека на 16.10.2017 година околу 23,25 часот на бул. „Партизански Одреди“, на паркинг просторот кај Трговски центар-Лептокарија, додека бил со неговиот другар Т.Б. (20) од с.Галате, од страна на три непознати лица им било извршено разбојништво. Имено, откако лицата им се доближиле, им побарале пари заканувајќи им се дека физички ќе ги нападнат. Тогаш оштетените од паричниците извадиле и им дале 2.000 денари по што лицата веднаш го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 16.10.2017 година околу 20,30 часот било пријавено дека во с.Дебреште-Прилеп, во куќа сопственост на С.И. (54), неговиот син Е.И. (27) забележал дека од страна на непознато лице била извршена тешка кражба на тој начин што е извршено пребарување по собите, и при тоа бил одземен златен прстен, 21.500 денари и 1.000 евра. Додека Е.И. се распрашувал низ селото во врска со кражбата, пред куќа на соселанец забележал возило, во кое имало три непознати лица. Тогаш едно од лицата кое седело на совозачкото место извадило пиштол и испукало еден куршум. Е.И. исплашен, со неговото возило го напуштил местото на настанот, а лицето повторно испукало еден куршум и го погодил задниот дел од возилото на Е.И. По настанот лицата го напуштиле местото на настанот. Увид извршила екипа од ПС-Прилеп, при што е пронајдена една чаура и еден проектил на задното седиште од возилото на Е.И. Од страна на полициски службеници по превземени мерки лоцирано е возилото со кое биле лицата како се упатува кон месноста “Украсен камен“, каде удрило во ограда од викендица, а потоа во дрво, по што лицата избегале. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 16.10.2017 година околу 22,50 часот било пријавено дека на автопатот Куманово-Граничен премин “Табановце“ на место викано „Костурник“, полициски службеници од Полицска станица за Граничен надзор Сопот забележале дека застанало возило од кое излегле 15 лица-мигранти (од кои четири лица од Индија, три лица од Авганистан и осум лица од Пакистан), а возачот со возилото се дал во бегство. Мигрантите се сместени во Прифатниот центар-Гевгелија. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

На 16.10.2017 година околу 11,00 часот во с.Ново Село-струшко, во куќата сопственост на Г.И.(32) од засега непознати причини настанал пожар, при што во куќата била неговата три годишна ќерка, која се здобила со изгореници. Девојчето во тешка здравствена состојба било пренесено во Медицинскиот центар во Струга, од каде поради сериозноста на повредите требало да биде транспортирана во болница во Скопје, но пред Кичево состојбата и се влошила, по што била пренесена во Медицинскиот центар во Кичево, каде во 14,20 часот починала. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица од Струга. Во согласност со Јавен обвинител телото на починатото девојче е предадено на семејството за погреб.

На 16.10.2017 година околу 20,55 часот во СВР-Скопје, полициски службеници со службено возило „Дефендер“ се движеле по автопат кон Скопје под мостот Маџари, од страна на непознато лице било фрлено со камен при што било оштетено ветробранското стакло, од што, пак,  на повреди се пожалил еден полициски службеник кој бил пренесен во Ургентниот центар во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

16.10.2017 година околу 18,35 часот во СВР-Скопје, Н.Б. пријавил дека на бул.„Гоце Делчев“ пред Основен суд Скопје-1, физички бил нападнат од непознато лице при што бил удрен со тупаница во пределот на лицето, а потоа истиот со возило сакал да го прегази по што го напуштил местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 16.10.2017 година околу 07,30 часот во атар на с.Дреновци-прилепско, Р.Б. (35) од истото село, управувајќи трактор на планински терен се превртел, по што истиот починал на самото место, а неговиот брат П.Б. (27) кој исто така се превезувал на тракторот се здобил со тешки телесни повреди (фрактура на десна нога и подколеница). Братот на починатиот се јавил кај соселани да побара помош, кои по пристигнувањето го извадиле телото на починатиот кое било пригмечено под тракторот и со приколка го пренеле телото на место викано „Скапец“, каде од страна на медицинско лице била констатирана смрт. Од страна на увидна екипа од ПС Прилеп било излезено на местото на настанот и бил извршен увид.


На 16.10.2017 година во 20,00 часот во ПС-Кавадарци, Р.Ѓ. (34) од Кавадарци пријавил дека истиот ден околу 08,30 часот од домот во непознат правец се оддалечил неговиот татко Н.Ѓ. (60) од Кавадарци. Истиот имал здравствени проблеми. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
    
На 16.10.2017 година околу 15,00 часот во близина на објектот на Полициска станица за Граничен надзор бил затекнат Т.К. (54) од Косово, заедно со уште неколку лица со трактор кои преку реката Лепенец нелегално ја преминале државната граница. Лицата кои биле со Т.К. се дале во бегство, а на местото на настанот била извршена нелегална сеча на дрва на околу три метри кубни огревно дрво (топола и јасика). Осомничениот бил приведен во Полициска станица за Граничен надзор“Блаце“ и по извршениот разговор во 21,00 часот лицето било ослободено и протерано преку Граничен Премин“Блаце“.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ќ.Н. (57) од  Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “убиство во обид“ предвидено и казниво по чл.123, во врска со чл.19 од КЗ на РМ. На 14.10.2017 година околу 13,00 часот во објектот на АД “Македонски пошти“ на ул.“Илинденска“ во Тетово, откако  вработената Ф.А. (31) му посочила на пријавениот дека поради промена на работната смена, ќе треба да почека за уплата,  пријавениот  удрил со тупаница во шалтерското стакло, при што од парчињата од скршеното стакло истата се здобила со  исекотина на лицето. При тоа излегол  контролорот С.И.(53), кој забележувајќи дека пријавениот држи нож во раката,  го замолил  да го напушти објектот, при што пријавениот почнал да упатува заканувачки зборови кон С.И., а потоа го нападнал со ножот, нанесувајќи му исекотина во пределот на лицето. Откако пријавениот го напуштил објектот влегол во такси возило, управувано од М.А.(60),  му се заканил дека ќе го убие доколку не го одвезе на одредена адреса. Откако М.А. му одговорил дека има повик од други патници, пријавениот и нему му нанел две убодни рани во пределот на десната рака и една исекотина во пределот на дланката на левата рака. Од страна на полициски службеници пријавениот бил приведен, а од на судија на претходна постапка му била изречена мерка притвор во времетраење од 30 дена.

СВР Скопје поднесе  кривична пријава против  Д.Т. (28) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „предизвикување општа опасност“ и А.Т.(36) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело “предизвикување општа опасност“ по чл.288 в.в. чл.22 од КЗ на РМ. На 15.05.2017 година околу 23,55 часот, на булевар „Асном“ во Скопје пред угостителски објект од такси возило управувано од  второпријавениот, излегол Д.Т. заедно со уште едно непознато лице опожарил возило “Мерцедес“, при што од пожарот било опожарено и возило “Опел Мовано“. По ова првопријавениот, заедно со другото лице се вратиле во такси возилото. Возилото набргу било застаното од полициски службеници, при што Д.Т. и непознатото лице избегале, додека А.Т. бил лишен од слобода.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Г.Н. (49) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавениот, во својство на  самостоен референт за геодетско катастарски  работи, без никаков правен основ извршил промени на сопственост на куќа со деловени простории на ул.“Петар Петровиќ-Његош“ (КП 8936/1 во ИЛ 92708 КО Битола 3), со коишто стопанисувало АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Р.Македонија. Пријавениот, првично во 2011 година пополнил пријава за запишување на промена во катастар на недвижности, без знаење на Н.Ј. од Битола, со што ја пренел куќата во нејзина сопственост, а потоа во 2012 година со непостоечки купопродажен договор ја пренел куќата во сопственост на  Н.У. од Радовиш, со што Г.Н. прибавил значителна противправна имотна корист, а и нанел значителна штета на државата.
СВР Велес поднесе кривична пријава против М.Н.(65), Ј.А.(62) и Г.С. (60), сите од Велес поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела: „бесправно градење“, “употреба на исправа со невистинита содржина“ и “несовесно работење во службата“. М.Н. и Ј.А. од  март до мај 2013 година без одобрение за градење, бесправно изградиле градежен објект  во место викано “Костурница“ во Велес, и за тој објект на  12.03.2013 година кај нотар завериле „изјави“ дека  е изграден пред влегување во сила на Законот за бесправно изградени градежни објекти. Потоа тие изјави ги употребиле за легализација, на бесправно изграден градежен објект на почетокот на 2016 година до Општина Велес. На 14.03.2013 година, третопријавениот, во својство на градежен иснпектор при општина Велес,  заедно со Инспекциската служба при Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура, и покрај тоа што присуствувал на увид кога било утврдено дека на лице место на означената парцела било започнато извршување на градежни работи, не извршил должен инспекциски надзор и идентификување на градителот се до 21.05.2013 година, кога со инспекциски надзор утврдил дека на означената парцела веќе бил изграден градежниот објект.
НК КР Пробиштип  поднесе кривична пријава против Трговско друштво за производство, транспорт, трговија и услуги увоз – извоз „Црешово топче“ ДООЕЛ Скопје и Ц.Г.(64)  од Пробиштип, основач и сопственик на „Црешово топче“ ДООЕЛ Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“  по чл.244-а ст. 1,3 и 5 од КЗ на РМ. Пријавените  од  ноември 2011 година до јули 2012 година без одобрение за градење издадено од надлежен орган и без договор со заедницата на сопственици на посебни делови на објектот или писмена согласност од мнозинството сопственици изградиле  мост од челична конструкција, доградба на административно–деловен објект и надградба на еден кат на административно - деловен објект на катастарски парцели за КО Пробиштип, во сопственост на РМ и сосопственост  на други лица сосопственици на посебни делови од објект.